Германија: Помалку даноци за странските стручњаци?
11 јули 2024Даночни олеснувања за фирмите, поволности за што подолг работен век на постарите вработени, мерки за намалување на бирократијата. Ова се само дел од ставките со кои владата во Берлин има намера да ја зајакне Германија како деловна локација.
Треба да се подобри и доселувањето на квалификувана работна сила. „Воведуваме даночен попуст за странска квалификувана работна сила во првите три години од нивната активност во Германија. Ќе има 30, 20 или 10 отсто даночни намалувања за луѓето кои доаѓаат кај нас како квалификувана работна сила“, најави министерот за финансии Кристијан Линднер, шеф на либералната Партија на слободните демократи (ФДП), презентирајќи ги владините мерки на 5 јули.
Критики за даночните поволности за странците
Тој план не го одобруваат многу луѓе во Германија. „Очигледна дискриминација на домашното население“, „опасност за социјалниот мир“, „отворено непријателска политика кон домашното население“, „необѕирно кон домашните работници“. Ова се коментарите на опозициските политичари и синдикални претставници.
Но, критики доаѓаат и од редовите на владејачките партии. Пратеничката на Зелените во Бундестагот, Беате Милер-Гемеке, посочува дека според уставот сите луѓе се еднакви пред законот. „Во Германија го имаме и Законот за еднаков третман, што значи дека никој не може да биде полошо третиран. Според мене, донекаде тоа би било дискриминација на домашното население, ако кажеме дека оние кои доаѓаат од надвор, од други земји, добиваат попуст на данокот кој сите го плаќаат.“
Значи, може да испадне неуставно одредени групи да задржат повеќе од платата за работата која ја работат како и сите други.
Економската состојба во Германија
Највисок рангиран критичар на тој план од редовите на владејачката коалиција е министерот за труд Хубертус Хајл. „Признавам дека не сум премногу среќен поради таа точка во договорот. Тоа треба да го разгледаме подетално“, вели социјалдемократот. И Хајл се плаши дека таквата мерка ќе поттикне завист и расправии. „Мораме да внимаваме да нема социјално недоразбирање.“
Либералите со месеци се борат да ја стимулираат економијата на сите достапни начини и немаат разбирање за тие критики. „Сегашната состојба на компаниите е лоша“, изјави шефот на германската индустриска и трговска комора, Мартин Ванслебен, на крајот на мај.
Недостигот на работна сила - ризик за економијата
„Надежта дека добриот бизнис во странство или оживеаната домашна побарувачка би можеле да дејствуваат како мотор за домашните бизниси е уништена“, додава Ванслебен. Тој објаснува дека ова, како и „конкретните структурни предизвици“, продолжуваат да ја „затегаат економијата“.
Меѓу тие предизвици е недостатокот на квалификувана работна сила во Германија, кој се наѕира со години и сега е целосно изразен. Причина е сѐ поголемиот број на луѓе кои се пензионираат, а сѐ помалку млади на располагање.
Според економистите, недостигот на стручна работна сила и работна сила воопшто е најголемиот ризик за економскиот раст.
Мерки за стимулирање за доселувањето
Според една актуелна студија на Институтот за германска економија, во моментов во Германија има недостиг од околу 573.000 квалификувани работници. Економистите пресметале дека овогодинешниот економски раст би бил поголем за повеќе од еден отсто, односно за 49 милијарди евра, доколку има доволно квалификувана работна сила на располагање. Тоа е многу кога се знае дека економистите предвидуваат раст за оваа година од само 0,2 отсто.
Во 2020 година, владата го донесе Законот за доселување на стручна работна сила и оттогаш тој постојано се менува со цел да се отстранат што е можно повеќе бирократски пречки кои ги одвраќаат квалификуваните луѓе да дојдат во Германија.
Сѐ повеќе доселувања, но сепак недоволно
Никако да се обезбеди начин за доаѓање на доволен број луѓе - веројатно и затоа што се прочу дека е многу тешко да се најде стан во Германија. Но, и затоа што се зголеми нетрпеливоста кон странците, особено во источногерманските покраини. Според студијата на фондацијата Бертелсман, само 70.000 квалификувани доселеници дошле во Германија во 2022 година од земји кои не се членки на Европската унија. Со тоа, додуша, се надмина рекордот од 64.000 новодоселени квалификувани лица од 2019 година, но тоа е сè уште е премалку за да се надополни недостатокот.
Даночниот попуст е дополнителен обид Германија да се направи поатрактивна за стручната работна сила. Министерот за труд Хубертус Хајл изразува сомневање дека со оваа мерка ќе се надминат другите тешкотии. „Таа ставка не е пресудна“, вели тој и додава дека е најважно да се отстранат бирократските пречки, да се забрза издавањето на визите и да се подобри признавањето на квалификациите.
Земјите во кои се зборува англиски се во предност
И проблемот со јазикот е важен. Германија е на петтото место по атрактивност за странски стручњаци, а пред неа се четири земји во кои се зборува англиски.
Кристоф Мајер, експерт за буџетски прашања во пратеничката група на либералите во Бундестагот, го критикува социјалдемократскиот министер. „Изјавите на Хубертус Хајл не ја подобруваат Германија како место за работење“, изјави тој за новинската агенција АФП. Тој додаде и дека даночните олеснувања како стимул за имигрантите со високи квалификации се во меѓувреме „составен дел од решението за недостатокот на квалификувана работна сила во половина од Европската унија“.
Даночни поволности за странска работна сила во ЕУ
Во 2018 година, германската влада, на прашањето на пратениците на Зелените, наведе голем број земји од Европската унија кои веќе имаат даночни олеснувања за квалификувани доселеници. Тоа се Белгија, Данска, Финска, Франција, Ирска, Италија, Луксембург, Малта, Холандија, Австрија, Португалија, Шведска, Шпанија, Велика Британија и Кипар.
Ова во понеделникот (8 јули) го истакна портпаролот на германската влада Штефан Хебештрајт. „Како место за финансиски бизнис постојат Лондон, Париз, Милано и Франкфурт. Во сите тие земји, како и во многу други европски земји, постојат такви даночни олеснувања за привлекување квалификувани луѓе.“
Нема стимуланс за богатите
Хебештрајт објасни дека целта на владините мерки не е да се воведат олеснувања за целата странска работна сила, туку само за „одредени области“ за кои сега се подготвуваат детални планови. „Ќе постои минимална годишна плата од која тоа ќе важи, како и горна граница на износот, така што мултимилионерите нема да имаат даночни привилегии поради кои би дошле во Германија.“