1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите Македонци и на 32 години живеат со мама и тато

ДТЗ
29 октомври 2024

Младите на Балканот најдоцна во Европа ги напуштаат домовите на своите родители. За разлика од нив, младите во Финска, Данска и во Шведска од мали нозе се осамостојуваат.

https://p.dw.com/p/4mLLx
хотел мама
Младите Македонци и на 32 години никако да се одвојат од скутот на мама и татоФотографија: Fotolia/Jeanette Dietl

Младите во Црна Гора, Северна Македонија и во Хрватска тешко се одлучуваат да го напуштат родителскиот дом. Статистичките податоци покажуваат дека младите во Црна Гора во просек на 33 години, а во Северна Македонија на 32 години сè уште живеат со „мама и со тато“. 

Анализата на статистичкиот портал „Ландгајст“, базирана на податоци на Евростат, укажува дека младите на Балканот најдоцна во Европа ги напуштаат домовите на своите родители. За разлика од нив, младите во Финска, Данска и во Шведска од мали нозе се осамостојуваат.  Па така,  младите Финци најрано го напуштаат домот на нивните родители, а во чекор ги следат и Данците и Швеѓаните, коишто на 21 година се одлучуваат да бидат самостојни. Норвежаните во просек живеат со своите родители до 22,5 години.  

Балканците тешко заминуваат од дома 

Но, за разлика од скандинавските земји, младите во Црна Гора во просек остануваат да живеат со своите родители до 33,3 години, во Северна Македонија до 32,1, во Хрватска 31,8, во Србија до 31,5, Грција 30,6, а во Бугарија до 30 години.

Во Јужна Европа и на Балканот, повеќе од половина од луѓето на возраст од 20-25 години живеат со своите родители. Во Северна Европа, пак, овој процент е под 20%, па дури и под 10%.

Меѓу западновропските земји, најдолго со своите родители остануваат да живеат младите Шпанци и Португалци, до 30,4 односно до 29,1 годишна возраст. Младите Британци, пак, се осамостојуваат на 24,6, Германците на 23,9, а Французите на 23,7 години.

Податоците коишто се анализирани за Србија и Турција се од 2022 година, додека за Северна Македонија и Црна Гора од 2019 година. 

Балкан: Младите во Македонија живеат најдолго со родителите

Една четвртина од младите живеат во пренаселени домаќинства

Во 2023 година, 26,0% од младите луѓе на возраст од 15-29 години во ЕУ живееле во пренаселени домаќинства. Стапката кај младите е за 9,2 % повисока од стапката на пренаселеност кај целокупното население (16,8%).

На ниво на земја, Романија (59,4%), Бугарија (55,3%) и Латвија (54,8%) имаат највисоки стапки на пренаселеност кај младите луѓе. Спротивно на тоа, најниски стапки се забележани во Малта (3,9%), Кипар (4,0%) и Ирска (4,4%). 

Кој го напушта родителскиот дом подоцна? Мажите или жените?

Во ЕУ, во просек, мажите го напуштиле родителскиот дом подоцна од жените: мажите на возраст од 27,3 години и жените на 25,4 години во 2022 година. Оваа разлика е забележана во сите земји, т.е. младите жени се иселиле од родителскиот дом на просек порано од младите мажи.

Мажите го напуштиле својот родителски дом, во просек, по 30-годишна возраст во 9 земји на ЕУ (Хрватска, Бугарија, Грција, Словачка, Шпанија, Италија, Малта, Словенија и Португалија), додека ова е случај за жените само во една земја: Хрватска.

Најширок родов јаз има во Романија, каде што младите мажи заминале од домот на родителите на 29,9 години, а жените на 25,4 години (4,5 години јаз меѓу половите), потоа Бугарија (4,1 година јаз), со тоа што мажите се иселуваат на 32,3 години, а жените на 28,2 години. Спротивно на тоа, Луксембург, Шведска, Данска и Малта имаат најтесни јазови меѓу младите мажи и жени кои го напуштаат родителскиот дом.  

Македонците најдолго во „Хотел Мама“