Најубавите зимски дестинации
Не сте расположени за сивилото и зимското време? Ви нудиме избор на места каде одморот може да биде особено убав во зимските месеци.
Доминиканска Република
Во зимските месеци многу туристи уживаат во сонцето на прекрасните плажи во ризортите во Доминиканската Република. Но, овој остров може да понуди и планини и песочни дуни. Доколку сакате да почувствувате градска атмосфера, вистинското место е реонот Зона Колонијал во главниот град Санто Доминго, со бројни историски објекти и одлична ноќна забава. Таму сигурно нема снег.
Куба
Сонце, море и олдтајмери- карипскиот остров Куба е дестинација од соништата за оние кои сакаат да побегнат зимскиот студ. Главниот град Хавана, со нејзиниот стар град и тврдината, нудат бројни можности за фотографирање. Уште поважно, зимските денови се долги и нудат речиси 11 часа дневна светлина.
Јужна Африка
'Ртот Добра надеж во националниот парк близу Кејп Таун е идеалното место за почеток на авантура и бегство од зимата во северната хемисфера. Јужна Африка нуди многу за истражување: национални паркови, неверојатен вински регион, сафари и забавни метрополи како Кејп Таун.
Португалија
Португалскиот „остров на цвеќето“ Мадеира, со неговата умерена клима и просечни зимски температури од 19 степени Целзиусови, ви овозможува брзо да заборавите на студените, сиви зимски денови дома. Стрмните брегови, пешачките патеки и бујната вегетација ги воодушевуваат посетителите дури и во зима.
Обединети Арапски Емирати
Оние кои сакаат да уживаат во сонцето на песочна плажа, испружени пред импресивни облакодери во зима, ќе пронајдат идеални услови во Дубаи, каде има постојана температура од над 30 степени Целзиусови. Доколку и тоа не ви е доволно, можете да се упатите на уште потопла температура во пустината Руб ал Кали, во непосредна близина.
Австрија
Австрија е секогаш популарна зимска дестинација за патници кои бараат оптимални снежни услови. Во регионот на Тирол, туристите можат да уживаат во прекрасниот поглед на планините и со параглајдинг. Севкупно, Австрија има 7,280 километри скијачки патеки, и тоа е повеќе од доволно за уживање во зимските месеци.
Норвешка
Воодушевувачки погледи на снежните планини и прекрасните фјордови можат да се видат архипелагот Лофотен во Норвешка. Со оглед на тоа што регионот е северно од Арктичкиот круг, речиси и да нема дневна светлина во зимските месеци. Но, тоа е перфектно место за да се гледаат северните светла или да се опуштите во сауна под месечевата светлина.
Малдиви
Доколку не сте тип за зимски идили, Малдивите се одлична алтернатива. Овој далечен архипелаг со 1.200 острови е познат по палмите, долгите песочни плажи и лускузното сместување. Познат е и по можностите за нуркање- одлично бегство од зимското сивило.
Тајланд
Плажата Маја Беј на островот Ко Фи Фи Лех, стана позната по филмот од 2000 година „Плажа“. Но поради напливот на туристи беше затворена цели четири години. Повторно беше отворена во јануари 2022 година. Но таа е само една од многуте прекрасни плажи во Тајланд, земја која е најдобра за посета меѓу ноември и април, кога температурите се ниски на северната хемисфера.