1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Националното достоинство и државничкиот оптимизам

19 август 2022

Тоа што нашите власти не сакаат да го разберат е дека кризата на политиката се има претворено во сеопшта државна криза. Тоа се гледа на секое поле сѐ до важните нематеријални прашања поврзани со националното достоинство

https://p.dw.com/p/4FlAL
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Една позната лекција од владеењето на Шарл де Гол со руинирана Франција после Втората светска војна гласи дека: „Националното достинство е енормно важно за кој било проект на национално возобновување. Без чувството на споделени симболи и вредности невозможно е за една модерна држава да напредува“.

Се разбира, ако ги погледнеме нашите партии ќе видиме дека и онака ограничената дебата секогаш се сведува околу степенот на патриотизам или македонштина кај секоја од страните, за на крај неизбежно да заврши со болно деформирање и злоупотреба на самата природа на причината за расправата, односно - националниот идентитет. Секоја од партиите си има свои демони, но секоја, која помалку - која повеќе секогаш лесно паѓа во стапицата на идеологизирање на идентитетот. Нормално, во процесот на создавање митови од минатото секогаш предничело ВМРО, и одлично ги знаеме нуспродуктите од нивните обиди секојдневната политичка авантура секогаш да се претстави како нешто извонредно, така повикувајќи се на емоциите на граѓаните и на електоратот, губејќи ја притоа смислата и рационалноста на заедничките интереси и идеализмот на вредностите кои се во прашање.

Но, факт е дека еден вид на митизација се спроведува во поново време и од силите кои сме ги сметале за прогресивни и продемократски, но кои одбраа сите, особено нужните чекори за напредок, да ги идентификуваат како непогрешни и невлијателни по нашиот национален идентитет и достоинство. Опасното е што тој процес кај СДСМ се одвива без суштинска дебата, како и кај ВМРО, без грижа дека попратно ја идеализираат и институционалната, уставната и нормативна испразнетост на системот и отсуството на демократска политичка култура. Дека и они како и ВМРО во своето време, правото, принципите, правилата и критериумите ги сведоа на обичен политички пазар, најчесто како тендерско-коалициски дил од кој страдаат токму правата, легалноста и легитимноста, слободната информација, услугите и достоинството на граѓаните, или каде со еден збор, страда – функционалноста и самото функционирање на државата. 

Ако ВМРО никогаш не научи каде да застане и како да се соочи со митовите за нашето минато и национален идентитет, тогаш СДСМ и ДУИ, заедно или засебно, никогаш не научија дека за голем дел од граѓаните, без оглед на нивното етничко потекло, почитувањето на националниот идентитет и достоинство се совпаѓа со реално почитување на законите и правната држава, со реалниот развој на демократијата, со реално учество и права за припадниците на помалите етнички заедници, со реално почитување на пактот за еднаквост и слобода кој е втемелен во Уставот. 

Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

Повеќе од авторот: Македонија е неспремна за Големата војна

Но, ако ги запрашате граѓаните, особено Македонците, тогаш во овој историски момент ќе видите дека кај нив се раѓа се поголема фрустрација од нашето нарушено национално достоинство, што одвнатре - што однадвор, токму како последица на државните одлуки, меѓуетничките помирувања, меѓународните или мировните договори, биле тие од понова или постара дата. Таа фрустрација не произлегува толку од митските поимања, иако секое колективно историско сфаќање донекаде е и митско, туку повеќе од чувството дека жртвите направени преку откажување од нешто, во име на национално и меѓуетничко помирување, па дури и во насока на рационален напредок, се удираат само од нашиот грб и од нашите веќе апсолвирани историски вистини или национални атрибути.

Тоа не значи дека Охридскиот договор не е наш голем заеднички успех, но знаеме и дека е злоупотребен, веќе и одвишен, дека како што одлично наведе Најчевска, наместо за прогрес и развој на демократијата, со него се изгради систем базиран на етничка припадност во кој колективитетите ги заменуваат индивидуите. Тоа не значи, барем за мене лично, ни дека Преспанскиот договор е нужно штетен, иако далеку е од идеален, но зарем ќе негираме дека кај огромен дел од граѓаните тој делува како автентична навреда, понижување и одземање на нешто интимно. Или што да кажеме за Договорот со Бугарија, протоколот и сите попратни бугарски кочења, вета, ревизионизми, агресија и пенетрација врз и во Македонија?

Да бидам консеквентен, не се согласувам со вмровското толкување за бугаризација и асимилација, но се согласувам со гледиштата на голем број слободоумни и космополитиски интелектуалци. Современици кои алармираат за срозувањето на нашето национално достоинство, за посегнувањето по идентитетот, јазикот и историјата, нашето антифашистичко минато и борба, од смислените бугарски уцени, притисоци и барања кои што задираат во темелите на македонската нација.

Повеќе од авторот: САД и Кина се на воен пат кој никој не го посакува

Затоа и се наоѓаме во една општа контрадикција, каде не само што не го уживаме правото на нашето национално чувство, легалност и дух на еднаквост и слободата, туку и преку една арогантност и дрскост која се изедначува со површност, немаме право да ги уживаме или да се занимаваме со нашите национални атрибути. Попустливоста и слепоста на секој државен или институционален, да не речам партиски, договор, протокол, квазикомпромис или стота ревизија на Уставот, не доведоа до ова „дереџе“.

Според анализата на Институтот за Демократија поврзан со јавното мислење околу пристапувањето кон ЕУ во периодот 2014-2021 година, трендот во последните 5 години покажува силна корелација помеѓу идентитетските и вредносните фактори и подемот на евроскептицизмот. Односно, негодувањата околу промената на името, културните закани по националниот идентитет и загубата на суверенитетот се нагласени како наjважни причини за неподдржување на македонското членство во ЕУ. Од друга страна подеднакво приметлив е трендот, особено кај младите, дека масовно не веруваат во брза интеграција и дека и кога би се случила, кај веќе се иселуваат, уште повеќе би побегнале од татковината. 

Младите во С. Македонија масовно не веруваат во брза интеграција во ЕУ, покажува анализата на Институтот за демократија
Младите во С. Македонија масовно не веруваат во брза интеграција во ЕУ, покажува анализата на Институтот за демократијаФотографија: DW/M. Maksimovic

Работата не е да забегуваме во катастрофизам или интелектуален дефетизам, туку да обрнеме внимание на овие прашања, како и на фактот дека како држава која одлично знае колкави се последиците и проблемите кога едно малцинство страда за своите права или идентитет, што ли тогаш се случува или што би се случувало кога мнозинството, со право или од заблуда, ќе страда по своите права и своите идентитетски, културни, историски или вредносни прашања. Искрено мислам дека нашата држава и нашите институциите не обрнуваат доволно внимание на овие проблематики и дека овие контрадикции за обичниот народ ќе бидат извор само на дополнителен национализам, фрустрација, шовинизам и ксенофобија. 

Ќе наведам уште една контрадикција која ретко ја земаме предвид. На пример, нормално се смета дека кај големите држави многу е важно дали нивните Влади се оптимистички или песимистички настроени и дека тоа има силен ефект врз нивните долгорочни политики или нивната зачмаеност и затвореност. Да го тргнеме на момент на страна фактот дека оправданиот или неоправдан оптимизам или песимизам на малите држави треба да се базира врз оној на нивните големи партнери и сојузници. Е па, моментално живееме во ерата на песимизмот.

Но, во актуелната ситуација премиерот Ковачевски се нарекува себеси реален оптимист, додека колегата Ахмети дури и предвидува влез во ЕУ до 2025 година. Значи, би рекле дека се реално оптимистични.

Повеќе од авторот: Студената војна се враќа во Африка

Да видиме што мисли младата македонска популација, според последна релевантна анкета од Вестминстер фондацијата од 2019-та година, а денес верувам дека ставовите се далеку полоши. 33% мислат дека државата оди во погрешна насока, 20 во позитивна, преку 40 ни ваму - ни таму. 41% е делумно незадоволен од својата позиција во општеството, 22% се комплетно незадоволни. 80% сметаат дека државата не нуди никаква перспектива за младите. 63% се чувствуваат несигурни околу нивната иднина во земјата. 63% би се иселиле од државата. 63% сметаат дека актуелната Влада не е посветена на проблемите на младите. И ќе нагласам, во сите анкети, младите се генерално најоптимистични од сите останати генерациски категории.

Ви делува ли ова како општество кое го живее или го споделува оптимизмот на нашата Влада, институции и функционери? Ова е само уште една потврда за огромната фрактура која постои во сфаќањето на проблемите, а да не зборуваме за некакви решенија, помеѓу властите и граѓаните.

Дали македонското општество го споделува оптимизмот на Владата во врска со евроинтеграциите?
Дали македонското општество го споделува оптимизмот на Владата во врска со евроинтеграциите?Фотографија: DW/F. Schmitz

Тоа што нашите власти не сакаат да го разберат е дека кризата на политиката се има претворено во сеопшта државна криза. Тоа главно се преведува во комплетна неадекватност меѓу државните институции и предизвиците и проблемите на државата, општеството и граѓаните. И тоа се гледа на секое поле, од ковид кризата, корупцијата, криминалот и непотизмот, заробената држава, судството и слободна информација, здравството, културата и образованието, до битните нематеријални прашања поврзани со идентитетот и националното достоинство.

Ќе завршам со еден последен податок кој е прилично индикативен: Според анкетните анализи што ги објави Европската комисија македонските граѓани се најмалку подготвени од целиот Балкан да се борат за својата земја. Во истражувањето кое завршило оваа година, прашањето до машката популација е „доколку избие војна, дали сте подготвени да ја браните вашата татковина?“. Според овие податоци само 55 отсто од граѓаните кај нас се подготвени да се борат ако е загрозена државата. На првото место во регионот со 87 отсто е Грција, а следуваат со 87 отсто во Словенија, и 85 отсто во Албанија. Понатаму се Турција  со 83 проценти, Бугарија со 75,5, Хрватска 74,2, Романија со 68,2, Србија со 65,9, Црна Гора (61,1) и БИХ (59,5).

Се ова е дел од нашето национално достоинство, се ова е дел од една празна школка и скршена играчка, само што играчката е нашата заедничка држава, општество и заедница.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.