1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Дали ќе може да се пуши марихуана и на работа?

2 април 2024

Канабисот е легализиран во Германија: возрасните можат легално да го поседуваат и користат. Сепак, останаа многу нејаснотии околу примената на законот. А, оној кој верува дека ќе може да пуши трева на работа - се лаже.

https://p.dw.com/p/4eMZX
канабис
Пушењето канабис од денеска е легално во ГерманијаФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Контроверзната делумна легализација на канабисот во Германија, која ја прославија околу 1.500 страсни пушачи на марихуана пред Бранденбуршката порта во центарот на Берлин, ги доведува германските компании пред нови административни предизвици. Дали во иднина е дозволено пушење марихуана на работното место? Германската агенција ДПА праша неколку поголеми корпорации како генерално се регулира справувањето со зависностите како алкохолот на работното место и што се менува со легализацијата на канабисот.

Кај добавувачот на автомобили Континентал, употребата на алкохол и други опојни средства е јасно регулирана преку локални колективни договори, соопшти компанијата. Како по правило, постои апсолутна забрана за консумирање алкохол и опојни средства на локации во Германија, без да се прави разлика помеѓу алкохол, канабис и други опојни средства. Ова е случај и со договорот на Континентал. 

Берлин
Во Берлин околу 1.500 луѓе ја прославија легализацијата на канабисот пред Бранденбуршката портаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Производителот на автомобили БМВ информираше дека се во тек разговори со синдикатите за да се склучи посебен колективен договор за ова прашање. При што се уште важи правилото дека „вршењето на какви било работни задачи под дејство на опојни средства е забрането“, велат од БМВ Истото важи и за Дајмлер - строго е забрането и конзумирање на какви било опојни средства за време на работното време. И во Дојче Телеком нагласуваат дека кај нив има колективни договори кои вклучуваат и користење на опојни дроги и дека овие договори сега ќе се надополнуваат со оглед на новата ситуација. 

Кој ќе го контролира сето ова? 

Иако министерот за здравство никогаш не бил голем поборник за легализација, тој не беше ниту против актуелната забрана. „Системот целосно пропадна“, вели Лаутербах, укажувајќи на зголемениот нелегален пазар и зголемената потрошувачка, дури и кај децата и младите. Според Министерството за здравство, повеќе од четири милиони луѓе во Германија повремено или редовно консумираат канабис, иако тој досега беше нелегален.

Отсега тоа им е дозволено на возрасните. Можат да имаат 25 грама со себе и дури и до 50 грама дома. Пушењето трева е дозволено и на јавни места - но не во текот на денот во пешачките зони, доколку се присутни деца и млади луѓе или во близина на детски игралишта, градинки и училишта. Има забранет појас од 100 метри околу влезовите.

Но, кој ќе го контролира? Полицијата се плаши од дополнителни трошоци, а министрите за внатрешни работи на сојузните покраини гласно ја критикуваа легализацијата. Дополнително, судството ќе мора ретроактивно да ги укине претходно изречените казни поврзани со канабис, доколку тие веќе не се извршени. 

канабис
Може да се одгледува и на балконот: три растенија по лицеФотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Како што можеше да се очекува, овој закон на владејачката коалиција наиде на отпор кај опозициските демохристијани. „За мене е необјасниво зошто владејачката коалиција е толку 'хај' кога станува збор за легализација на марихуаната“, изјави баварскиот премиер и лидер на христијанските социјалисти ЦСУ, Маркус Зедер. Тој најави дека новиот закон ќе се применува „екстремно рестриктивно“ во неговата провинција. Дополнително, демохристијаните (ЦДУ и ЦСУ) најавија дека ќе ги разгледаат сите можности за тужба и ќе се обидат што поскоро повторно да ја укинат легализацијата. 

Рецепт против криминалот? 

Сепак, социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП) се надеваат дека легализацијата ќе го ослабне црниот пазар и ќе ја зајакне здравствената заштита. Бидејќи сега контролиран, чист канабис ќе биде достапен на пазарот. Тој ќе доаѓа или од сопствено одгледување - дозволени се три растенија дома - или од клубови на конзументи на канабис.

Овие некомерцијални клубови со најмногу 500 членови можат да им обезбедат канабис на своите членови со надокнада. Сепак, клубовите ќе можат да се организираат дури од јули. Затоа се поставува прашањето од каде ќе дојде легалниот канабис на почетокот. Министерот за здравство смета дека некои веќе однапред планирале: ако некој одгледува канабис, не е важно кога бил купен или засаден, од денеска тоа е легално, објасни Лаутербах,

Еден од аргументите за легализација е тоа што во Канада црниот пазар е намален и до 80 отсто. Сепак, канабисот е слободно достапен во специјализирани продавници - за разлика од Германија. Иако оваа „канадска опција“ треба да се тестира и во некои пилот проекти, за нив треба да се донесе друг закон, а засега не е јасно кога и дали воопшто ќе биде усвоен. 

Берлин канабис
„Не сакаме да бидеме криминалци“ пишува на транспарентот на овој пушач на канабисФотографија: /AP Photo/picture alliance

Здравствени ризици за младите луѓе 

Критичарите на овој закон сметаат дека дури и делумната легализација го намалува прагот на толеранција и дека канабисот станува подостапен за младите. Многу лекари за деца и адолесценти ги искажаа овие стравувања пред изгласувањето во парламентот. Тие ја гледаат опасноста од психоза и оштетување на мозокот, кој е целосно развиен на 25-годишна возраст. Од медицински причини, многумина препорачуваат да не се консумира канабис претходно.

Министерот за здравство, пак, упатува на построга криминална политика за заштита на младите. Секој што дава канабис на деца и адолесценти мора да очекува затворска казна. Конзумирањето на возрасни е дозволено, но количината и пропорцијата на психоактивна супстанција THC се ограничени за оние под 21 година.

Истовремено, предвидена е и информативна кампања, која има за цел да ги предупреди младите за опасностите од консумирање канабис. Даниела Лудвиг, поранешен федерален комесар за дрога, останува релевантна со изјавата: „Нема никаков сомнеж: канабисот не е брокула“. 

Бум на производството на медицинска марихуана