1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молскавичен скок на цената на гасот во Европа

ЖА / агенции
5 септември 2022

Привремениот прекин на испораката на руски гас преку гасоводот Северен тек 1 ја катапултира цената на европскиот гас. Кремљ го обвини Западот за затворањето на славината за гас за Германија

https://p.dw.com/p/4GQv5
Deutschland Energiesparen
Фотографија: MiS/imago images

Цената на гасот денеска претпладне порасна скоковито – холандскиот природен гас е поскап за околу 72,5 евра и се продава по 281 евро за мегават час, што е зголемување од 35 проценти во однос на нивото од петокот.

Решавачко за наглиот ценовен раст на гасот на почетокот на неделава беше тоа што  Русија повторно ја стопира испораката  преку  гасоводот Северен тек 1  на неодредено време.  Концернот Газпром  како причина наведе технички проблеми, но се претпоставува дека намерата на Русија е да го стави Западот под притисок во украинскиот конфликт.

Цената на гасот  во измината недела забележа виден пад, за што придонесе информацијата дека европските резервоари на плин се полнат со поголема брзина од очекувањата. Но, земено во целина, гасот константно поскапува последните месеци – на крајот на ланската година мегават час од гас чинеше помалку од 100 евра. Зависноста на Европа и на Германија од рускиот гас е голема, иако од почетокот на војната во Украина се прават огромни напори за нејзино намалување.

Портпаролот на германската влада Штефен Хебештрајт оцени дека порастот на цената на гасот е „посакувана реакција“ по најавата на рускиот енергетски концерн Газпром да ја прекине испораката преку гасоводот Северен тек 1. Германската влада интензивно работи на пребродување на зимата без руски гас, но  претстојат тешки месеци,  призна владиниот портпарол. 

Кремљ пак го обвини Западот за запирањето на протокот на руски гас кон Германија. Проблемите настанаа поради санкциите на западните држави, нема никаква друга причина, изјави портпаролот Дмитри Песков денеска во Москва, категорично отфрлувајќи ги сите обиди на Западот, како што рече, вината да ја префли врз Русија.

Прекинот на испораката на гас од страна на Газпром преку Северен тек 1, започнат во средата минатата недела, беше образложен со редовно сервисирање на една компресорска станица, и требаше да трае до саботата. Во петокот вечерта меѓутоа концернот соопшти за протекување на гас од една турбина. Притоа, сѐуште не е завршен спорот ни околу турбината која Сименс ја имаше претходно испратено на сервисирање во Канада и сега се наоѓа во Германија. И за нејзиното враќање Москва ги обвинува санкциите на Западот, додека Германија аргументира дека Русија го блокира нејзиното преземање.