1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкета: Пратениците се грижат само за себе и за бизнисите

ДТЗ
9 јуни 2023

Граѓаните сметаат дека пратениците не се подготвени за функцијата што ја имаат и се сомневаат во нивните способности. „Не учи многу, ќе станеш пратеник“, вели граѓанин во анкетата на Институтот за демократија.

https://p.dw.com/p/4SMxw
Собрание на РСМ
Собрание на РСМФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Граѓаните имаат ниска доверба во Собранието и пратениците, покажува истражувањето на Програмата за парламентарна поддршка за работата на македонското Собрание кое беше презентирано во Собранието пред пратениците и претставниците на собраниските служби. На скала од 1 - најниска, до 10 - највисока, граѓаните довербата во Собранието ја оценија со 3.4 што е пад од 0.6 во споредба со 2022 година.

Најголем дел од испитаниците сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат нивните лични интереси, интересите на политичките партии, како и бизнис-интересите. Доминантен дел од анкетираните граѓани, исто така, сметаат и дека пратениците до некоја мера се зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Или изразено во проценти: околу 80% од анкетираните граѓани сметаат дека пратениците ги застапуваат само нивните лични интереси, 75% сметаат дека ги застапуваат интересите на политичката партија, а за бизнис интересите се изјасниле 64% од анкетираните. 

Станува збор за истражување спроведено во периодот од февруари до април 2023 година, од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ППП). Станува збор за теренска анкета и девет фокус-групи за подобро да се истражи јавната перцепција за работата на Собранието и политичките партии, квалитетот на живот, политичките прашања и довербата во Северна Македонија. 

Собрание опозиција
Граѓаните имаат впечаток дека пратениците на седниците често или секогаш користат говор со кој ги омаловажуваат и ги деградираат своите колеги од други политички партииФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пад на довербата 

Истражувањето реализирано во 2023 година, покажува дека перцепција на граѓаните за работата на Собранието е генерално во линија со јавното мислење изјавено во последните четири години. На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, во 2023 година граѓаните ја оценија работата на Собранието со средна оценка 2.2, што претставува пад на скалата споредено со изминатите четири години.

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, речиси половина (46%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо да ја намалува.

Високи 70% од испитаниците сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните. Тие сметаат дека пратениците не се подготвени за функцијата што ја имаат, се сомневаат во нивните способности - „не учи многу, ќе станеш пратеник“ (Етнички Албанец, Тетово 65+). Тие исто така сметаат дека пратениците не се спремни за обврските кои произлегуваат од евроинтегративниот процес, но и дека немаат искрена волја за ЕУ-интеграциите. 

Собранието ја зголемува корупцијата 

Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја користи докрај својата уставна надлежност за контрола над Владата, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, скоро половина (46%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо спротивниот ефект. Имајќи ги предвид пратеничките прашања како една од алатките на Собранието за надзор над извршната власт, граѓаните се поделени во однос на тоа дали тие се користат соодветно или служат за критика или реклама.

Иако најголем дел од граѓаните имаат перцепција дека пратениците имаат влијание врз квалитетот на законите, сепак тие не се задоволни од нивниот квалитет и сметаат дека тие се менуваат често. Токму донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието од страна на најголем дел од граѓаните. Сепак, нивното извршување од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани. 

Стево Пендаровски Собрание
Граѓаните со највисока оценка на доверба го оцениле претседателот на државатаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Затворено“ Собрание 

Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, најголем дел од испитаниците сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите. Мнозинството граѓани, исто така, сметаат и дека пратениците од нивните изборни единици не се достапни за средби со граѓаните и не ги информираат доволно граѓаните за својата работа, а не се запознаени ни со пратеничките канцеларии. Граѓаните забележуваат и дека пратениците недоволно се осврнуваат на проблемите на општините и локалните заедници.

За разлика од минатата година, граѓаните се помалку запознаени со тоа кои се пратениците од нивните изборни единици. Доминантен дел од граѓаните изјавија дека не се информирани како може да учествуваат во работата на Собранието, што резултира со фактот дека значително мал дел од испитаниците се обиделе да учествуваат во работата на Собранието. 

Омаловажување и деградирање 

Кога станува збор за односот помеѓу пратениците, најголем дел од граѓаните го опишале како непријателски и натпреварувачки. Дополнително, граѓаните имаат впечаток дека пратениците на седниците често или секогаш користат говор со кој ги омаловажуваат и ги деградираат своите колеги од други политички партии. Во поглед на тоа колку секоја од парламентарните партии придонесува кон поквалитетна работа на Собранието, перцепцијата на граѓаните е негативна (целосно или делумно не придонесува) во однос на сите коалиции и партии.

Собрание протести опозиција
Граѓаните сметаат дека пратениците не се спремни за обврските кои произлегуваат од евроинтегративниот процес, но и дека немаат искрена волја за ЕУ-интеграциитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Погрешна насока

Доминира бројот на граѓани кои сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока во однос на оние што го сметаат спротивното. Најголеми оптимисти се жителите на регионот Југозапад, каде над половина одговориле дека животот се движи во правилна насока. Најмногу негативни одговори, односно дека животот се движи во погрешна насока дале жителите на Вардарски Регион, Југоисточен Регион, Пелагониски, Полошки и Североисточен Регион. На скала од 1 – најниска, до 10 – највисока, граѓаните со највисока оценка на доверба го оцениле претседателот на државата – 3.6, следуваат Собранието со 3.4 и Владата со 3.3. Најниска оценка на доверба доби судството со 2.7.