1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со зелен, жолт и црвен картон до спроведување на реформите

ДТЗ /МИА
25 октомври 2024

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, смета дека Реформската агенда е добра шанса на брза лента земјата да направи одредени реформи за кои во нормални услови би требале од седум до десет години.

https://p.dw.com/p/4mEXF
Орхан Муртезани
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, смета дека Реформската агенда е добра шанса на брза лента земјата да направи одредени реформиФотографија: Damjan Cunihin/Reg. Nordmazedonien

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, со зелен, жолт и црвен картон ќе прави притисок врз министерствата за спроведување на реформите, коишто се неопходни на патот на евроинтеграцијата. Тој на брифинг со новинарите во Скопје потенцираше дека Реформската агенда е добра шанса на брза лента земјата да направи одредени реформи за кои во нормални услови би требале од седум до десет години. 

„Целта на Реформската агенда е брзо да не спреми да бидеме членки на ЕУ. Јас како министер за европски прашања ќе се залагам и тоа ќе го правам на секоја владина седница, ќе реферирам како тече процесот на реформи. Дури и за колегите од министерството веќе купив три картони –  зелен, жолт и црвен и тие што ги спровеле реформите ќе им биде врачен зелен, тие што имаат проблеми жолт, а тие што доцнат – црвен. Нема да ми биде проблем овој механизам да го направам и јавен, бидејќи сакам министерствата да имаат и јавен притисок да ги спроведат реформите“, вели Муртезани.

Според него, во политиката казната следува на избори. „Ако ние не ги апсорбираме сите пари ако одредени министерства се неуспешни, казната на некој начин ќе следи“, нагласи тој. 

Што предвидува Реформската агенда? 

Реформската агенда на Северна Македонија во период од 2024-2027 година, деновиве беше официјално одобрена од страна на Европската комисија. Реформската агенда е дел од Планот за раст на Западен Балкан од 6 милијарди евра, од кои земјава треба да добие 750 милиони евра, додека првата транша во износ од 52,5 милиони евра се очекува да стигне до крајот на годината.

Македонија, ЕУ
Што содржи реформската агенда за Северна Македонија?Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Исплатите според Инструментот за реформи и раст се условени со исполнување на одредени критериуми, што значи дека реформата прво треба да биде спроведена врз основа на одредени стандарди и преку почитување на одредени квалитативни и квантитативни чекори за да можеме прво да побараме исплата и истата да се одобри.

Исплатата може да се прави два пати годишно. Во случај на негативна оценка од страна на ЕК за неисполнување на одредени услови, според претходно утврдени индикатори, ослободувањето на средствата ќе биде блокирано се додека не се исполнат реформите. 

Слаба алка 

Министерот слабата алка ја гледа во имплементацијата на Реформската агенда, односно во капацитетот за искористување на средствата. Некои од министерствата, според него, не се во соодветна кондиција, некаде недостига професионален кадар, некаде има недостиг на кадар, некаде не се усогласени или погрешно структуирани и сето ова, според него, може да предизвика проблеми при апсорпцијата на средствата.

Вториот предизвик, според него, е листата на проекти, бидејќи таа листа засега изгледа како листа на желби, која понатаму треба да се преточи во листа на проекти кои би биле финансирани. 

Во Регулативата за реформи и раст од мај 2024 постојат одредени правила и во однос на времетраењето во кое треба да се исполнат реформите. Во исполнувањето на реформите има т.н. грејс период од 24 месеци, што значи дека средствата што се таргетирани за тие реформи доколку не успее земјата да ги реализира до дадениот период, има 24 месеци грејс период, а оттогаш натаму за другите години грејс периодот е до 12 месеци.

Со Реформската агенда ќе се спроведуваат 37 реформи во 136 чекори во областите Управување на јавни финансии и Реформи на јавна администрација, Зелена енергија, Дигитализација, Човечки капитал, ПСД и Деловно опкружување (развој на приватен сектор и деловно опкружување), Фундаментални вредности и владеење на правото.