1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маките со слабото евро и зошто е важен паритет со доларот

Пандеј Ашутош
29 август 2022

Еврото и оваа недела ја започна со губење на вредноста во однос на доларот. Едно евро изутринава се разменуваше за 0,9915 американски долари. Паѓањето на заедничката европска валута можеби ќе продолжи.

https://p.dw.com/p/4GAaf
Евро долар курс паритет
Едно евро изутринава се разменуваше за 0,9915 американски долариФотографија: Carol Smiljan/picture alliance

Од почетокот на руската инвазија во Украина, еврото загуби многу на вредност во однос на доларот. Сега е под психолошки важното ниво на паритет. Паритет во основа значи дека еден долар чини едно евро. Тоа не е ништо повеќе од психолошки праг за учесниците на пазарот познати по нивната наклонетост кон тркалезни броеви. „Финансиските пазари ја сакаат симболиката“, вели за ДВ Карстен Бржески, главен економист за Германија и Австрија во банката ИНГ.

Заедничката европска валута ја влече надолу генералното влошување на изгледите за еврозоната поради зголемените цени на бензинот и стравувањата дека Русија ќе го запре доставувањето гас. Преголемата зависност од руски гас на големите економии, како Германија и Италија, ги вознемири инвеститорите, а економистите предвидуваат многу побрза и поболна рецесија во еврозоната отколку во САД.

Освен тоа, тука е и разликата во каматните стапки во САД и еврозоната. Централната банка на САД беше поагресивна во зголемувањето на каматните стапки за борба против инфлацијата. Додека Американската централна банка ги зголеми каматните стапки за вкупно 225 базични поени од март, Европската централна банка одобри зголемување за само 50 базични поени.

„Парите одат онаму, каде што има поголема добивка“, објаснува Бржески. Американскиот долар во моментов профитира од својата атрактивност на „сигурно пристаниште“. Во сите мрачни изгледи и неизвесност во врска со светската економија, инвеститорите наоѓаат утеха во релативната сигурност која им ја нуди доларот.

Како послабото евро влијае на потрошувачите?

Падот на еврото уште повеќе ќе ги оптоварува европските домаќинства и бизниси кои се веќе погодени од рекордно високата инфлација. Послабата валута ќе го поскапи увозот кој главно се плаќа во долари. Доколку притоа она што се увезува се суровини, нивната повисока цена може дополнително да ги зголеми локалните цени.

Во нормални времиња, слабото евро се смета за добра вест за економиите кои се извозно силни, како Германија. Тоа го поттикнува извозот бидејќи се плаќа во долари и затоа е поевтин. Но, овие времиња тешко може да се наречат нормални, со оглед на глобалните проблеми во ланците за снабдување, санкциите и војната во Украина. „Во сегашната ситуација со геополитички тензии, мислам дека предностите на слабата валута се помали од недостатоците“, оценува Бржески.

За американските патници кои доаѓаат во Европа, слабото евро е благодет. На пример, на ниво на паритет, тие теоретски можат да ги заменат своите 1000 долари за 1000 евра - во февруари добиваа само 900 евра. Со други зборови, нивниот долар би вредел многу повеќе. Сега е поевтино и за американските компании кои увезуваат европски стоки.

Евро курс долар
Експертите предвидуваат дека еврото би можело да падне до 0,95 долариФотографија: Klaus-Dieter Esser/agrarmotive/picture alliance

Колку ниско ќе падне еврото?

Со оглед на влошувањето на енергетската криза во Европа, сѐ поголеми се облозите дека еврото ќе паѓа уште под нивото на паритет. Стратезите на Номура Интернешнал предвидуваат дека еврото би можело да падне до 0,95 долари. Американската инвестициска банка Морган Стенли очекува заедничката европска валута уште во текот на овој квартал да се намали на 0,97 долари.

- повеќе: Хрватска: Збогум на куната, добредојде за еврото

Слабото евро и растечките цени ги зголемуваат предизвиците за Европската централна банка, која беше критикувана поради тоа што многу подоцна ги зголеми своите камати во споредба со други централни банки. Отежнувачка околност за ЕЦБ, која има задача да ја заузда инфлацијата, е и тоа што еврото губи на вредност не само во однос на доларот, туку и во однос на швајцарскиот франк и јапонскиот јен. „Ова сега ќе се претвори во малку поширока слабост на еврото и со тоа ќе стане инфлациски проблем за ЕЦБ“, смета Вирај Пател, девизен стратег во истражувачката компанија Ванда Рисрч.