1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекцијата на Цветомира, Љупчо и Калиопи за Холокаустот

13 март 2023

Поглед кон одбележувањето на 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи и вината на Бугарија: со очи отворени, или со ширум затворени?

https://p.dw.com/p/4OaRi
Меморијален центар, Холокауст, Евреи, Македонија
Споменик за депортацијата на македонските Евреи: Меморијален центар на Холокаустот на Евреите од МакедонијаФотографија: DW/K. Delimitov

Во рамки на Меѓународен семинар за обука „Холокаустот како почетна точка за дијалог меѓу Бугарија, Грција и Северна Македонија“, наставници од трите држави - Цветомира Антонова од Бугарија, Љупчо Петревски од Северна Македонија и Калиопи Сотирели од Грција развиле наставна лекција за ученици на возраст меѓу 14 и 16 години на тема „Еврејските заедници и антисемитските политики во Бугарија, Грција и Северна Македонија за време на Втората светска војна“.

Лекцијата на Цветомира, Љупчо и Калиопи започнува со разјаснување на концептот на Холокаустот - чин на систематско, државно организирано прогонство и убивање на шест милиони Евреи од страна на нацистичкиот режим во Германија и неговите сојузници и соработници.

„На денот кога го одбележуваме спасувањето на бугарските Евреи, треба да дадеме отчет и за одговорноста што ја носи бугарската држава загибелта на над 11.000 Евреиод новоприпоените земји“, вели за БНР Цветомира Антонова, наставничка по историја која активно го истражува еврејското прашање.

Во мултиперспективниот пристап што го користеле наставниците, биле презентирани гледиштата на секоја страна.

„Обединивме три различни перспективи за децата да излезат од замката на предрасудите. И за Македонија и за Грција, тоа е многу трауматична тема, во која лошите се Бугарите. За Бугарите - ние ги затвораме очите и не сакаме да давамеотчет за она што се случило во март 1943. година надвор од старите предели. Кога ќе ги отвориме очите и ќе видиме што се случило, децата ќе научат дека има времиња и закони, во кои предрасудите, токсичните идеи и омразата водат до такви трагични настани“, вели Антонова.

Според Љупчо Петревски, наставник во основно училиште во Прилеп, наставниците треба да создадат мост помеѓу учениците од трите држави и да го шират разбирањето меѓу луѓето.

„За да најдеме поделби многу е лесно и да ги категоризираме луѓето -Бугари, Грци, Македонци...Нашето место на живеење е толку мало, делиме толку многу заеднички дела, нашата историја е многу блиска, нашата култура е многу блиска, но никако не успеваме таа блискост што ја имаме како три народи да ја искористиме на позитивен начин“, вли Петрески, додавајќи дека „многу од генерациите се затруени со минатото“.

Холокауст на Евреите од Македонија, Меморијален центар
Меморијален центар на Холокаустот на Евреите од МакедонијаФотографија: DW/K. Delimitov

Со очи ширум затворени

Лекцијата што ја подготвуваат тројцата наставници денес се издига многу високо над ставот што го промовира бугарскиот историчар Ангел Димитров, кој е и копретседател на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, и член на БАН.

„Да и` се припишува несоодветна вина на Бугарија за депортирањето на Евреите од територијата на денешна Република Северна Македонија - е несериозно“, изјави вчера Димитров за БТА, коментирајќи ја изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски.

На вчерашното одбележувањето на 80-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, Пендаровски реторички праша - дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците и дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа испратени во смрт?

„И во хебрејскиот, и во македонскиот јазик, изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, порача македонскиот претседател.

Според Димитров, оценките искажани од Пендаровски биле силно идеологизирани.

„Да се зборува на тој начин за Бугарија е крајно неприфатливо, дури и некоректно од страна на политичар со огромна одговорност, чија цел треба да биде воспоставување добри дипломатски односи меѓу нашите две земји“, рече Димитров.

Според него „во тоа време, Бугарија не ги владеела тие територии, туку само ги администрирала“.

Со очи ширум отворени

На ваквиот децениски наратив деновиве се спротивставија токму бугарски историчари и интелектуалци, кои потенцираа дека тезата за ограничена моќ на Бугарија во „новите земји“ е неоснована. Посочуваат дека тие земји биле дефинирани како „анектирани“ и од пратениците во Народното собрание и од сојузниците, биле целосно интегрирани во бугарската правна, административна, образовна и црковна структура, а исто така и населението било официјално припоено кон државните податоци од страна на статистичката служба.

Синагога Софија, Бугарија, Евреи
Синагога во Софија - Повик до бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае нејзината одговорност за прогонот и депортирањето на ЕвреитеФотографија: BGNES

Тие оценија дека „бугарските официјални ставови за судбината на Евреите под бугарска власт за време на Втората светска војна систематски страдаат од историска неодржливост и морален дефицит“. Притоа објавија јавен Повик, со кој ја повикаа бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае нејзината одговорност за прогонот и депортирањето на Евреите, оценувајќи дека таков морален гест во никаков случај не би создал колективна вина врз целото воено поколение, а уште помалку врз следните, туку би бил знак на зрелост и цивилизираност, израз на почит кон невините жртви и кон оние кои реално придонеле за спасување на многу човечки животи.

Еден од иницијаторите на тој Повик, историчарот Румен Аврамов, за БНР вели дека Бугарија располагала со доволно автономија во новите земји за да носи одлуки.

„Марш на живите“ во Скопје

„Се редат клишеа и митологизирачки мотиви во одбележувањето на оваа годишнина. Државата (Бугарија -н.з.) не успева да го најде вистинскиот јазик и баланс на односот кон овие настани, со кој ќе го раскаже и почитува тоа што треба да се почитува, и да го осуди тоа што треба да се осуди“, посочува Аврамов.

Тој и потписниците на Повикот порачаа дека „упорното заобиколување на реалности не е ништо друго освен државен негационизам (ревизионизам)“.

Вчера, покрај Пендаровски, порака дека овие настани не смеат да подлежат на никаков ревизионизам, испрати и македонскиот премиер, Димитар Ковачевки, во неговиот говор на комеморативниот настан по повод 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи.

„За да осигураме безбедна иднина за генерацијата после нашата, сите денес мораме да покажуваме дека сме извлекле поуки од минатото. А тоа ќе го направиме само ако застанеме одлучно против екстремни националистички и полулистички идеолигии, коишто водат кон фанатизам. Индиферентноста кон есктремизмот е соучесништво и е неприфатлива. Овие вистини посебно, не смеат да подлежат на ревизионизам, тоа е рецепт за повторување на ужасните трагедии како Холокаустот“, порача Ковачевски.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи