Катастрофални пожари на Хаваи
10 август 2023Во големите пожари на островот Мауи, на Хаваите, животот го загубија најмалку 36 луѓе, а повредени се десетици лица, соопштија локалните власти. Сите жртви се од најтешко погодениот крајбрежен град Лахаина. Старото градско јадро на Лахаина, омилено на туристите, е во голем дел уништено.
Повеќе стотици семејства останаа без покрив над главите. Гувернерот на Хаваи, Џош Грин, зборува за „ужасна катастрофа“' и препорачува да не се патува на Мауи. Од туристите се бара да го напуштат островот најбрзо што е можно. Во западниот дел на Мауи сѐ уште нема струја и телефонски врски.
Апокалиптични сцени
Очевидци опишуваат апокалиптични сцени во Лахаина, живописна туристичка дестинација во северозападниот дел на Мауи. Луѓето скокале во морето за да побегнат од пламените јазици кои се ширеле брзо. Крајбрежната стража подоцна соопшти дека повеќе од десетина лица биле спасени од водата, јави Си-Ен-Ен.
За брзото ширење на огнот е одговорен, меѓу другото, ураганот Дора, кој минува јужно од островите на американската сојузна држава Хаваи. „Фактот дека имаме шумски пожари во повеќе области кои индиректно се припишуваат на ураган, е без преседан. Тоа е нешто што жителите на Хаваји и државата не го доживеале“, изјави заменик-гувернерката Силвија Лук.
Властите издадоа предупредување од највисок степен поради високиот ризик од пожари, фаворизирани од сушата, високите температури и силните ветрови. Ваквите состојби се инаку познати од западните американски држави, како Калифорнија или Орегон, каде што почесто се случуваат разорни шумски пожари.
Помош од Вашингтон
Американскиот претседател Џо Бајден вети владина помош за Хаваи. Националната гарда и морнарицата се подготвени за помош. Во соопштение се вели дека Министерството за транспорт ќе им помогне на туристите да заминат од Мауи. Тие треба да бидат однесени на островот Оаху, западно од Мауи, објави телевизијата Хаваи Њус Нау. Таму конгресен центар треба да се трансформира во засолниште за итни случаи.