1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Како Трамп стана фаворит

17 јули 2024

Фотографијата на Трамп по обидот за атентат од комуниколошки аспект е генијална, сигурно ќе се изучува во учебниците по политички маркетинг. Имам впечаток дека таа фотка ќе му ја донесе победата. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4iPM4
Доналд Трамп по обидот за атентат САД
Фотографијата на Доналд Трамп по обидот за атентатФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Во една многу тензична и високо електризирана атмосфера пред претседателските избори во САД, сондажите на јавното мислење покажуваа безмалку мртва трка помеѓу двајцата кандидати.  Тоа беше и очекуван развој на настаните, имајќи предвид дека општеството во САД е многу поларизирано и поделено, со еден систем на врзани садови – како еден кандидат добива предност, така  противничкиот табор се мобилизира во контратежа,  и вкупниот резултат на поддршката се враќа на мртва трка.  Но, во последните истражувања, Трамп веќе води со значителна предност, за која веќе не сум сигурен дека е само транзиторен ефект од последните неколку настани.  Дел од настаните кои ги поместија бројките ги следиме сите, но се поставуваше прашањето дали овие трендови ќе се вратат на старата мртва трка, или ќе се трансформираат во трајна предност.  Второто сега изгледа поверојатно.  Ова повлекува последици, не само за претседателската трка во САД, туку рефлектира и на тоа како би изгледал неговиот мандат.

Поени по ТВ - дуелот

Прво, Трамп излезе како громогласен победник од првата претседателска кампања.  Не толку дека тој победи, колку што  катастрофалниот перформанс на Бајден  создаде сериозен контраст помеѓу двајцата кандидати, нешто што нема брзо да замине, без оглед на надежите на кампањата на Бајден.  Беше тажно да се гледа како Бајден се мумифицира пред очите на светската јавност, нешто што само ги подгреа веќе изразените сомнежи дали е подготвен да ја води најмоќната земја во светот во следните четири години. 

Доналд Трамп доминираше во ТВ-дуелот со Џо Бајден
Доналд Трамп доминираше во ТВ-дуелот со Џо БајденФотографија: Mike Blake/REUTERS

Се разбира, подоцнежните прес конференции, особено онаа после самитот на НАТО, помогнаа нешто од тој имиџ да се поправи, но грешка е да се анализира дека  лошата дебата може туку-така да се сведе на еден гаф. Најголем дел од електоратот ги очекува соочувањата помеѓу кандидатите на едно интуитивно ниво кое сериозно влијае на гласачката определба – тие таму ценат како нивниот кандидат се справува со притисок, како размислува под стрес и како се снаоѓа во непријатни ситуации – елементи кои не се безначајни за политички лидер.  Оттаму, штетата која дебатата му ја нанесе на Бајден, и која го пропагираше Трамп на водечката позиција, не е нешто што ќе замине преку ноќ, туку ќе остане со Бајден до денот на изборите.

Судска одлука

Вториот настан, во изненадувачки пресврт, беше отфрлањето на случајот против Трамп за погрешно справување со доверливи документи.  Иако оваа одлука е повеќе од техничка природа, и повеќе се однесува на начинот на кој јавниот обвинител го структурирал обвинението, правните последици се неумоливи.  Дури и со обжалување на оваа одлука, нешто што јавниот обвинител веќе го најави, па дури и со обратна одлука во текот на повторената постапка, не постои сценарио во кое Трамп ќе се најде пред повторено судење пред денот на изборите. За сите потреби на неговата кампања, ова е победа.  Во високо тензичната, поделена, и запалива реторика на неговата кампања, ова секако ќе биде еден популистички и мобилизирачки слоган против неговите замислени непријатели – естаблишментот – нешто што и тоа како ќе резонира кај поголемиот дел од американската публика. 

Историската фотографија по атентатот

Третиот настан, и најзначаен – е неговата фотографија после  обидот за атентат.   Од комуниколошка гледна точка, ова е генијално, и сигурно ќе се изучува во учебниците по политички маркетинг. Имам впечаток дека таа фотка ќе му ја донесе победата. Се разбира, самиот настан е поголемата варијабла, но иконографското однесување на Трамп, историската фотографија на Еван Вучи (фотографот кој го фати моментот), може и самата по себе да се покаже доволна за победа. Мора да се признае: Вучи сликаше, но Трамп е тој кој ја направи фотографијата – и го направи тоа свесно и храбро. Како една тупаница добива избори?  Во тој момент, Трамп ѝ пркоси на смртта, во американското знаме во позадина, обезбедувањето на Тајната служба околу него со познатите наочари, крв на неговото лице, а тој,  со крената тупаница,  извикува: „борете се, борете се“. Иако е нејасно кого и против што тој повикува на борба, овој инстинктивен потег е целосно во согласност со неговата реторика на поделби и класна борба, но сега со нова итност и енергија. Скоро религиозна изгледа фотографијата – полна со симболика, мистично значење и пркос, нешто што само ќе ја енергизира јавноста во САД.  Изгледа како Трамп да поднесува жртва во крв за некоја имагинарна борба, претпоставувам  за „Америка повторно да биде голема“.   И жртвата ќе му се исплати – тој создаде иконографска историја.  Дотолку повеќе, што контрастот на линија на  слабоста на Бајден  и пркосот на Трамп, целосно оди во прилог на и онака постоечките дилеми околу тоа кој е подобро подготвен да се носи со предизвиците на претседателската функција – дебата која се затвори со една единствена фотографија.

И така, обидот за атентат скоро и да доби секундарно место – што е можеби за очекување – преживеаните ја пишуваат историјата.  А токму историски ќе бидат последиците од овој потег – тие ќе го дефинираат и неговиот мандат – обвиен во мистика и симболика, без никаква обврска кон реалноста, нешто што е совршен амбиент за секој нарцис – убедувањето дека е „допрен од божествена цел“.  Каде таа „цел“ ќе го однесе во текот на мандатот, со право стравуваме.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.