1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мудроста на нашите егејски баби

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
10 јули 2023

Благоста, мудроста на моите егејски баби потекнуваше токму од преживеаното бегалско страдање. Тие за миг беа сознале дека ништо во животот не можеме да задржиме со сигурност, а најмалку засекогаш. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4Tejy
Кица Колбе
Кица Колбе: Денес знам дека благоста, мудроста на моите егејски баби потекнуваше токму од преживеаното бегалско страдањеФотографија: Privat

Психологијата на конзумот во модерните општества ги поттикнува луѓето постојано да купуваат нови производи. Сите сме нејзините „клиенти”. Пред летниот одмор купуваме облека од најновата модна сезона, иако знаеме дека уште не сме ги износиле фустаните од минатото лето. Нашата облека нема шанса да „старее” заедно со нас. На неа не ги препознаваме трагите од изминатите лета, не го читаме писмото на спомените.

Ниту децата не можат да го читаат тоа „писмо” врз „басмото” на старите фустани, како што јас правев додека седев во скутот на моите егејски баби. Таму каде што една точка беше закрпена, јас гледав „лузна”. Знаев дека тие многу страдале, затоа што сите нивни приказни раскажуваа за загуба и за болка. Го читав тоа невидливо писмо особено во летата, кога напладне се‘ се стишуваше, а тие седеа долго во сенката на дрвјата или под тремот. И раскажуваа приказни за далечни светови зад грчката граница. А јас мислев дека тие приказни се невидливо запишани во нивната облека, па затоа никако не сакаа да ја променат и постојано носеа црнина. Кога денес мислам на нашите егејски баби, веднаш се наоѓам во скромните бегалски одаи во егејскиот живот, во кои пораснав. И пак ја чувствувам благословената мера и скромност на моите баби и прабаби, затоа што тие беа во срцето на егејскиот живот.

Љубов и добрина

Не знам како било во другите егејски фамилии, но во нашиот роднински егејски круг немаше многу дедовци. Тие или беа загинале во војната или беа умреле пред бегството од Егејска Македонија. Бабите и прабабите беа стожерите во егејските фамилии. Тие не‘ учеа да имаме мерка во сите нешта, и тоа преку својот пример. Затоа секоја пролет, кога се ближат Велигденските пости, мене во умот ми долетува вкусот на посната чорба со штавел и киселец, која ја готвеше мојата прабаба. Штавелот и киселецот за чорбата го собираше крај околните јазови и поточиња. Таа ги знаеше сите билки и растенија, не само оние за готвење, туку и лековитите. Нејзината мера во исхраната секогаш одново ми се враќа во спомените затоа што таа произлегуваше од животната мудрост на моите егејски баби. Скромната исхрана не беше само знак на сиромашниот бегалски живот, туку таа беше нивниот животен став. Тие и„дома”, во Егејска Македонија, во Костур и Бапчор, каде што имаа куќи преполни со „заирје”, никогаш не ја преминуваа мерата во се‘ што правеа. Не претеруваа со ништо, освен со љубовта и добрината која ни ја даруваа нам, на внуците. За егејските баби внуците беа најголемото богатство. Со раѓањето на внуците во нивниот егзил се враќаше надежта и верата во иднината. Кога ќе се вратеа од Бит Пазар, тие купеното им го делеа на децата. Тоа што ќе преостанеше, беше за нив. А тоа најчесто беше најмалечкиот дел. Ќе купеа цреши, од кои ќе каснеа само две-три, колку за да ги пробаат. Најголемиот дел ни го даваа нам, на внуците.

Во горештите лета најживо ми се враќаат во умот ликовите на моите егејски баби. Можеби затоа што во летото, кога природата цути во раскош од бои, најсилно ја чувствував симболиката на нивната „црнина”, иако тие и во лето и во зима носеа црна облека. Во зима црниот фустан беше само од подебело платно, а во лето од потенко. Не поседуваа повеќе од два-три фустани. „Басмото” за нов фустан се купуваше дури откако стариот ќе се скинеше. Сета црна облека на моите егејски баби мирисаше на чистота и достоинство. Иако на нивните фустани се гледаше дека биле често носени и перени. Ништо не се фрлаше дури не се износеше. Не ги видов ниту еднаш да ја симнат црната шамија. Ниту во лето. Како што ниту во лето не носеа фустани со куси ракави. Нивната старечка кожа за мене остана во паметењето секогаш бела како снег.

Добриот дух во фамилијата

Тие сите нешта ги ползуваа со мерка, со „тертип”, со почит и благодарност. Затоа што во еден миг во војната беа изгубиле се‘, тие беа благодарни за најмалото, како да е најскапоценото. А тоа долго беше само скромната бегалска одаја. И железниот кревет од Црвениот крст, што го добилекога нашле покрив над главата во Југославија.По таа скромност и чистота на бегалските одаи од моето детство, најмногу копнеам кога ќе дојде пролетта и во срцето ќе ги повикам ликовите на бабите, додека седат во дворот, го следат летот на ластовиците на небото и раскажуваат за тоа каква била природата „дома”, во Егејска Македонија. Ја слушам и сега прабаба ми како раскажува за овошната градина, во која црешите секоја година раѓале толку многу, што не престигнувале да ги соберат. Денес се прашувам како се чувствувала, кога со другите баби одеше на Бит Пазар, за да купи од скромната социјална помош две кила цреши и да им ги раздаде на внуците и на роднините? А притоа да знае дека во Бапчор нејзините црешови дрвја претежнувале од род, кој никој повеќе не го собирал.

Цреши
Ги паметам раскажувањата на прабаба ми за овошната градина и црешите „дома“, во Егејска МакедонијаФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Денес знам дека благоста, мудроста на моите егејски баби потекнуваше токму од преживеаното бегалско страдање. Тие за миг беа сознале дека ништо во животот не можеме да задржиме со сигурност, а најмалку засекогаш. Тие знаеја дека ненадејно доаѓаат неволји и војни кои преку ноќ ќе те остават без корка леб и без покрив врз главата. За тоа страдање беше знакот токму нивната црнина. Таа беше сведоштво, но и покајна молитва пред Бога. Тие со црнината сведочеа за својата тага по изминатиот живот, по љубените, загинати во војната. Затоа што имаа доживеано страдање и загуба, тие беа стабилната „карпа” во нашите егејски фамилии. Нив ги прашуваа сите за совет и мислење. Тие никогаш не се плашеа од новите искушенија и премрежиња, што правеше тие за мене да изгледаат како да се направени од челик. Иако во нивните очи силно навираа солзите по неколкупати во денот, секогаш кога нешто ќе ги потсетеше на животот што го оставија зад грчката граница.Тие беа најсилните, но и најкревките, најнежните жени што ги бев запознала во моето егејско детство во Југославија. Тие беа љубопитни за се‘ ново, во исто време кога не забораваа ниту еден миг од нивниот некогашен живот. Честа, достоинството и вистината во сите животни состојби беа нивниот морален кодекс. Тие не живееја за себе, туку за другите. Нашите егејски баби ги паметам како добриот дух во фамилијата, затоа што тие навистина живееја за да им служат на другите, особено на најмалите, на внуците.

Најскапоцениот спомен и завет

Шесте деца на мојата прабаба Софка Шарина од Бапчор се погребани на сите страни на земјината топка. Едниот син во Америка, другиот во Австралија. Од четирите ќерки, само двете почиваат во истиот гроб со неа на гробиштата во Бутел. Од другите две ќерки едната умре во Ташкент, во Узбекистан, а другата во Перт, во Западна Австралија. Коските на прадедо ми Коле Шарин, почиваат во безимените гробишта во Бапчор. Оваа стравотна вистина за војните, прогоните и бегалството беше мудроста на прабаба ми Софка, која затоа во остатокот од животот што го помина во Југославија раздаваше добрина и љубов. Знаеше дека само тие, добрината и љубовта, можат да го спасат достоинството на бегалските фамилии. Ние, егејските деца родени по војната во Југославија, но и насекаде во светот, го имаме најскапоцениот спомен и завет токму од нашите егејски баби. Да не ја заборавиме нивната мудрост на скромноста и мерата во животот, како најскапоценото нешто. Тој што ќе ја изгуби мерата во односот со луѓето и со нештата, изгубил се‘, веруваа тие, зашто токму тоа го прави бездомник. Тие навистина ги беа изгубиле куќите што ги поседуваа со генерации, но не го беа изгубиле „домот” во суштинската смисла на зборот.Домот беше токму тој егејски ред на скромниот бегалски живот, полн со мера и достоинство. Тој беше невидлив за другите, особено за тие кои во Егејците гледаа само бездомници, но беше толку јасно видлив за нас, децата во егејските фамилии. Ние заспивавме во тој стамен „дом” што, всушност, беше нивната грижа и љубов за нас, која тие ја изразуваа со благословот пред заспивање – „да осуниме со здравје!” Така ги заспивале децата и во големите камени куќи во Бапчор, така не‘ заспиваа и нас во скромните егејски одаи во Млинкуманово и во Автокоманда. Секогаш кога ќе ми долетаат во умот зборовите од нивниот костурски говор, во истиот миг ги здогледувам нивните лица под црните шамии, како блескаат со добрина и достоинство.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.