1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од борба за слобода до битка за иднината

23 октомври 2024

Денес, битката не е со оружје, ниту пак е за слобода или права, туку пред сѐ е за економски стандард, квалитетен живот и перспектива. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4m5zi
Македонија Знаме
Македонска револуционерна борба - од борба за слобода до битка за иднинатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Кога пред 131 година, во Солун е поставен темелот на македонската револуционерна борба, Македонците немале своја држава, биле поробени, малтретирани, угнетувани, мачени. Немало друг избор освен македонскиот народ да се фати за оружје и со многу крв и страдање да ја плати цената за слободата, сувереноста и самостојноста која ја имаме денес. Денес, за среќа, битката не е со оружје, ниту пак е за слобода или права, туку пред сѐ е за економски стандард, квалитетен живот и перспектива.

На овој голем празник, се сетив на колумната која шокираше многумина и која ја објавив пред една година. Беше огромен шок и за мене кога од официјалните податоци на Светската банка разбрав дека Албанија економски не престигнала. Тоа беа податоци за 2022 година, и тоа беше прва година во историјата, Албанија да има повисок БДП per capita од Македонија. Го проверував повторно и повторно овој податок, но бројките беа точни и поразителни. Кога излегоа податоците на Светската банка за 2023 година и кога видов дека втора година по ред Албанија има повисок БДП per capita од нас, сфатив дека ова е тренд кој ќе продолжи и во иднина и е резултат на наша економска стагнација. Бидејќи сѐ уште не се објавени податоците на Светската банка за тековната 2024 година, побарав податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Како и што очекував и во 2024 година овој тренд продолжува и повторно, трета година по ред, Албанија е економски подобра од нас.

Некој ќе рече ова е колективен  пораз. Јас со тоа не се сложувам. Ова е личен пораз на тие политичари кои ја водеа државата во изминатите 7 години и кои денес, без срам велат дека новата влада, која помалку од 4 месеци ја води државава, ја води Македонија кон економска катастрофа.

За илустрација, во 2016 година, пред СДСМ да ја продуцира најголемата политичка криза во историјата на државата, Македонија беше далеку економски подобра од Албанија, а беше рамо до рамо со Србија. Денес, после скоро 7 годишно владеење на СДСМ, Македонија 3 години по ред има понизок БДП per capita од Албанија, а Србија стана целосно недостижна со речиси 50% повисок БДП per capita од Македонија. Ако до 2021 година некако и се држевме, од 2021 – 2022 година ние имаме пад, а Албанија и Србија прилично силен раст. 

Легатот на СДСМ 

За потсетување, според дефиницијата дадена од нашиот Завод за статистика, со податокот за бруто-домашниот производ по жител се врши споредба на развиеноста на државата во однос на други држави, споредба на продуктивноста на трудот и истовремено податок од кој се добиваат податоците за бруто-националниот доход, бруто-штедењето и нето задолжувањето на државата.

Овој исклучително лош резултат никако не може и не смее да се припише на новата влада, туку е легат кој на сите нас ни го остави СДСМ и неговиот начин на владеење, кој повеќе се заснова на политиканство и зборување, отколку на стратегија и работење, а уште помалку, остварување. Така и оваа 2024 година ќе оди на конто на СДСМ и не може да се обвини новата влада предводена од ВМРО за тоа што и оваа трета година по ред Албанија ќе има повисок БДП per capita од Северна Македонија. Да не бидам погрешно сфатен, не сум љубоморен, ниту пак и завидувам на Албанија што постигнала подобри економски резултати, напротив им честитам на успешните економски политики, но она што го посакувам е ние побрзо да се развиваме.

Затоа првата желба која си ја посакав на роденденот на македонската револуционерна организација е наредната 2025 година, да имаме повисок БДП per capita од Албанија и полека, но сигурно да почнеме да се приближуваме кон економскиот резултат на Србија. Година и пол е доволен период за стабилизација на економијата, поставување на квалитетни економски политики и жнеење на резултатите од развојната економска стратегија. Ова знам дека нема да биде лесно, особено поради фактот што Албанија ги почна преговорите за полноправно членство во ЕУ, а ние сѐ уште сме заглавени на вечната станица наречена Западен Балкан. Ова ќе преставува дополнителен „бустер" за Албанија, па доколку ние останеме заглавени на Европскиот пат, владата ќе треба да постави брилијантни економски политики за да парира и победи во оваа соседска економска битка за подобар животен стандард на сопствените граѓани. Ова, по мене, ќе биде клучниот параметар по кој ќе ја цениме новата влада предводена од ВМРО. 

Изградба на нов Клинички центар 

Втората желба која си ја посакав за роденденот на Македонската револуционерна организација е во наредните 100 дена, да започне со реализација проектот за изградбата на новиот Клинички центар. Пред повеќе од 2 години напишав дека СДСМ нема никогаш да го изгради новиот Клинички центар. СДСМ ги бива за критика, знаат добро да зборуваат и да го убедат народот дека противникот не чини, ама за работа не ги бива. Тоа се докажа не само со неизградбата на нов Клинички центар, туку и со незавршувањето на изградбата на Клиничката болница во Штип, болницата Св. Еразмо во Охрид, оставањето на реконструкцијата на старата Градска болница на половина, итн. Времето брзо лета, па новата влада ќе мора брзо да реагира, затоа што  4 години брзо минуваат. Инаку, за потсетување Србија од нас го виде проектот за изградба на Клинички центар преку проект на Банката на Советот на Европа, не копираше, го почна проектот после нас и одамна го заврши новиот Клинички центар. Во нашата држава (читај СДСМ) за тоа време, си зборевме, анализиравме, мудрувавме, ги слушавме мислењата на експертите, па пак анализиравме, пак зборувавме и дојдовме до овој резултат, сѐ уште да немаме нов клинички центар. Tempus fugit, потребна е итна акција.

Во приказните се вели дека имаме право на три желби, па како трета желба за роденденот на Македонската револуционерна организација, ќе си посакам една едноставна желба, да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ и до 2030 година да станеме полноправна членка на ЕУ. Интересно е што, ако ми се оствари третава желба, многу веројатно е да ми се остварат и првите две. Ако не, ќе биде многу потешко отколку што мислиме и очекуваме.

Нека е честит Денот на Македонската револуционерна борба.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема