1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи: Се прават напори Сергеј Лавров да дојде во Скопје

ДТЗ
6 ноември 2023

Македонија се подготвува за годишната министерка конференција на ОБСЕ, која што ќе се одржи од 29 ноември до 1 декември во Скопје. Организацијата ќе чини над пет милиони евра.

https://p.dw.com/p/4YSeR
Бујар Османи
Македонија се подготвува за министерката конференција на ОБСЕФотографија: NMazedonien MFA

Северна Македонија се подготвува за годишната министерка конференција на ОБСЕ, која што ќе се одржи од 29 ноември до 1 декември во Скопје.

„Станува збор за најголем настан во државава, и по димензии и по суштина“, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, на брифинг со новинарите во СЦ „Борис Трајковски" каде привршуваат подготовките за собирот.  

Најавите се дека во главниот град на земјата треба да пристигнат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ. Околу 200 војници на АРМ ќе ги возат министрите на ОБСЕ. Се очекуваат над 1.000 гости, над 100 медиуми, делегации од повеќе земји, меѓу кои и од САД, Велика Британија и од Русија, но сѐ уште е неизвесно доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи,Сергеј Лавров, бидејќи македонскиот воздушен простор е затворен за државни руски авиони, како и на соседните земји.

Неколку сценарија

Османи потврди дека се соочуваат со одредени предизвици. Руската Федерација ќе присуствува со свои претставници, но неизвесно е доаѓањето на Лавров, кој пред неколку дена испратил барање да присуствува на Самитот на ОБСЕ.

„Тука ќе треба да се направат логистички напори. По правило, сите земји-учеснички треба да присуствуваат на министерскиот совет на ОБСЕ, но за конкретни личности ќе зависи од одредени одлуки што треба да се донесат. Јас се надевам дека сите ќе бидеме во Скопје“, додаде тој.

Со евентуалното недоаѓање на Лавров ќе се комплицира изборот на следниот претседавач за 2024 година, бидејќи одлуките се носат со консензус.

„Ние работиме на неколку сценарија“, вели Османи, според кој земјите се поделени околу тоа кој може да биде претседавач со ОБСЕ, но дека се прават напори да се најде решение за тоа прашање. Првото сценарио е Естонија да биде претседавач, бидејќи е единствениот формален кандидат, но се соочува со немање поддршка од една земја учесничка.

„Ако се исцрпат сите кандидати, тогаш Северна Македонија нема да дозволи организацијата да остане без претседавач. До последната минута од завршување на нашето претседавање ќе работам да најдеме, веќе сум на добар пат“, вели Османи.

Сергеј Лавров
Се прават напори Сергеј Лавров да дојде во Скопје Фотографија: Vyacheslav Prokofyev/dpa/TASS/picture alliance

Колку ќе чини самитот?

Османи информираше дека организацијата на завршниот самит на ОБСЕ во Скопје ќе чини помеѓу пет и осум милиони евра, а речиси целата сума ќе ја плати Македонија како претседавач.

Во логистика за настанот ќе бидат ангажирани над 200 луѓе. Ќе биде обезбеден и чартер лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони. МНР ќе плати 960 илјади евра за изнајмување на возила наменети за министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ.

Османи вели дека за првпат се наоѓа ОБСЕ пред криза и одлуките за иднината на организацијата ќе се донесат во салата „Борис Трајковски“.

Што се однесува за извештајот на Европската комисија,кој на 8 ноември треба да биде објавен, шефот на диломатијата очекува дека ќе биде објективен.

„ЕК обично е објективна во своите проценки. Мислам дека ќе има и пофалби во однос на постигнувањата, се разбира ќе има и критики во однос на одреден слабости, коишто ги има државата. Ние сите сме свесни дека државата денес не е спремна за членство во ЕУ, но далеку е спремна за отворање на поглавјата за да ги адресира токму тие слабости коишто очекувам да ги констатира ЕК во извештајот“, изјави Османи.