Европскиот парламент денеска гласа за новата Еврокомисија
27 ноември 2024Ден на одлука за новата Еврокомисија. Пратениците на Европскиот парламент денеска ќе гласаат за одобрување на новиот состав на Комисијата на ЕУ на чело со нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен.
За да се потврди новата Европска комисија, неопходно е таа го добие мнозинството гласови дадени во Европскиот парламент (ЕП).
Европратениците пред гласањето ќе учествуваат во дебата со Фон дер Лајен за нејзиниот нов тим од 26 еврокомесари и за програмата на Комисијата.
Претседателката на Европската комисија по гласањето ќе одржи и прес-конференција заедно со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
Гласањето доаѓа откако сите кандидати за комесари на ЕП, меѓу кои и кандидатката за еврокомесар за проширување Марта Кос и кандидатката за висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, беа сослушани пред надлежните комисии на ЕП од 4 до 12 ноември, по што пратениците оцениле дека се подобни за тие позиции и се способни за вршење на должности поврзани со нивните доделени ресори.
Откако Европскиот парламент ќе ја избере Комисијата, таа треба формално да биде назначена од Европскиот совет со квалификувано мнозинство.
Се очекува новата Европска комисија да стапи на функција на 1 декември 2024 година.