1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Законски измени место распуштање на Судскиот совет

ДТЗ
11 јуни 2024

Министерството за правда предлага зголемување на судискиот стаж од шест на 15 години како услов за избор на членовите на Судскиот совет од редот на судиите, како и воведување на изборен цензус.

https://p.dw.com/p/4gtpz
Судски совет
Министерството за правда предлага зголемување на судискиот стаж од 6 на 15 години, како и воведување на изборен цензус. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во екот на расправиите околу реформите на Судскиот совет, Министерството за правда ги обелодени предлог измените коишто ги подготви работна група, а кои се однесуваат на „индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот со посебен фокус на дефинирање на причините поради кои може да се иницира постапката, органите кои ќе постапуваат и правото на жалба“. Министерството за правда предлага зголемување на судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите, зголемување на работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието, како и воведување на изборен цензус. 

Измените се прават врз основа на насоките на Оценската мисија на ЕУ, а целта е да се зајакне независноста на судството, како и професионалноста и одговорноста на членовите на Судскиот совет, велат од Министерството за правда. Додека првиот човек на министерството во заминување, Кренар Лога, најавува законски измени, мандатарот Христијан Мицкоски како еден од приоритетите на новата влада го наведе распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители. 

Кренар Лога
Кренар Лога предлага законски измени место најавите за распуштање на Судскиот советФотографија: Reg. Nordmazedonien

Кои се најважните новини кои се предлагаат? 

Најважни новини кои се предлагаат во предлог-законот се на огласот на Собранието за избор на член на Совет, свои предлози за член да даваат Интеруниверзитетската конференција, со кандидати од редот на редовни професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдобро рангирани универзитети во државата и Адвокатската комора со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години. 

Се предлага и зголемување на судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите, како и зголемување на работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието. Потоа, регулирање на начинот на избор на членови на Советот од Собранието, следејќи го компаративното искуство за избор на членови во ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и воведување на изборен цензус за изборите на членови во Судскиот совет од редовите на судиите, и тоа за успешни да се сметаат изборите на кои излегле повеќе од половина запишани избирачи за таа изборна единица 

Со измените се предвидува и воведување на правило согласно кое за да биде избран член на Советот од редовите на судиите, кандидатот треба да добие повеќе гласови од половината од излезените гласачи, информираат од Министерство за правда. 

Четириесет препораки 

Извештајот на Оценската мисија на ЕУ за функционирањето на Судскиот совет содржи 40 препораки, групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

За 17 препораки, кои се однесуваат на подобрување на праксата и работењето на самиот совет и може да бидат спроведени, без никакви законски измени, Судскиот совет веќе направи измени на деловникот за работа, како и на правилникот за рангирање на кандидати за избор на судија во повисок суд, а усвои и нова комуникациска стратегија за поголема транспарентност.  

Останатите мерки, предвидуваат уставни или законски измени и се однесуваат на тоа кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот, дефиницијата „истакнат правник“,  воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, одговорноста на членовите на Советот, како и образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии.

Оценската мисија на ЕУ беше составена од тројца правни експерти од Хрватска, Белгија и Италија и престојуваше во земјата во септември годинава, каде направи анализа на правната рамка и имаше средби со сите релевантни институции, како и експерти од невладиниот сектор. 

Христијан Мицкоски
Мандатарот Христијан Мицкоски, кој во повеќе наврати деновиве порача дека не се откажува од реформите на  Судскиот совет и на Советот на јавни обвинителиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Судир 

Мандатарот Христијан Мицкоски, кој во повеќе наврати деновиве порача дека не се откажува од реформите на  Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. „Тие треба сами да ги бираат судиите, и да нема политичко замешателство, со цел да се врати рејтингот и довербата во судството. Во спротивно ќе тонеме во нашето политичко мочуриште и нема да одиме напред“, порача Мицкоски на 5 јуни на прес-конференција во Собранието. 

Министерот за правда во заминување, Кренар Лога, пак, смета дека ЕУ и САД нема да се согласат со распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Откако минатата недела испрати писмо до амбасадите во земјата, тој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, образложи зошто мисли оти ЕУ и САД нема да поддржат ваков чекор: „Децидно ни е кажано во Извештајот на Оценската мисија дека мора да има континуитет и дека државните институции не може да поминуваат низ трауми – вие ќе имате нов состав, а утредента ќе треба да имате оценување на судии. Значи, утредента ќе имате можност да именувате нови судии“.