1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Мајк Пенс сака да биде американски претседател

Мартин Кох
6 јуни 2023

Мајк Пенс, потпретседател на САД во мандатот на Доналд Трамп, влегува во трката на републиканските кандидати за претседателска кандидатура - ​​против својот поранешен шеф. Но, тој е многу пред него.

https://p.dw.com/p/4SEai
Мајк Пенс Републиканска партија кандидатура
Мајк Пенс треба да ја објави официјално својата кандидатура во среда, 7.06.2023Фотографија: Rick Bowmer/AP/dpa/picture alliance

Мајк Пенс ги доставил потребните документи за кандидатура до Сојузната изборна комисија на САД во текот на вчерашниот ден (5.06). Со тоа е јасно дека тој во својата Републиканска партија сака да се кандидира како предизвикувач на американскиот претседател Џо Бајден на изборите во 2024 година.

Се очекува 63-годишниот конзервативен политичар официјално да ја објави својата кандидатура за претседател во среда, во сојузната држава Ајова. Таму традиционално во јануари почнуваат прелиминарните избори на републиканците за претседателски кандидат.

Пенс веќе извесно време навестува дека е заинтересиран да биде главен кандидат на неговата партија за претседателската функција. Со официјалното изјаснување на кандидатурата, кое може да се види на веб-страницата на Сојузната изборна комисија, е исполнет важен предуслов за тоа.

Според извештаите на американските медиуми, евангелистичкиот христијанин и противник на абортусот во среда (7.06) ќе го објави првото видео од кампањата, ќе одржи говор пред приврзаниците во главниот град на Ајова и ќе се појави на телевизијата Си-Ен-Ен. Во среда е и неговиот 64-ти роденден.

На трето место

Меѓутоа, бројките во моментов јасно зборуваат против успех на неговата кампања: анкетите во врска со кандидатите од редовите на Републиканската партија во моментов го гледаат Пенс на трето место, далеку зад поранешниот претседател Доналд Трамп и гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис.

Според специјализираната веб-страница FiveThirtyEight, Пенс во моментов има просечни 5,4 проценти доверба. Трамп има околу 54 отсто, а ДеСантис околу 21 отсто.

Пенс беше лојален заменик на Доналд Трамп во Белата куќа за време на мандатот на Трамп од 2017 до 2021 година. Упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година, за време на кој разбеснетите поддржувачи на Трамп меѓу другото извикуваа „Обесете го Мајк Пенс“, доведе до прекин на односите меѓу двајцата републиканци.

Во тоа време, Пенс одби да го спречи Конгресот да ја потврди победата на демократот Џо Бајден на претседателските избори во ноември 2020 година, како што побара Трамп. Со тоа тој стана мета на бесни напади од страна на Трамп, кој со недели ширеше обвинувања за изборни измами кои многупати беа побиени.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема