Беса Адеми останува на чело на Врховниот суд
17 јануари 2024Беса Адеми останува на чело на Врховниот суд. Со седум гласа „за“ и четири „против“ Судскиот совет по неколкучасовна расправа реши да ја запре постапката за поведување на дисциплинска постапка против претседателката на Врховниот суд, која што ја покрена членот на Советот, Миљазим Мустафа. На денешната јавна расправа не присуствуваше претседателката на Врховниот суд, како и подносителот на иницијативата, Мустафа, кој ја напушти седницата бидејќи немаше право на присуство.
Претседателката на Врховниот суд оцени дека одлуката на Судскиот совет е правична, праведна и законита. „Денешната одлука е значаен придонес за независноста на судството и е одлична основа за постапување и реализирање на препораките ЕУ кои подразбираат заштита на владеењето на правото. Мора да продолжиме по тој пат“, вели Адеми во изјава за ДВ.
Неколкучасовни полемики
На одлуката и претходеа неколкучасовни полемики меѓу членовите на Судскиот совет. Аргументите ги судрија адвокатското и судското крило во советот. Адвокатката Тања Чачарова Илиевска побара извештајот на Комисијата на известители во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд, којшто е изготвен на 40 страници, да се врати на доработка, но ваквата иницијатива не наиде на поддршка кај колегите.
Дел од членовите посочија дека постапката треба да се запре и да се земат предвид сите околности, додека други порачаа таа да биде опомената поради нејзиното несоодветно постапување.
Ова е втор извештај за покрената иницијатива којшто се разгледува јавно во Судскиот совет. Другите извештаи се разгледуваат зад затворени врати, поради тајноста на постапката.
Аргументи
„Гревот“ на Адеми, според иницијативата која што ја поднесе Мустафа, е што претседателката на Врховниот суд не доаѓала на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември минатата година, што според Мустафа било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција. Со тоа таа не учествувала во носење на важни одлуки, а се спореше и начинот како таа го оправдувала своето отсуство.
Како спорен момент во иницијативата се наведува и интервјуто на Адеми за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за помилувањата од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов. За подносителот на иницијативата е спорно тоа што Адеми не се одзвала на повикот на Судскиот совет да дојде на состанок на кој би се дискутирало за нејзините наводи изнесени во интервјуто.
Беса Адеми се појави и учествуваше во работата на претходната седница на Судскиот совет, со која претседаваше Весна Дамева, која со одлука на Управниот суд се врати на претседателската функција.
Пред носењето на одлуката, Дамева во интервју за „360 степени“ емитувано во понеделникот на 15 јануари рече дека очекува членовите на Советотда донесат правилна одлука.
Пораките на дипломатите
Таа во вторникот имаше средба со холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп кој деновиве упати сериозни критики на адресата на Судскиот совет. По средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 10 јануари, холандскиот амбасадор порача дека неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија.
По средбата со Дамева, холандскиот амбасадор на социјалните мрежи најави дека Холандија сега силно ќе размисли за рестартирање на проектот со Судскиот совет што беше суспендиран во мај минатата година.
И евроамбасадорот Дејвид Гир денеска изрази надеж дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе се обидат да ги спроведат препораките од Oценската мисија на Европската Унија.