Канцеларот замина „да земе душа“
27 јули 2023Ангела Меркел обожуваше прошетки по брдата и планините на Јужен Тирол или посети на островот Искија, во заливот кај Наполи. Тоа секое лето го правеше за време на долгото 16-годишно владеење со Германија.
Еднаш нејзиниот портпарол на прашањето каде е замината канцеларката на одмор рече: „Канцеларката никогаш не е на одмор”, што требаше да значи дека секогаш бдее над политичките обврски.
За јавноста да дознае каде политичарите инаку го минуваат одморот, доволно е да се чита булеварскиот весникот „Билд“. Сепак, и за нивните одмори постојат правила.
Немаат право на одмор
Членовите на владата немаат класичен одмор, па според тоа ни утврдено право на одмор. Но, и тие се луѓе од крв и месо и претпоставка е дека им делува позитивно „полнењето батерии“ далеку од Берлин.
Посебниот Закон за сојузните министри не споменува годишен одмор. „Министрите немаат право на одмор, тие не се обични вработени“, вели Улрих Батис, поранешен професор по уставно право на Универзитетот Хумболт.
Дали и кога министрите ќе одат на одмор зависи од нивниот шеф, односно од канцеларот, појаснува Батис во разговор со „Зиддојче цајтунг”.
Секој министер кој го напушта седиштето на владата за подолго од еден ден, мора да го извести канцеларот. За отсуство подолго од три дена и патување во странство мора да има експлицитно одобрение од канцеларот.
Шолц во „пријателска“ земја
Секако дека и канцеларот мора некогаш да земе душа, како што тоа е случај во моментов. Не се знае дали Шолц спакувал обувки за планинарење или за на плажа. Неговиот портпарол соопшти дека Шолц „ќе помине неколку дена во пријателска европска странска држава”, што во време на враќање на геополитиката е сосема соодветна формулација.
Шолц рече дека се радува на краткиот одмор.
Каде точно се наоѓа канцеларот не е познато заради папараци и безбедноста. Но, порано или подоцна „Билд” дознава сѐ. Таблоидот минатата година го славеше Шолц затоа што наводно бил првиот канцелар во четири децении кој одморот го минал во Германија, шетајќи во Алгој, во Баварија, каде го „улови“ фотограф на весникот.