1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Конечно без визи во ЕУ

Вјоса Ќеркини
15 јануари 2024

Од 1. јануари граѓаните на Косово можат да патуваат без визи во ЕУ. Косово е последна земја од Западен Балкан која доби безвизен режим за земјите од ЕУ.

https://p.dw.com/p/4bF9J
Визна либерализација за Косово
Визна либерализација за Косовците за земји од ЕУ Фотографија: LAURA HASANI/REUTERS

Милијана Ласку Чанај од Призрен одамна сонува да го посети својот син Патрик, кој во Германија емигрирал пред 15 години и со сопругата и децата живее во Минхен. 62-годишната Чанај никогаш не била таму. Го пропуштила раѓањето на внучињата и најголем дел од родендените. Едноставно затоа што немала сиа да поминува низ напорниот процес на добивање виза.

Дури од 1. јануари 2024 година  Косовците можат да патуваат  во земјите од ЕУ без визи, до 90 дена. Борбата на Косовците против бирократијата на ЕУ траеше речиси 12 години. Германската амбасада ја издаде последната туристичка виза на 18 декември. Политикологот Мехди Сејдију бил извесно време во кампањата на владата во Приштина, а ја предводел и работната група за  либерализација на визниот режим.  За него е јасно: „Визната либерализација  донесува многу, не сме веќе изолирани. Тоа беше неправда за 1,8 милиони Косовци. Многу Косовци не можеа да ги посетат своите роднини, кои избегаа во текот на војната пред речиси 25 години.“ 

Политикологот Мехди Сејдију од Приштина, Косово
Политикологот Мехди Сејдију од Приштина, КосовоФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Милијана Ласку Чанај, која во Призрен води цвеќара, е среќна. „Сега можам да отидам кај синот во било која прилика, без мака. Многу сум среќна поради тоа“, вели таа.

Високи трошоци за визи

Косовците често патуваа со автобус во Германија, или со авион вон сезона. Често тоа чинеше под 100 евра во еден правец. Со оглед на тоа, цената на визата беше прилично висока. Само такса за  барање за виза во германската амбасада во Приштина на пример чинеше 35 евра, плус најмалку 25 евра за агенциите кои помагаа во бирократската џунгла, како и трошоци за копии и превод на документи и осигурување. Потребни беа најмалку 100 евра пред воопшто да може да се резервира патување.

Патници на аеродромот во Приштина Косово
Патници на аеродромот во Приштина - бројот се зголемува по визната либерализацијаФотографија: LAURA HASANI/REUTERS

Во квартот Арбериа во главниот град Приштина, со многу репрезентативни вили, исто така се отворени и бројни странски претставништва, вклучувајќи ја и германската амбасада. Сепак, уличната сцена е поинаква откако во нормалната, станбената луксузна област. Насекаде се реклами за агенции кои порано им помагаа на Косовците да ги подготват своите барања за визи.

Предупредување на илузии

Агенцијата „И-коминг", специјализирана за барања за добивање германски визи, сместена е во преуредена гаража, веднаш покрај германската амбасада. 46-годишниот Газменд Клинаку, сопственик на агенцијата, со години заработувал од своите услуги, а сега мора професионално да се преориентира. Но, се радува со своите сонародници и гледа предности во либерализацијата на визниот режим, посебно за студентите и деловни луѓе. Сепак, предупредува и на илузии: „Животот во Европа е скап. Многумина ќе бидат разочарани што Европа не е онаква каква што си ја замислувале, тоа не е рај.“, вели Клинаку.

Газменд Клинаку Косово
Газменд Клинаку, сопственик на агенцијата „И-коминг", специјализирана за барања за добивање германски визиФотографија: Vjosa Çerkini/DW

Косовците сега имаат до 90 дена за посета на роднини или туризам. Но, за да работат во земји од ЕУ, и натаму им е потребна  работна виза.  Лирим Красниќи од невладината организација „Гермин“, која се грижи за албанската дијаспора ширум светот, ова го гледа како ризик: „Мислам дека ќе има случаи во кои ќе има злоупотреба на визната либерализација. Косовците имаат многу роднини кои живеат во Европа. Многумина ќе размислуваат за вработување на црно.“

Примамливи плати

Над сѐ, јазот во платите меѓу Косово и западноевропските земји ќе биде веројатно поттик за Косовците да ја напуштат својата земја – просечниот приход во Косово е околу 400 евра месечно по глава на жител. Иако трошоците на живот во земјата се многу под западноевропско ниво, мнозинство Косовци со нормална плата уште едвај составуваат крај со крај.

„Во Косово не постои законски минималец. Кога луѓето читаат дека луѓето во Германија се платени 12 евра или повеќе на час, тоа им е многу примамливо и им изгледа како рај“, вели Красниќи.

Многу косовски претприемачи сега стравуваат дека наскоро, поради визната либерализација, нема да можат да најдат доволно работници. Меѓутоа, анкета во приштинската пешачка зона покажува мешана слика. Андуела Бинакај, матурантска од Приштина, вели: „Среќна сум поради укинувањето на визите, но не сакам да го напуштам Косово. Овде сум родена и израсната. Но, не знам што носи утрешнината и дали овде ќе најдам добра работа.“

Дритон Селфиај, во своите рани дваесет години, се радува што ќе може слободно да патува „насекаде“. „Мнозинство од моите пријатели сакаат да заминат. Јас лично мислам дека младите луѓе ќе ја искористат визната либерализација за да ја напуштат земјата, но јас не планирам тоа да го направам“, вели тој.

Нема масовен егзодус

Сѐ на сѐ, сликата е прилично мешана: засега нема знаци за масовен егзодус. Сепак, некои авиокомпании на пример го зголемија бројот на своите летови кон западна Европа. Промена има и кај телекомуникациските компании – сега рекламираат тарифи и СИМ картички кои овозможуваат комуникација ширум Европа.

Газменд Клинаку, сопственик на агенција за издавање визи, сега исто така мора професионално да се преориентира. Вели, одамна му било јасно дека еден ден ќе дојде до визна либерализација. Сега размислува на аеродром да отвори фирма за изнајмување автомобили.

Милијана Ласку Чанај моментално е на неколку лекарски прегледи – сака да се увери дека сѐ ќе биде во ред кога ќе тргне во Германија. Покрај синот, има и две ќерки, кои исто така живееат во странство, едната во Србија, а едната во  Чешка. Вели дека не може да си го замисли животот во странство, сака да продолжи да го води својот бизнис со цвеќе во Призрен. „Но, конечно можам да патувам на сите семејни собири.“

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик.

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот