1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Германија: Расипништво и корупција во набавка на цитостатици

СН | АРД
31 јули 2023

Фармацевтите кои произведуваат лекови против рак можат да заработат повеќе од 1.000 евра на само една инфузија. Ова го покажува најновото истражување на повеќе германски медиуми.

https://p.dw.com/p/4UEAz
Производство на цитостатици во аптека
Производство на цитостатици во аптекаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Vennenbernd

5.000 евра, секој месец во кеш и најдобро е да ги ставите на кутиите за достава. Така, се присетува Роберт Херолд, лекарка онколог побарала од него да плати поткуп. Тогаш бил уште многу млад, само што ги завршил студиите и требало да преземе управување со аптека. Но, со такви разговори започнало долгото, 18-годишно патување на Херолд, кое на крајот ќе го наведе да стане свиркач кога станува збор за лековите за рак.

Во разговорите со телевизиите ВДР, НДР,  весникот Зиддојче Цајтунг (ЗЦ) и со магазинот Монитор на телевизијата АРД, Херолд известува дека некои рецепти можат да донесат заработка од неколку стотици, понекогаш и повеќе од 1.000 евра на фармацевт кој составува терапии против рак. 

„Јавноста има право на вистината"

Неколку години подоцна, вели Херолд, повторно се обидел да придобие онколог за неговата аптека. На средбата му понудил различни услуги: можел флексибилно да произведува во секое време од денот или ноќта и да доставува лекови до лекарската ординација, а исто така со задоволство би ја преземал комуникацијата со пациентите.

Но, ништо од тоа не го интересирало онкологот, вели Херолд. Наместо тоа, тој побарал како провизија десет отсто од продажбата на лекови против рак: 20.000 евра месечно.

Болните од рак имаат „право на вистината“
Болните од рак имаат „право на вистината“Фотографија: picture-alliance/ZB/W. Grubitzsch

А, во Германија има вкупно само околу 300 аптеки кои можат да произведуваат цитостатици.

Херолд смета дека огромниот профит што фармацевтите како него, кои произведуваат цитостатици, можат да го направат е за „морална осуда“. И дека јавноста има право на вистината. 

Заработка од 749 евра по пакување

Внатрешните списоци што ги имаат на располагање ВДР, НДР, Зиддојче Цајтунг и магазинот Монитор на АРД за неколку трговци на големо во текот на неколку години се долги речиси 20 страници. Цените за речиси 1.000 лекови против рак се наведени со ситни бројки.

Фармацевтот може да заработи дополнителни 749 евра на секое пакување од активната состојка. И ова не е изолиран случај. На пример, Трастузумаб, лек кој исто така многу често се препишува: здравственото осигурување плаќа 1.439 евра по пакување, а цената на големо е само 390 евра. Неколку стотини, понекогаш и повеќе од 1.000 евра дополнителна заработка за фармацевтот - за само една инфузија.

Цени по договор

Фармацевтите често остваруваат поголем профит на други начини. Причината е посебен исклучок: за разлика од речиси сите други лекови, на фармацевтите кои произведуваат лекови за рак им е дозволено слободно да преговараат за цената на лековите со производителите и со дилерите. Проблемот е што здравствените осигурувања често не ги знаат вистинските набавни цени и на фармацевтите им плаќаат однапред договорена цена.

Заработката понекогаш е огромна. Тоа го покажуваат внатрешните ценовници до кои имаа пристап ВДР, НДР, Зиддојче Цајтунг и Монитор. Новинарите ги споредија трошоците на здравственото осигурување со реалните набавни цени на ценовниците на големо.

Со само петте најпродавани активни состојки, чија патентна заштита е истечена, фондовите за здравствено осигурување би можеле да заштедат до 500 милиони евра годишно.

„Како на пазар"

Еден фармацевт со пример покажа дека лековите всушност се испорачуваат од различни производители по овие ниски цени. Станува збор за т.н генерички лекови, сосема нормални производи со редовен рок на траење.

Во Берлин, Врховното здружение на законските фондови за здравствено осигурување (ГКВ) преговара за цените што ги добиваат фармацевтите за лековите со Германското здружение на фармацевти (ДАВ). Учесниците во преговорите, пак, се однесуваат „како на пазар“, пренесуваат НДР, ВДР и ЗЦ.

Портпаролот на ГКВ, Флоријан Ланц, првично во интервју за Монитор изјави дека не ги знае ценовниците за фармацевтите. Меѓутоа, централното здружение подоцна призна дека доверливо добило изводи од таков ценовник еднаш во 2020 година.

Проблемот: Фондовите за здравствено осигурување само ги прашуваат производителите за цените - но цените што ги соопштуваат фармацевтските компаниите се очигледно значително повисоки од она што фармацевтите всушност можат да го платат. Ако фармацевтите и осигурителните компании не можат да се договорат за цените, тогаш за тоа мора да одлучи арбитражен одбор. Според истражувањата, ценовниците ги нема ниту арбитражниот одбор.

Зошто фондовите за здравствено осигурување не успеваат да ги одредат вистинските цени - особено откако магазинот Панорама на АРД и неделникот Штерн во 2016 година објавија дека профитните маржи за лековите за рак се превисоки и дека има обиди за поткуп?

Очигледно, здравствените осигурувања ретко ги прашуваат фармацевтските компании за реалните цени на некои важни лекови за рак. Како што покажува истражувањето на ВДР, НДР, Зидсојче Цајтунг и Монитор, за цените на Бевацизумаб и Ритуксимаб, на пример, било прашано само во 2017 и во 2021 година.

Лаутербах се сомнева во изјавите на фондовите

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах во интервју за „Монитор“ изрази сомнеж дека здравствените осигурителни фондови не знаат ништо: „Би го довел во прашање изговорот на здравствените осигурителни куќи кога велат дека не можат да ги добијат овие податоци. Соочен со истражувањето, Лаутербах вели дека тоа е „дефинитивно нешто што треба да се реши и во однос на законската регулативата“. Високите профити „не се одржливи“.

Здравствени картички на фондовите за здравствено осигурување во Германија
Здравствени картички на фондовите за здравствено осигурување во ГерманијаФотографија: J. Kalaene/dpa/picture-alliance

Претседателот на Комисијата за лекови на Германското лекарско здружение, Волф-Дитер Лудвиг, смета дека огромниот потенцијал за заработка на фармацевтите кои произведуваат цитостатици е „апсолутно неоправдан“. Според Лудвиг, овие пари би можеле да се инвестираат во подобра палијативна нега за болните од рак, за кои честопати „нема доволно средства“.

Корупциски скандали поврзани со лекови против рак

Во последните години на виделина излегоа различни корупциски скандали во индустријата за цитостатици. Ова е една од причините зошто Лудвиг смета дека е „голем неуспех да се продолжи да се дозволуваат ваквите огромни профити во оваа област и да не се преземаат построги мерки“.

Пред неколку години, здравствениот фонд АОК пресмета колкава заштеда може да се постигне доколку продажбата на препаратите се стави на тендер и договорот се додели на евтини добавувачи, како што долго време беше случај со другите лекови без патентна заштита.

Парите би можеле да се инвестираат во подобра палијативна нега за болните од рак, за кои често „нема доволно средства“
Парите би можеле да се инвестираат во подобра палијативна нега за болните од рак, за кои често „нема доволно средства“Фотографија: Joern Neumann/epd/IMAGO

„Пронајдовме обем на заштеда од 600 милиони евра годишно“, вели Сабине Рихард, извршен директор на АОК задолжена за снабдување.

Цените за рефундирање досега само незначително се намалија

Во септември минатата година, здравствените осигурителни куќи го намалија надоместокот за некои лекови за рак. Но, фармацевтите кои произведуваат цитостатици сè уште можат да заработат неверојатни профити: на пример, можат да купат пакет пеметрексед, лек за рак на белите дробови, за помалку од 200 евра и да им наплатат на фондовите за здравствено осигурување 1.200 евра.

Претседателот на Здружението на фармацевти кои произведуваат цитостатици (ВЗА), Клаус Петерсхајм, вели дека на фармацевтите ќе им биде потребна паушална такса за подготовка од 150 евра за да ги покријат трошоците. Здравствените осигурителни компании, пак, доставија вештачење според кое доволен би бил паушал од 30 до 40 евра.

Расипништво не само кај цитостатиците

Сега веќе објавените профити од лек за лекување на рак не се првиот случај кога куќите за здравствено осигурување гледаат на големо расфрлање на придонесите за здравствено осигурување. Во јануари годинава, НДР, ВДР и ЗЦ открија дека лабораториите можеле да ги купат нивните ПЦР тестови за Ковид за само делче од трошоците покриени со здравственото осигурување.

Во целиот овој круг на корупција и расипништво, фармацевтот Херолд се плаши „да не се претстави како предавник“. Неговата сопруга стравува дека лекарите би можеле да им го свртат грбот. Затоа што местото во Фогтленд, каде Херолд ја води својата аптека, е мало.

А Херолд знае дека треба да работи уште 20 години. И покрај тоа - или токму поради тоа - тој се спротивставува на промените во неговата индустрија. „На крајот на денот, се работи за пациенти на кои им треба лек“, истакнува на крајот свиркачот Херолд.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема