1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МВР најде пропусти при патувањето на Африм Гаши во Косово

ДТЗ
20 август 2024

По три дена контроли, проверки на камерите на граничниот премин Блаце, утврдено е дека не се целосно запазени процедурите, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

https://p.dw.com/p/4jgZc
граница
МВР најде пропусти при патувањето на Африм Гаши во КосовоФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/imago images

Министерството за внатрешни работи пронајде пропусти при преминот на границата со Косово на колоната свадбари, предводени од претседателот на Собранието,Африм Гаши. По три дена контроли, проверки на камерите на граничниот премин Блаце и увидот во евиденцијата на системот за контрола на патници и возила, утврдено е дека не се целосно запазени процедурите. 

„Со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила утврдено е дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не евидентираат во системот за контрола на патници и возила. Исто така констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. 

Тој најави дека за утврдените пропусти ќе бидат преземени соодветни мерки кон раководителот на смена на граничниот премин за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР.

Панче Тошковски
Се бара одговорност од раководителот на смена на граничниот премин Блаце поради пропусти со колоната свадбариФотографија: Petr Stojanovski

Шест автомобили за две минути ја поминале границата 

Проверките на МВР покажале дека планот за патување на претседателот Гаши е уредно најавен и заведен во евидентните книги по претходно известување од МНР од 16.08.2024 година. Во известувањето, покрај претседателот на Собрание, опфатени се и членовите на неговото семејство, членови на обезбедувањето и три полициски службени возила.

Граничниот премин на 18 август во период од 18:40 часот до 18:42 часот го поминале шест возила под полициска придружба од кои три полициски и едно ВИП возило.

„Праксата на работењето на граничниот премин во поглед на преземање на зајакнати мерки и активности за обезбедување на делегација, поради недоволен број на сообраќајни ленти, значи во моментот на поминување на делегацијата гранични проверки да се вршат со попуштен режим согласно со член 17 од Законот за гранична контрола. Така се одвивало и во овој случај и траело многу кратко време“, вели Тошковски во објава на социјалните мрежи.

Законите важат за сите  

Од МВР се децидни дека законите треба да важат за сите исто. „За секоја активност која не е во рамки на пропишаните законски и работни процедури мора да има конкретна индивидуална одговорност. Навистина поминаа времињата кога беше нормално полициски службеник заштитен од корумпирана власт да се впушта во активности кои ги надминуваат неговите законски овластувања и обврски. Никој не е, и не може да биде над законот“, вели Тошковски, кој апелираше полициските службеници да работат согласно законите и правилата и да ја одбијат секоја незаконска наредба или непринципиелно барање од кого било. 

Африм Гаши
Ова е еден од низата случаи коишто изминатиов период ја брануваат јавноста, а кои е вмешан и првиот човек на Собранието, Африм Гаши.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ: ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ се фатени живи 

Од опозициската СДСМ бараат одговори кој дозволил приватни возила непречено да ја поминат границата без контрола заедно со Гаши. „Кој бил во тие возила? Кој се возел од сватовите заедно со обезебедувањето во државните возила каде никој освен личното обезедување на претседателот не смее да се вози? Дали се спремни да ги декласифицираат и објават снимките од граничниот премин?“, прашуваат од СДСМ. 

На ваквата реакција возвратија од Коалицијата „Вреди“, од чии редови е Африм Гаши.

„Жалиме што гневот за изборниот резултат СДСМ го насочува на погрешна адреса. Претседателот на Собранието, Африм Гаши не може да биде виновен што граѓаните сурово ги казнија. Изгледа таквата порака не им е доволна, штом продолжуваат да манифестираат врвно лицемерие. Пред да одржуваат прес конференции чија единствена цел е обид за отргнување на вниманието од нивните внатрепартиски проблеми, го повикуваме СДСМ да одговори, зошто не реагираа на ист начин кога Зоран Заев и Венко Филипче возеа моторцикли, надвор од границите на Северна Македонија, во придружба на државно обезбедување? Дали тогаш тоа беше за нив етички и безбедносен протокол согласно законот или скандалозно однесување, како што сега тврдат? Африм Гаши со своето семејство уредно ја поминал границата и тој никогаш не поминувал ниту еден граничен премин пешки, како некој други!“, велат од „Вреди“.

Се редат инциденти - на ред и интерпелација 

Ова е еден од низата случаи коишто изминатиов период ја брануваат јавноста, а кои се поврзани со првиот човек на Собранието, Африм Гаши. Неодамна член на неговото обезбедување беше вклучен во инцидент на скопскиот аеродром, при безбедносна проверка на косовската претседателка Вјоса Османи. И таму случајот заврши со барање одговорност на вработен во МВР. 

Гаши наскоро ќе се соочи и со интерпелација во Собранието, која што ја побара партијата Левица. Седницата е закажана по одморите на 3 септември.