1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалРусија

Криминалот во Русија во служба на државата

Михаил Бушујев
25 декември 2023

По нападот врз Украина расте зависноста на руската држава од организираниот криминал. Нов истражувачки извештај фрла светло врз проблемот кој е во сенка на војната.

https://p.dw.com/p/4aZ0O
Москва Русија
Москва (архивска фотографија)Фотографија: ALEXANDER NEMENOV/AFP

Војната во Украина го потиснува во втор план тоа што се случува во Русија. Токму во руското подземје се случуваат тектонски промени, вели 58-годишниот историчар Марк Галеоти, кој е и експерт за руските тајни служби и за организираниот криминал. Руската држава сѐ повеќе зависи од услугите на криминалните структури, се вели во извештајот „Бурни времиња: руското подземје по инвазијата на Русија во Украина“, којшто почесниот професор на Универзитетскиот Колеџ Лондон го претстави неделава во рамки на проектот „Глобална иницијатива против транснационален организиран криминал".

Организираниот криминал во Русија, според извештајот, пред инвазијата на руските сили во Украина бил поврзан со украински банди и заедно со нив претставувал најголем криминален синдикат во Европа. Но, војната го уништила. „До февруари 2022 година руските и украинските криминални групи биле составен дел на најмоќниот криминален екоситем во Европа и контролирале лукративна рута за шверц помеѓу Русија и западна Европа“, цитира Галеоти делови од друг извештај од „Глобалната иницијатива“. По почетокот на војната, некои од водечките ликови на руското подземје се приклучиле на платеничката војска „Вагнер“.

Победници и губитници од војната

Војната го изместила статусот кво и пред сѐ односот на силите меѓу поединечните групации, вели Галеоти. „Профитираа главно структурите со врски со Белорусија, Ерменија и Централна Азија, додека големи транснационални мрежи како Золнцевскаја и Тамбовскаја се меѓу губитниците", се вели во извештајот. Се работи за двете веројатно најпознати мафијашки структури во Русија, едната од Москва, а другата од Санкт Петербург. Сега алтернативните рути за трговија се поважни, а посебно се истакнуваат неколку земји од Блискиот Исток и Централна Азија, како и Турција, потенцира Галеоти. „Можеби генерално војната не е добра за руските гангстери, но тоа не важи за сите од нив", пишува истражувачот.

Марк Галеоти, историчар и автор
На Русија ѝ се закануваат услови како оние во окупираниот Донбас: бруталност и беззаконие, вели Марк Галеоти, историчар и авторФотографија: Photoshot/picture alliance

Цинично е што релациите меѓу руската држава и криминалното подземје се базираат на меѓусебна помош, објаснува Галеоти. На пример, криминални групи сѐ почесто се вклучени во испораката на микрочипови и други технологии потребни на руската воена индустрија. Галеоти цитира еде соработник на Европол кој вели дека „ако помагаш во шверц на микрочипови, тајната служба може да замиже на едно око ако шверцуваш дрога или при трговија со луѓе". Со други зборови: тоа што државата сама не може или не сака да го направи, го препушта на организираниот криминал. Покрај испораката на санкционирани производи, се работи и за поедноставна шпионажа, убиства и заплашување на непријателите на Кремљ, особено во странство, вели Галеоти. „Се плашам дека ќе има повеќе такви појави за да се прави притисок врз руската дијаспора во странство."

Како криминалците може да ѝ служат на државата

Другата функција на криминалот е во тоа да бидат чувари на „црните пари“ за тајни издатоци на државата. По почетокот на војната и изолацијата на Русија од страна на Западот, за руските чинители стана „потешко да ги финансираат операциите во Европа“, објаснува истражувачот. Границите меѓу криминалното подземје и официјалната држава се разводнети и стануваат сѐ помалку важни колку што повеќе руската држава мора да се служи со услугите на подземјето. Како пример за ова се наведува „државно управуваниот“ извоз на украински житни култури од окупираните територии или продажбата на нафта со заобиколување на западното ембарго со помош на танкери кои ги исклучуваат своите радиостаници.

Европа дрога Ротердам
Куче трагач проверува стока на пристаништето во РотердамФотографија: Simon Wohlfahrt/AFP/Getty Images

Во Русија станува сѐ понепријатно

Истовремено Галеоти констатира дека бројот на злосторства во Русија, особено со примена на насилство, драстично се зголемува. Официјалната статистика на руското Министерство за внатрешни работи, која бележи пораст од 30 проценти само во 2022 година, го потврдува ова, иако делумно се чини неверодостојна со поглед на изненадувачки ниската стапка на криминал во Чеченија или други републики од северен Кавказ, нагласува Галеоти. Илустративно за ситуацијата е што министерството неодамна одлучи веќе да не објавува вакви статистики. „Ако Путин одлучи да постапува против организираниот криминал, и натаму ќе има ресурси за тоа", вели Галеоти, кој истовремено укажува дека руската држава не покажува интерес за такво нешто. Во руското општество пак, се таложат проблеми поврзани со криминалот, како на пример зголемување на бројот на воени ветерани кои тендираат кон тоа да се приклучат на криминалниот свет. Галеоти открива два клучни ризика кои според него надвиснале над Русија. Прво, беззаконието и бескрупулозноста какви што владеат во окупираните подрачја, а второ „национализацијата на криминалот“, односно трансформацијата на Русија во мафијашка држава. Притоа Галеоти поимот „мафијашка држава“ го смета за новинарско клише и верува дека тој не ја опфаќа „целата комплексност“ на системот во Русија. Тој предлага модерна Русија да се споредува со средновековна монархија во која ривалските групи се борат за наклонетоста на Царот и каде „словото на законот има помала вредност од прагматичните алијанси“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи