Калифорнија: Температури над 50 степени и пожари
2 септември 2022Топлотниот бран што ја има зафатено американската сојузна држава Калифорнија предизвикува сѐ повеќе проблеми. Властите со денови предупредуваат на можни рекордни температури, кои до средината на следната недела им се закануваат на повеќе од 40 милиони луѓе во Калифорнија и соседните региони.
За претстојниот викенд, во Долината на смртта се предвидуваат температури од над 50 степени Целзиусови. Долината на смртта го држи и светскиот рекорд за најтопло место на земјата. На 10 јули 1913 година, таму биле забележани 56,7 степени Целзиусови, објави Националниот парк Долина на смртта на својата веб-страница.
Поради високите температури, не стивнуваат и шумските пожари. Огнот на таканаречената Рута на пожари во Кастаик, во округот Лос Анџелес, веќе опустоши повеќе од 1800 хектари ридски предели. Властите соопштија дека од пламените јазици се загрозени 550 објекти во областа зафатена од пожари.
Вчера, на температури над 42 Целзиусови степени, во гаснење на пожаритебеа вклучени речиси 400 пожарникари. Во меѓувреме се зголемува загриженоста од нови шумски пожари. По летото, во кое речиси немаше дожд, многу области во Калифорнија се исушија и се лесно запаливи.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, како мерка на претпазливост прогласи вонредна состојба, за на тој начин да може да се преземат ургентни мерки и да се стават на располагање сите неопходни ресурси. Њусом предупреди на недостиг во снабдувањето со електрична енергија и ги повика жителите на Калифорнија да заштедат електрична енергија, на пример со тоа што нема да ги постават своите клима-уреди на најниски температури, што може да доведе до недостиг на енергија и привремени „затемнувања“.