1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Ова е година на нови можности

ДТЗ
30 јануари 2023

„Процесот ќе биде строг, но постои динамика, има можност тој да се забрза, ако имате ветар во едрата. Северна Македонија може да смета на поддршката на Шведска“, вели шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин.

https://p.dw.com/p/4Mrbx
Димитар Ковачевски премиер
Ковачевски вели дека нема да дозволи никој да ја загрози европската агенда и заслужената европска иднина на Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Може да се поминеме секоја пречка, да се реши секој предизвик, има решение за секој проблем. Пред нас е година на нови можности, за кои напорно работевме и за кои создадовме предуслови во текот на минатата година. Можеме да имаме достоинствен квалитет на живот, според европски стандарди. Република Северна Македонија може и треба да биде дел од денешна Европа. Ова се пораките на премиерот Димитар Ковачевски на годишната конференција „Година на нови можности“ во Скопје, која што се совпаѓа со годишнината од формирањето на Владата. 

Тој вели дека нема да дозволи никој да ја загрози европската агенда и заслужената европска иднина на Северна Македонија. „Во оваа 2023-та година очекувам нов исчекор во европските интеграции“, истакна Ковачевски, а такви очекувања имаат и останатите членови на владиниот тим, кои ги наведоа приоритетите на коишто треба да се фокусира земјата на патот кон ЕУ, како што се борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација и ветингот во судството. 

Дека станува збор за реформи кои е неопходно што поскоро да се спроведат потврди и шведската амбасадорка во земјата, Ами Ларсон Џаин. Таа потенцираше дека клучните предизвици за земјата се уставните измени и широкиот опсег на реформи, коишто мора да бидат спроведени. „Реформите и владеењето на правото ќе донесат само корист за граѓаните“ децидна е амбасадорката. Таа ја посочи корупцијата како еден од главните проблеми, која што е корозивна за општеството, ја поткопува демократијата и е закана за економијата и конкурентноста. 

„Ова не е лесна работа, ќе има пречки на патот. Агендата е тешка и сите напори треба да се насочат кон реформите, за да се постигне целта што ја постави РСМ, а тоа е до 2030 година да стане членка на ЕУ. Процесот ќе биде строг, но постои динамика, има можност тој да се забрза, ако имате ветар во едрата. Северна Македонија може да смета на поддршката на Шведска, патот е долг, но вие не сте сами на тој пат“, вели шведската амбасадорка. 

Најголема шанса досега 

Ковачевски смета дека дали ќе ги отвориме поглавјата во рамки на преговарачкиот процес е нешто што зависи од нас. „Во оваа, 2023 година, ја имаме најголемата шанса досега, да ги забрзаме преговорите и до 2030-та година, објективно и реално, Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Зарем треба овие наши темели да дозволиме да се напаѓаат однадвор, но и одвнатре, од поединци и структури желни за пари и власт, за кои ништо не е свето и се е предмет на пари! Секако дека не! Јас, Владата и сите граѓани ќе бидеме единствен и заеднички бедем за одбрана и гаранција на единствениот македонски национален идентитет“, потенцираше Ковачевски.

Артан Груби
Артан Груби упати повик сите да се придружат на прогресивното мнозинство „на патот за Европска алијанса“Фотографија: DW/P. Stojanovski

Првиот вицепремиер Артан Груби, упати повик сите да се придружат на прогресивното мнозинство„на патот за Европска алијанса“. „Нема повеќе време, ниту простор за калкулации и измами. Или сте за Европа или сте против. Нема простор за средна зона, бидејќи нема друга алтернатива. Дојдете сите заедно. Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, политички партии, граѓанското општество, медиуми, креатори на јавното мислење, академскиот свет и сите граѓани. Дојдете на првата линија на европско-македонскиот фронт“, повика Груби. 

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, посочи дека е потребен вистински политички консензус во земјата за европските интеграции, не само декларативен и тоа да се покаже преку комплетирање на уставните измени и продолжување на процесот. „Доколку го завршиме скринингот успешно и ги изготвиме документите, тие документи може до почетокот на летото да се најдат пред Советот на министри на разгледување. Тоа значи дека што побрзо ја завршиме политичката димензија, односно комплетирањето на уставните измени и политичкиот консензус, побрзо ќе се движиме напред“, дециден е тој. 

Погубна реторика 

Дебатата се случува во време на нарушени македонско-бугарски односи и тензии коишто веќе десетина дена ја вознемируваат јавноста. Ковачевски вели дека земјата е посветена на добрососедски односи, во духот на европските вредности. 

„Друго прашање е тоа што во Бугарија се подготвуваат за нови парламентарни избори и што како и секаде и таму постојат поединци кои преку националистичка и популистичка реторика се обидуваат да добијат видливост и гласност. Има веројатно и обиди да се наштети, не само на билатералните односи, туку и на единството во Европа, на кое што посебно упати војната во Украина, а кое што треба да се обезбеди преку натамошното проширување на Унијата“, смета Ковачевски.

„Наша работа е да ги штитиме националниот идентитет, стабилноста и безбедноста на државата и да го овозможиме напредокот. Пред нас е година којашто ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и на сите пратеници во парламентот. Ние сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа и со тоа што ќе додадеме нови етнички заедници во Уставот ништо нема да изгубиме“, рече премиерот, кој порача дека „не смееме, не можеме и не треба да губиме повеќе време за порази и стоење во место“.