1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
11 јули 2024

Гостивар е упорно забораван од македонската политика и забошотуван од американската и европска дипломатија. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4i8FK
Северна Македонија Гостивар
Гостивар (архивска фотографија)Фотографија: DW/S. Toevski

Не го познавав Шпат, до вчера, ниту имав слушнато за него. За разлика од неговиот татко Шпенд,  кого исто така не го познавав, но името ми е врежано во сеќавање поради десетиците и десетиците испишувања на неговото име како една од жртвите на масакрот во Гостивар на 9 Јули 1997 година. Се сеќавам на денот. Нa ноќта и утрото потоа.

Вечерта по настаните, седев во канцеларијата, свесен дека нешто ужасно се има случено. Вистинската димензија на трагедијата не ја дознавав од штурите вести, туку од изразите врз лицата на странските набљудувачи, сведоци на настанот, вознемирени и шокирани. Првиот, со гневен израз на лицето и стиснати заби процеди: „Ова не е полиција, туку збир на дивјаци, животни, скотови”. Вториот, срушен на стол карши, повторуваше: „Ужасно, само кукавици можат да бидат такви садисти и монструми.“ Третиот се расправаше со надлежниот во ходникот извикувајќи. „Што бараме овде доколку не можеме да спречиме вакви идиоти, каков мир тоа ние одржуваме?“ 

Утрото потоа, високиот дипломат со сочувство ми пријде и изусти: „Односот на полицијата беше отворен фашизам”. Сепак, неговиот помошник беше најконкретен: „Што по ѓаволите прават Американците, вака ли ги тренираат? Крвта на тие луѓе е врз рацете на (Кристофер) Хил и амбасадата”. Во деновите кои следеа, таа констатација – во поблаги и посурови варијации – ја слушав од десетина други странски соговорници. А сепак, ниту еден од нив не сакаше, не прифаќаше да се впушти во елаборација на таквите констатации. Лично, си помислував дека можеби станува збор за некаков антиамерикански сентимент. За неколку недели подоцна, висок странски претставник да ми ја предочи целосната, срамна и брутална вистина за позадината на самиот настан и улогата на Амбасадата на САД, но и соучесништвото на ОБСЕ и ЕУ во затајување и заташкување на нивната мизерна улога пред, за време и по масакрот во Гостивар на 9 Јули 1997 година.

Дискрецијата кон соговорникот ме обврзуваше на претпазливост, сѐ додека не наидов на извештајот на Хјуман Рајтс Воч од 1 Април 1998 година и сведоштвото на првиот американски претставник во Македонија, Виктор Комрас. Иако во далеку поублажена форма и без скарадни детали (претставени од мојот западен соговорник), сведоштвото на ХРВ беше брутална осуда на американската амбасада и политика кон масакрот и учеството во неговото забошотување. Според извештајот, „САД сносат особена одговорност за однесувањето на полицијата, бидејќи тие обучуваа најмалку 329 македонски полицајци од 1995 година, некои од нив учесници во инцидентот. Во 1996 година, 24 полицајци добија тактичка обука преку антитерористичката програма на Стејт Департментот”, наведувајќи дека меѓу мноштвото полициски службеници препорачани и тренирани од САД, добар дел биле учесници во оргијата на насилство врз Албанците во Гостивар. 

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Подоцна, амбасадорот Комрас директно ќе го обвини амбасадорот Хил и амбасадата за несфатливиот гест на давање поддршка на убиствената бруталност на македонската полиција против албанските демонстранти. Колку за потсетување, портпарол на Хил во тоа време беше „нашиот амбасадор во Вашингтон”, Филип Рикер.

Не верувам дека Анџела Агелер тогаш имала слушнато за некојси таму Гостивар. Исто како што денес не знае дека постои некојси Шпат. И Агелер нема и не може да има никаква вина за Гостивар, дури ни за потребата да им изрази сочувство на семејствата на жртвите. Тоа е сепак прашање на висока политика, која нема време да се бави со сеќавања за грозни faux-pas епизоди од таму некоја Македонија и капките крв врз нивната градинка на Илинденска.  

Гостивар беше пресвртница  

Но гледано наназад, Гостивар беше пресвртница за многу нешта. Интернализираниот траор и молкот на албанските претставници во барање објаснување од американските дипломати за улогата во и забошотувањето на масакрот го цементираше пристапот на лежерно, безгрижно, со презир и ароганција исполнето третирање на албанските политичари од американската амбасада. Навикнати на неказнивост и отсуство на критика и протест, американските дипломати се вдадоа во арогантно и презриво сериско шиканирање, оцрнување, дефамација и прогон на десетици албански политичари и дејци (исклучиво национални, никогаш исламистички) преку нивно „спружување” по црни листи и потсмешлив третман, особено во присуство на македонските политичари или камери. Како ритуал на докажување на нивната „наклонетост кон домаќинот”.

Децении подоцна, Гостивар е упорно забораван од македонската политика и забошотуван од американската и европска дипломатија. Но еден пасус од извештајот на ХРВ особено плени како нитна која тоа минато го префрла во перпетуална сегашност. Пасус, сведоштво на европски дипломат дека „овде нема парламент, нема формални политички партии и има кршења на човековите права. Нема вистинска демократија и има доминација на етничките Македонци. Но ОБСЕ не може да го напише тоа, бидејќи тоа ќе ја направи состојбата нестабилна”. Цитатот е од 1997/98 година. Како подлога за прашањето: што навистина се има променето во реалноста на оваа земја и како мотив за заклучокот дека политиката на забошотување на реалноста од страна на амбасадите на САД, ЕУ, ОБСЕ, НАТО продолжува до ден денешен, со несмалена жестина, презир и нахалност.

Во деновите по Гостивар 1997 поставував прашања и не добивав одговори. Во оваа денешна Северна Македонија поставував прашања за смислата на паравоени, моноетнички, антиалбански единици при АРМ и НАТО, и повторно нема одговори. Агелер денес, како и Хил на времето, тоа не го смета како закана неспоива со етничката реалност на земјата или со фамозните НАТО стандарди и вредности. Но Агелер денес, идентично како Хил и Рикер на времето, е со полни усти пофалби за „успесите на оваа убава земја”. 

Или како што тоа убаво го дефинираат во ХРВ, наведувајќи дека „САД упорно ја нагласува потребата од создавање мултиетничко општество во Македонија засновано врз владеење на правото.” Но таквиот однос, според извештајот од (внимавајте!) 1998 надополнува дека „таквите изјави не се конзистенто подржани од политиките (на САД)”. Причината или поточно изговорот за таквиот лицемерн однос? „Спомнувањето на кршењето на човекови права е редовно придружено со описи на тешката економска и политичка состојба во која се наоѓа македонската влада и повиците етничките Албанци да се оттргнат од создавање паралелни структури или етнички-заснован федерализам”. Описот е од 1998 година, но бајаги може да послужи и како темплејт на дописите од Агелер, Гир до нивните надлежни.  

Потсетување и поуки

Гостивар 1997, повторувам, е пресвртница. Свеста за сопствената нечесна и крвава улога во настаните резултираше во подемот на „дипломатската прагма” на САД и ЕУ во брутално елиминирање на секој албански политичар, деец, лик со достаточна институционална меморија. Надополнето со статегијата на избирање и форсирање на млади, незрели, поткупливи албанофони со литри лиги спремни за излевање пред амбасадорските возачи. Не е некоја тајна дека амбасадорите на САД никогаш немале симпатии за Абдурахман Алити, за Арбен Џафери, за Имер Имери и кој било политичар со малку институционална меморија, познавања и достоинство да укаже на темните петна на западните дипломати. Тој порив за елиминација на секој сведок со институционална меморија, трае до ден денешен. 

Сеќавањето за Гостивар и забошотувањето на вистината има и современа, дневно политичка димензија. Потсетувањето на односот и реакциите кон тој масакр ме присили да се соочам со прашањето: зошто мислиме дека САД и ЕУ, особено Германија и Франција, се против оваа влада на Мицкоски? Да ги позајмам зборовите од ХРВ, баталете зборовите на Агелер, Дрекслер за мултиетичност, владеење на право, стабилност. Со кое дело, гест имаат дадено причина за некаква нивна нелагода или загриженост? Гостивар потсетува дека не би им било првпат да глумат „незадоволство и загриженост” пред камери и даваат сесрдна подршка, политичка и материјална, токму според моделот употребен во однос на нивниот српски миленик и идол на Мицкоски, Александар Вучиќ. 

Гостивар треба да биде и задоцнета поука за Европскиот Фронт, конкретно Ахмети и Села, за делување според (скриената) реалност, а не убавите и празни муабети на амбасадорите. Ставени пред свршен чин на остварено етничко македонско единство преку ВМРО и премолчената поддршка од САД и ЕУ, Фронтот и особено ДУИ како водечка опозициска сила во земјата треба сериозно да ја реформатираат својата прагма. Тоа пред сѐ подразбира интеграциите целосно да ги препуштат на Мицкоски, Таравари, Агелер и Дрекслер и да се фокусираат врз демократијата. Тоа секако не значи да го копираат ВМРО во саботирање на евроинтеграциските процеси, но доволно е тоа прашање да го стават на петто или шесто место на листата на приоритети. Дилемата пред Фронтот е во тоа што поддршката за евроинтеграциите е можеби плодоносна за нив како партија, но е апсолутно разорувачка и деструктивна и суицидална за демократијата во земјата и благосостојбата на граѓаните. Да, евроинтеграциите се веќе убиствени за и она малку привид на демократија, токму поради од-Гостивар-до-денес спремноста на САД, ЕУ „за добро на македонската влада и за инает на Албанците” да прифаќаат мимикрија на демократијата. 

Доколку до неодамна ДУИ се воздржуваше - како поради лукративни причини, така и поради вербата во интеграциите - отсега таквите стеги се одвишни и тие мора да се вратат кон своите основни постулати како во односот кон Албанците, така и во однос кон етничкото македонско единство и „добрите замисли” на САД и ЕУ. ДУИ нема партнер и не треба ни да очекува партнер во македонскиот кампус на етничко едноумие со западен благослов. Демократијата, вистинската претставителна демократија, денес повторно – како во времето на Груевски –опстои единствено и исклучиво во албанскиот кампус. Но, за разлика од минатото, кога тој мал остров на демократија се негуваше за добро на државата, денес тоа култивирање треба да се фокусира исклучиво во полза на албанските интереси. За кои тие самите тврдат дека ги претставуваат. Собирот во Гостивар е добар избор за продолжување на денот по крвавиот Гостивар.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема