1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаНорвешка

Норвешка протера 15 вработени во руската амбасада во Осло

ЖА / агенции
13 април 2023

„Тие се офицери на тајната служба под плаштот на дипломатијата“ – 15 соработници на руската амбасада мораат итно да ја напуштат Норвешка. Москва веќе најави контрамерки

https://p.dw.com/p/4Q0MA
Осло Норвешка
Осло, зградата на ПарламентотФотографија: picture-alliance/imagebroker/R. Herzog

Норвешка донесе одлука за протерување на 15 акредитирани лица во руската амбасада во Осло, со образложение дека вршеле дејност која е неспоива со нивниот дипломатски статус.

„Не сакаме да дозволиме офицери на руските тајни служби да оперираат во Норвешка под дипломатски плашт“, соопшти денеска (13.04.) норвешкото Министерство за надворешни работи.

Одлуката е образложена со фактот што новата безбедносно-политичка ситуација условена од војната во Украина води кон зголемена разузнавачка опасност од страна на Русија.

„Ова е исправна мерка за дејствување против руските разузнавачки активности во Норвешка и редуцирање на нивниот обем заради заштита на нашите национални интереси“, истакна норвешката министерка за надворешни работи, Аникен Хуитфелд.

Руските дипломати мора да ја напуштат Норвешка во најкратко можно време, а Норвешка нема да издава визи на руски разузнавачки офицери. Во април 2022 година Норвешка веќе протера тројца руски разузнавачи.

„Сакам да истакнам дека Норвешка се залага за нормални дипломатски односи со Русија и дека руските дипломати се добредојдени кај нас. Она што сега го преземаме, е насочено исклучиво против несакани разузнавачки активности“, истакна министерката.

Руското Министерство за надворешни работи реагираше со најава на консеквенции, како што пренесува државната новинска агенција Тасс. „Русија ќе возврати со соодветен одговор“, соопшти Министерството.