1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Нов закон за доселување: Франција на антимиграциски курс

Андреас Нол
20 декември 2023

Преговорите повеќепати беа на работ на неуспех, но сега и двата дома на францускиот парламент се договорија за нов закон за доселување. Претседателскиот табор, сепак, покажува јасни пукнатини.

https://p.dw.com/p/4aNqD
Франција | Миграција | Национално собрание
Реформата одобрена во парламентот: Франција доби построг закон за доселувањеФотографија: Michel Euler/AP photo/picture alliance

Претседателот Емануел Макрон првично го формулираше мандатот за нов закон за имиграција според традицијата на неговата политика „и/и“. Макрон  пред повеќе од една година вети дека неговата влада ќе спроведе „урамнотежена“ реформа. Закон кој ја спречува илегалната миграција и го олеснува депортирањето на одбиените баратели на азил, но и ја промовира интеграцијата на мигрантите кои имаат работа во Франција.

Но,  на парламентарните избори летото 2022 година, партиите од коалицијата го загубија апсолутното мнозинство во Националното собрание. Деснoграѓанските републиканци (Les Républicains - LR) доминираат во Сенатот. Под притисок на екстремно десничарската партија Национален сојуз  (Rassemblement National - RN) на Марин Ле Пен, републиканците во последниве години се насочија кон десно. Затоа на набљудувачите со недели им беше јасно дека владата ќе добие мнозинство во парламентот само со значително построги реформи. Макрон неодамна повика на „интелигентен компромис“ меѓу страните.

Сенатот уште во рана фаза ја избриша централната точка на реформата. На мигрантите не им се дава право на престој во Франција дури и ако најдат работа во сектори со недостиг на работна сила. Владата мораше да направи дополнителни болни отстапки во комисијата за посредување (commission mixte paritaire), која се состои од седум сенатори и седум пратеници. Со новиот закон за доселување, Франција се приклучува кон антимиграцискиот курс, на кој што неодамна, меѓу другите, тргнаа и нордиските земји.

Приоритет за Французите во делот на социјалните бенефиции

Владата ѝ направи големи отстапки на конзервативната опозиција особено кога станува збор за дозволите за престој и пристапот до социјалните бенефиции. За детски додаток или право на стан, се предвидува период на чекање од пет години за оние кои немаат работа. Имигрантите со работа мора да чекаат две и пол години.

Посебно спорен меѓу владината фракција и републиканците беше пристапот до додаток за домување (АПЛ). Во иднина, странците кои не се членки на ЕУ ќе имаат право на додаток за домување само по пет години престој во Франција. Оној кој има работа, студира или е признат барател на азил, ќе добие поддршка по само три месеци престој.

Лидерот на ЛР, Ерик Соти и министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин во парламентот
Лидерот на ЛР, Ерик Соти (л.) и министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин во парламентотФотографија: LUDOVIC MARIN/AFP

Едвај некакво олеснување за „Sans Papiers“

Мигрантите без право на престој, таканаречените „sans papiers“, секогаш се предмет на жестоки дебати во Франција. Правилата се заоструваат и во тој дел. Во иднина, префектот ќе има можност да им даде дозвола за престој на овие луѓе доколку работат во професии каде има недостиг на работна сила, ако живеат во Франција најмалку три години и последен пат биле вработени најмалку дванаесет месеци. Сепак, дозволата за престој важи само една година.

Работниците можат да поднесат барање за ваква дозвола за престој и без согласност од својот работодавач, што се смета за отстапка на опозицијата. „Sans Papiers“-реформата засега е декларирана како експеримент и треба да важи до 2026 година.

Нелегалниот престој во Франција повторно се смета за кривично дело и ќе се казнува со една година затвор и парична казна од 3750 евра. Шефот на ЛР, Ерик Соти, од министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин доби ветување дека ќе се забрза изградбата на затвори за депортација. До 2027 година во Франција треба да бидат отворени 11 нови „административни прифатни центри“.

Франција, Париз | дебата во сенатот
Конзервативното мнозинство во Сенатот ги заостри плановите на владатаФотографија: Ait Adjedjou Karim/ABACA/picture alliance

Горни граници за имиграција

Иако владата смета дека имигрантските квоти поставени од Парламентот се неуставни, компромисот предвидува соодветна регулатива за следните три години. Според тоа, горната граница важи за странците од земји кои не се членки на ЕУ - барателите на азил се исклучени од тоа. Многу политичари од претседателскиот табор, но и од левичарската опозиција се надеваат дека Уставниот совет ќе ја поништи регулативата при ревизија. Министерот за внатрешни работи Дарманин, кој и самиот е поранешен член на републиканците, во вторникот вечерта (19.12) во Сенатот опиша некои делови од законот како неуставни.

Отежнат пристап до државјанство

Странците родени во Франција во иднина веќе нема да добиваат автоматски француско државјанство штом ќе станат полнолетни. Во периодот помеѓу 16. и 18. година од животот ќе мора да се поднесе барање за тоа. Оној кој бил осуден за кривично дело, нема да добие државјанство.

На лицата со двојно државјанство може да им се одземе француското државјанство доколку биле осудени за убиство со умисла на некој државен службеник. Ова правило би требало да ги штити полицајците, пожарникарите и наставниците.

Освен тоа, пратениците донесоа и построги правила за спојување на семејствата и кауција за студентите за да може да се покријат евентуални трошоци за протерување. На странците им се отежнува и пристапот до здравствено осигурување.

Франција | миграција | протести во Париз
Протести во Париз против планираниот закон за доселувањеФотографија: Mohamad Alsayed/Anadolu/picture alliance

Реакции на реформата

Лидерката на Националниот сојуз, Марин Ле Пен, го опиша компромисот како „идеолошка победа“ за нејзината партија. „Сега 'националниот приоритет', односно предноста што им се дава на Французите пред странците за одредени социјални бенефиции, конечно е закон“, рече Ле Пен, чија партија моментално води во анкетите. Сите 88 пратеници на РН гласаа за новиот закон во Националното собрание, а „за“ беа и 62-та републикански пратеници.

Претседателскиот табор немаше да има мнозинство без поддршка на десницата. Против заострувањето гласаа 27 членови на коалициските пратенички групи, а 32-ца беа воздржани. Министерот за здравство Орелиен Русо по гласањето поднесе оставка на функцијата. Какви последици ќе имаат тензиите во владиниот табор ќе покажат наредните денови.

Од другата страна на политичкиот спектар, левичарската опозиција ја обвини владата за „губење на целото достоинство“ доколку го протурка законот во парламентот со гласовите на ЛР и РН. Мигрантите и бегалците кои демонстрираат ја гледаат реформата како нова форма на тешкотии.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик