1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Со апликација се бара бојкот на производи поврзани со Израел

Катрин Весоловски
5 декември 2023

Апликацијата „No Thanks“ повикува да не се купуваат производи од компании кои го „поддржуваат” Израел. Дали е тоа легитимна форма на протест, или антисемитизам?

https://p.dw.com/p/4Zk3y
Логото на апликацијата „No thanks“
Логото на апликацијата „No thanks“Фотографија: NoThanks

Апликацијата навидум функционира многу едноставно - корисниците може да го скенираат баркодот на одреден производ или да го наведат името и за неколку секунди добиваат информација дали производителот „го поддржува Израел”. Во тој случај се појавува „No Thanks", односно „Не, благодарам" - повикот за бојкот на одредени производи. На видео клипови на ТикТок и Х се гледа дека меѓу нив се и компании како Кока-Кола и Нескафе.

Апликацијата се појави на пазарот на 13 ноември и оттогаш ја симнале преку 100 илјади корисници. Според коментарите на социјалните мрежи, за неа се интересираат луѓе ширум светот.

Апликацијата веќе не може да се симне

Откако милитантно исламистичкиот Хамас,кој од ЕУ, САД, Германија и други земји е категоризиран како терористичка организација, на 7 октомври го нападна Израел, при што беа убиени 1200 лица, а други 240 земени како заложници, конфликтот меѓу Израел и Газа ескалираше. Според Министерството за здравство под контрола на Хамас, речиси 15 илјади Палестинци се загинати во бомбардирањата од Израел по 7 октомври. Оттогаш многу луѓе ширум светот се или произраелски, или пропалестински настроени, или дури про-Хамас. Апликацијата, која според коментарите на социјалните мрежи ја симнуваат првенствено пропалестинските поддржувачи, веќе ја нема во Плејстор, а според истражувањата на ДВ верзија за Ајос, значи за апарати на Епл, воопшто и не била на пазарот (состојба 1.12.2023). Но, по заобиколни патишта, апликацијата сѐ уште може да се симнува.

Кој стои зад апликацијата, која е целта, и зошто сега не е достапна?

Израел бојкот апликација "No thanks"
Откако ќе го скенира бар-кодот, се прикажува кои компании според апликацијата не треба да бидат поддржаниФотографија: NoThanks

„Го загубив братот“

Според податоците од самата апликација, неа ја развил Ахмед Башбаш, кој сега живее во Унгарија и кој на прашање на ДВ одговори дека е Палестинец од Газа, дека го изгубил брат му во овој „масакр”, а сестра му починала уште во 2020 година, бидејќи не добила навремена медицинска помош од Израел. Целта на бојкотот, вели, е „да спречи тоа што мене ми се случи да му се случи на друг Палестинец”. Листата на компании кои наводно го поддржуваат Израел ја составил со помош на интернет страниците „Бојкотирај ционизам“ и „Уластемпат”.

„Бојкотирај ционизам“ се рекламира со слоганот „Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна”, кој делумно се интерпретира како антисемитски. Некои слоганот го сфаќаат како одрекување на правото на постоење на Израел. На листата на брендови кои според страниците треба да се бојкотираат од сите можни бранши, има и светски познати компании како Адидас, Мекдоналдс, Шанел, Нетфликс и Епл. Некои се на листата затоа што по 7. октомври започнаа кампањи со осуда на нападот од Хамас врз Израел и во се изјаснија против секаква форма на омраза и антисемитизам. Други пак, според страниците, инвестираат во израелски стартапи или ја финансираат „кражбата на палестинска територија”.

Израел бојкот апликација "No thanks"
Списокот на компании кои „треба да бидат бојкотирани“ ги опфаќа сите можни индустрииФотографија: NoThanks

Критика на политиката на Израел или антисемитизам?

Причината зошто бесплатната апликација веќе не е достапна е реченицата „тука можеш да видиш дали производот што го држиш в раце поддржува убивање деца во Палестина”, пишува Ахмед Башбаш во одговор на ДВ, посочувајќи дека реченицата се појавувала на самиот старт и сега гласи „тука може да видиш дали производот се наоѓа на листата за бојкот или не”. Во описот на апликацијата и натаму стои дека таа служи за да се препознае кои производи поддржувале убивање на деца во Палестина. Според експерти, реченицата може да се интерпретира како критичка спрема Израел, но и како антисемитска.

Мерон Мендел, директор на образовната институција „Ана Франк”, во интервју за ДВ посочува на антисемитска поговорка од средниот век, според која Евреи убивале деца за да го прават лебот за Пасха со нивната крв. На ист став е и Уфа Јензен, заменик директор на Центарот за истражување на антисемитизам, кој смета дека со реченицата се „игра“ со претставата за Израел како убиец на деца.

Другата интерпретација на реченицата е фактот дека во Газа за време на актуелната војна се убиени деца во бомбардирањата од Израел, вели Мендел. Со оглед на тоа дека децата не се убиени намерно, туку во екот на борбените дејствија, реченицата дека производот поддржува убивање деца во Палестина може да се сфати и како полемичко „средство за предизвикување емоции”, вели Мендел. Јензен дополнува дека прво Хамас убил израелски деца во нападот врз Израел на 7 октомври. „Таква реченица излегува од контекст и е многу полемична”, објаснува тој. додавајќи дека се разбира оти и во Газа загинале деца.

Од Газа ослободени израелски заложници
Од Газа ослободени израелски заложници Фотографија: Prime Minister's Office/Handout via Reuters

Што е целта на бојкотот ?

Важното прашање, според Мендел, е што е точната цел на бојкотот на одредени производи. Од 7 октомври е јасно дека не се водат сите од иста цел. „Има луѓе кои бараат палестинска држава покрај израелската, а има и такви кои посакуваат уништување на Израел. Мора да се прави разлика меѓу двете групи”, вели Мендел.

„Економскиот бојкот, индивидуалната одлука да не купиш некој производ како средство е легитимен”, наведува Мендел. Освен тоа, арапскиот бојкот на Израел датира уште од почетокот на 1970-тите години. Според Јензен, постои и малцинство на левичарски, критички спрема Израел настроени Евреи, кои поддржуваат такви кампањи. Бојкотот е и пропаганда против Израел, па оттаму мора да се прави разлика дали се работи за повик насочен критички спрема Израел, или за антисемитизам, смета и Мендел.

„Проблематична“ е споредбата со националсоцијалистичките повици

Некои корисници на социјалните мрежи во Германија при ваквиот повик се потсетуваат на националсоцијалистичкиот повик од 1933-тата „Не купувајте кај Евреи". Споредбата е проблематична затоа што „со тоа се имплицира дека имало конкретна причина зошто нацистите ги бојкотирале Евреите и дека пред 1933 година Германците со и без еврејско потекло биле две страни во конфликт, но историски тоа е сосем погрешно”, објаснува Мендел.

Палестинка со дете евакуирана од Појасот Газа од страна на Бразил
Палестинка со дете евакуирана од Појасот Газа од страна на БразилФотографија: Mauricio Frighetto/DW

И Јензен вели дека „на меѓународно ниво има десетици други примери за бојкот" и го посочува повеќедеценискиот бојкот на Јужниоафриканската Република поради тогашната расна поделба, кој траеше сѐ до 1990-тите. Од една страна повиците се споредливи, од друга страна во повикот за бојкот на Израел се мешаат и антиемитски содржини.

Малку веројатно дека ќе има економска штета

Проблемот што настанува на овој начин за Израел не е економска штета, туку културолошкиот и научен бојкот кој доаѓа во пакет, вели Мендел. „Прогресивни сили во Израел, во науката, во уметноста, во мировното движење, и во Европа и Северна Америка, се изолирани", посочува тој. Таквата ескалација чекор по чекор е постигната и преку вакви акции, иако според Мендел целта на таквите би требало да биде да се поддржуваат мирољубиви и прогресивни сили на двете страни.

Целта на Ахмед Башбаш во моментов е апликацијата повторно да стане достапна. Таа е бесплатна и сиот профит од неа тој го испраќа на палестински организации кои им помагаат на луѓето во Газа, стои во апликацијата.