1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Maкедонија нема море, но го има Суперкупот

8 август 2017

Од централната трибина, покрај функционери на УЕФА, како и славните сер Алекс Фергусон и сер Боби Чарлтон, спектаклот ќе го следат и премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев и претседателот на парламентот Џафери.

https://p.dw.com/p/2hqmE
Mazedonien Skopje Supercup Real Madrid vs. Manchester United
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Сите патишта водат кон главниот град на Македонија. Илјадници фанови на најтрофејните европски клубови „Реал“ и „Манчестер Јунајтед“, кои вечерва ќе се соочат во финалето на Суперкупот на Европа, од вчера најтоплите денови на август ги поминуваат во Скопје. Со биланс од над 20.000 посетители за само два дена, Скопје им конкурира и на најпознатите туристички дестинации.

Централното подрачје на градот веќе неколку дена е брендирано во боите на Суперкупот, а фан-зоните и кафулињата во градот се преполни со гости. Фреквентно е и на аеродромот „Александар Велики“, каде покрај редовните, вчера имаше и околу 20 вонредни слетувања на чартери, а дел од фудбалскиот џет-сет пристигна со мали приватни авиони. Денеска најфреквентно ќе биде на граничниот премин Деве Баир, бидејќи фановите кои пристигнуваат со авио-линии до Софија, со автобуси ќе тргнат кон Скопје, каде веќе ги чекаат илјадници нивни „колеги“ од Балканот, Европа и подалечни дестинации.

Забава во фан-зоните

Музика и врева се мешаат на плоштадот „Македонија“, каде е сместена неутралната фан-зона, каде уште вчера стотици љубители на фудбалот чекаа во ред за да се фотографираат со трите трофеи - на Суперкупот, на Лигата на шампионите и на Лигата на Европа, а кои претходно прошетаа низ повеќе градови во Македонија. На плоштадот „Филип Втори“ е сместена фан-зоната на „Реал“, а фановите на „Манчестер“ речиси и не ја користат одредената фан-зона кај споменикот на Мајка Тереза, туку онаа што самите ја организирале во ресторанот „Парк“, во близина на националната арена.

Mazedonien Skopje Supercup Real Madrid vs. Manchester United
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

„Vamos Real!“ и „Come on, Manchester!“, се навивачките повици со кои фановите ги бодрат своите тимови. Сите предвидуваат победа за своите фаворити, а секоја прогноза ја залеваат со нова тура ладно пиво - главниот еликсир за 40-те целзиусови степени во Скопје. На таква температура „црвените ѓаволи“ и „кралевите“ вчера ги одржаа и првите тренинзи и прес-конференции. Најавуваат победа и целосна подготвеност за мега-спектаклот кој вечерва ќе го следат 300 ТВ-куќи од над 200 земји. Преносот од натпреварот кој започнува во 20:45 часот се очекува да го следат меѓу половина и една милијарда гледачи, со што ќе биде втор најгледан настан по летната Олимпијада во Рио. На натпреварот ќе му претходи свечена церемонија, за која досега не се објавени детали.

ВИП гости

За билети за овој спектакл аплицираа околу 100.000 луѓе, а лотаријата одреди кои од нив ќе имаат можност да го следат Суперкупот во Скопје, во националната арена „Филип Втори“, која минатата година беше преименувана во „Телеком арена“. Нејзиниот капацитет за 33.460 гледачи ќе биде исполнет до последно место. Од нив 7.680 места им припаднаа на македонски граѓани, речиси по толку и за навивачи од Шпанија и Англија. На централната трибина вечерва ќе може да се видат многу вип - гости: долгогодишниот тренер на „Манчестер јунајтед“, сер Алекс Фергусон, кој четврт век помина на клупата на „црвените ѓаволи“, како и легендата на англискиот фудбал и на тој тим, сер Боби Чарлтон. Покрај бројни функционери на УЕФА, од истата трибина фудбалскиот спектакл ќе го следат и домашни политичари - премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и претседателот на парламентот, Талат Џафери. Покана од УЕФА добил и претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, но нема потврда дека ќе го следи натпреварот. Неизвесно е дали на истата трибина ќе седи и македонскиот репрезентативец Горан Пандев, кој е амбасадор на годинашново издание на Суперкупот. Поради обврските во Џенова и подготовките за новата сезона, тренерот Иван Јуриќ не му дозволил на Пандев да замине за Скопје.

„Приватните авиони прават чуда. Може да дојде пред, и да замине веднаш по натпреварот“, пријателски сугерираше на вчерашната прес-конференција шефот на „Манчестер Јунајтед“, Жозе Мурињо.

UEFA Champions League Final  - Juventus v Real Madrid  - Tor Ronaldo
Сѐ уште неизвесно дали ќе игра Роналдо Фотографија: Getty Images/D. Ramos

Силни безбедносни мерки

Второто прашање е дали на теренот вечерва ќе заигра Кристијано Роналдо. Тренерот на „Реал“, Зинедин Зидан, вчера не го задоволи љубопитството на јавноста. 

„Тоа што Кристијано е денес со нас, има големо значење. Тој е тука за да игра, но утре ќе одлучам“, рече Зидан на прес-конференцијата. И Роналдо, и сите ѕвезди од двата клупски гиганта, се под силно обезбедување и далеку од можноста нивните фанови да се приближат до нив. Големо обезбедување има околу хотелот „Александар Палас“ каде се сместени играчите на „Реал“, околу „ТЦЦ Плаза“ во кој престојуваат играчите на „Манчестер“ и хотелот „Мериот“ каде се сместени функционери на УЕФА. Скопје веќе два дена е под специјален безбедносен и сообраќаен режим околу националната арена. Два дена не работат фирмите во близина на стадионот, а како што е најавено, за тоа ќе бидат обесштетени. Над 2.000 македонски полицијаци ќе се грижат за антитерористички и безбедносни мерки во и околу арената, а помош во техника и информации полицијата добила и од безбедносните служби на пријателските земји. Од Интерпол до МВР била доставена листа со имиња за 60 опасни и проблематични навивачи, за кои е издадена забрана за влез во Македонија сѐ до завршување на Суперкупот, а еден таков обид за влез во земјава бил спречен вчера. Падна и првата пријава за препродажба на билети: ја заработи 41-годишен скопјанец кој преку интернет препродавал два билета за сума од 600 евра. Со новите измени на Кривичниот законик, кои неодмана  беа иницирани и донесени токму поради Суперкупот, за препродажба на билети е предвидена парична или казна затвор до една година.

Skopje Fußball 2011
Стадионот има капацитет за 33.460 гледачи и ќе биде исполнет до последно местоФотографија: DW

Без македонски знамиња

Посетителите на вечерашниот натпревар мора да почитуваат и други правила. УЕФА и Фудбалската федерација на Македонија соопштија дека ќе биде дозволено внесување само знамиња на клубовите финалисти и национални знамиња на земјите од каде што доаѓаат - Шпанија и Англија, и тоа со одредени димензии. Ќе бидат одземени знамиња кои пренесуваат порака со загрозувачка содржина за јавната безбедност, кои застапуваат нечиј став или имаат навредливи и дискриминаторски пораки. Ќе бидат одземени знамињата кои го попречуваат видикот на гледачите и прегледот на телевизиските камери. На натпреварот е строго забрането внесување на тврди предмети - запалки, монети, пиротехнички средства, шишиња, алкохол, оружје, чадори, камери и ласери. Со цел да се избегне метеж при безбедносната проверка, како и при проверката на билетите, влезовите на арената ќе бидат отворени три часа пред натпреварот - од 17:45 часот. По неколкумесечните подготовки за овој натпревар, од ФФМ не очекуваат никакви проблеми, туку еден исклучителен настан - срцето на Скопје да чука во ритамот на Суперкупот!