На германскиот канцелар Олаф Шолц оваа порака му беше секако најважна: да ги увери граѓаните дека земјата ќе ги преброди претстојните тешки времиња, дека никој нема да биде оставен на цедило, дека тој не очекува социјални немири. Гласеше нешто како: Не плашете се!
Првпат како канцелар Шолц на „Летната прес-конференција“ се соочи со критички прашања на новинарите во Берлин, а во осумминутниот вовед во фокусот ја стави темата социјална сигурност, стабилно енергетско снабдување, заедништво.
Во врска со стабилното енергетско снабдување на Германците идната зима, Шолц неколкупати се огради од претходните влади (во кои тој патем беше министер за труд и социјала, па министер за финансии и вицеканцелар), префрлајќи им направени пропусти. Самиот се прикажа како човек кој води грижа и во чие време порасна минималната плата и се стабилизираа најниските примања, проповедајќи социјална држава.
На Шолц му е позната сериозната игра со овие прес-конференции, оптоварени со очекувања, кои сеедно дали поради новинарите или актуелниот канцелар, и онака не можат да бидат исполнети. И во таа смисла суверено ја игра играта.
Уверувањето кое им го упати на граѓаните, истовремено е уверување кон себе и партијата. Така делува реакцијата за крупната надворешнополитичка тема, натамошниот однос во врска со рускиот напад врз Украина: „Ова е војна на Путин, тој реши да ја почне, војна која ги крши сите правила.“ Но, Шолц на потпрашање ниту сака експлицитно да го нарече Путин воен злосторник, ниту пак гледа соодговорност на сите Руси за ужасните недела.
Шолц со изненадувачка јасност, со оглед на бројните злосторства, врши речиси иритирачка дистинкција меѓу Русинот Путин, Русите на фронтот и Русите во целина.
Затоа пак, без оглед на поинаку интонираното прашање на полски дописник и наспроти сите постојани сомнежи во конкретна германска поддршка, тој го наброја вооружувањето кое Германија ѝ го ставила на располагање на Украина. „Со него навистина може нешто да се постигне“ - изјава на Шолц која повеќе звучеше како самоуверување.
На дополнителни прашања, канцеларот допре неколку надворешнополитички теми, без да изгледа концентриран. Лаконски одговори на прашањата дали наскоро ќе патува во Кина и арапскиот свет, без на тоа да надоврзе политички изјави. Шолц на овој начин ја пропушти шансата за испраќање пораки до важните глобални играчи.
И на прашањето поврзано со Израел и историската одговорност на Германија за постоењето на израелска држава, тој само одговори потврдно, без воопшто самиот да го употреби изразот оптоварен со толкава одговорност и значење. На Меркел тоа не би ѝ се случило.
Ни трага од хумор и самоиронија
Олаф Шолц има седено во оваа сала во различни функции многу почесто отколку неговата претходничка во канцеларскиот кабинет. Во некои работи тој се чини сака да ја копира, да биде поконцентриран и поемпатиски настроен отколку на повеќето негови досегашни настапи како канцелар. Но, Меркел поименично ги споменуваше членовите на својот кабинет (сеедно дали за да ги пофали или сметајќи дека тоа ѝ е должност), а во последните години од својот мандат имаше изблици на хумор, па дури и самоиронија.
Кај Шолц ни трага од тоа, тоа целосно му недостига. Тој во 100-те минути за време на „Летната прес-конференција“ сакаше да изгледа контролирано. Но, имаше еден момент без целосна контрола. Момент во кој Шолц речиси се закани. Стануваше збор за аферата со „кум-екс“. Двата латински изрази, кои навидум имаат толку криптографско значење, означуваат светски, милијарди тежок финансиски скандал, во кој акциите повеќепати се купуваат и препородаваат заради затајување данок. Во тоа со години учествувала и една хамбуршка приватна банка, која подоцна требаше да доплати 47 милиони евра, кои меѓутоа ѝ беа простени.
Во тоа време Шолц, како градоначалник на Хамбург, имал контакти со банката. Тој категорично отфрла секаква поврзаност, но мораше да сведочи и пред Анкетна комисија во Хамбург, а ќе следува и нова рунда.
Новинар постави прашање за темата, претставувајќи ја од свој аспект. Шолц одговори со тон и начин кој прозвучи како закана, укажувајќи на потреба од поточни формулации. По осум дена Шолц треба повторно да сведочи пред Анкетната комисија во Хамбург. На прес-конференцијата во Берлин не кажа ништо за случајот. Овие неполни две иритирачки минути стојат меѓу останатите 100. При разговорите со новинарите важи правилото: никогаш не зборувате само вие самите. А Шолц беше суверен, но не цело време.