Кина индиректно се огради од изјавите на својот амбасадор
24 април 2023Кинеската влада истакнува дека нема промена во официјалната позиција – нејзиното признавање на суверенитетот на државите кои произлегоа од поранешниот Советски Сојуз останува непроменето. Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на брифинг со новинарите индиректно се дистанцираше од изјавите на кинескиот амбасадор во Париз, Лу Шаје.
„Кина беше една од првите земји кои воспоставија дипломатски односи со поранешните Советски републики. Кина го почитува суверениот статус на овие земји по распадот на Советскиот Сојуз“, рече портпаролката, со посебен нагласок дека Пекинг го респектира и суверенитетот на Украина.
Вината околу контроверзиите портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи им ја припиша на медиумите, а не на кинескиот амбасадор во Франција. Според неа, медиумите се тие кои со извртување на кинескиот став за Украина предизвикале спор.
Во Европа, а посебно во Балтичките земји, изјавите на кинескиот амбасадор во Франција предизвикаа голем револт. Претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михаел Рот, остро ги критикуваше изјавите на кинескиот дипломат како „апсолутно надминување на сите граници“ и став со кој се „доведува во прашање меѓународното право.“
Рот се приклучи кон барањата на Балтичките држави кинескиот амбасадор да биде прогласен за непожелна личност, што значи фактички негово протерување. Кон повикот се придружија повеќе од 80 пратеници од државите-членки на Европската унија.
Кинескиот амбасадор во Франција, Лу, во петокот во телевизиско интервју ги доведе во прашање независноста и суверенитетот на државите кои произлегоа од поранешниот Советски Сојуз, вклучувајќи ја и Украина, како и земјите од Балтикот и централноазиските држави.