Како германските села привлекуваат работна сила?
14 октомври 2023Урнатините на замокот Розенштајн доминираат на карпата над малиот град Хојбах. Секој кој оттука ќе ги погледне околните ливади, тешко дека ќе погоди оти Хојбах е центар за производство на големи машини.
Но, Куњан Пател (30) ни кажува дека инженерите како него можат да направат одлична кариера овде, на еден час возење источно од Штутгарт. „Овде има многу интересни компании и секоја има свој стил“, вели овој Индиец.
Регионот на Источен Виртемберг е дом на 450.000 луѓе на површина двојно поголема од Берлин. Повеќе од триста компании се вклучени во производството на алати, машини и постројки.
Тој регион е еден од многуте во Германија што изгледа рурален, но е индустриски гигант. Околу 50% од БДП на Германија од близу четири милијарди евра се реализира токму во руралните средини.
Но, многу луѓе заминуваат во градовите, населението старее. Областите подалеку од метрополата затоа на секој можен начин се обидуваат да привлечат работна сила од градовите, но и од странство.
На студентите им ветуваат работа
Мигрантите, од друга страна, често се двоумат. Не потекнуваат од таму, се плашат дека во селата и градовите може да наидат на поконзервативна средина со послаб социјален живот.
Пател не се плашел од тоа. Сега работи за технологиите за осветлување Рихтер, производител на луксузни системи за осветлување со седиште во Хојбах, град со десет илјади жители. Таа компанија има 110 вработени од дури 34 земји.
Компанијата го пронашла и регрутирала Пател кога тој ја посетил компанијата со меѓународна група студенти.
Тоа помага - да се најдат странски студенти и да им се ветува работа веднаш штом ќе дипломираат, вели Маркус Шмит од Индустриската и трговската комора на Источен Виртемберг. Во спротивно, на малите компании им е тешко да донесат „готови“ експерти од странство, вели тој за ДВ.
Поинаку е со големите играчи, кои можат да си дозволат услуги на регрутери и реклами. „Во моментов ја покриваме потребата од квалификувана работна сила, меѓу другото затоа што сме активни на меѓународниот пазар на труд“, вели Георг фон Ерфа, раководител на човечки ресурси во Цајс.
Цајс се занимава со оптика, тој е гигант во областа на микрочиповите. Вработува 40.000 луѓе, а неговото седиште е во Оберкохен - град со само осум илјади жители.
На Бернд Рихтер, сопственикот на Рихтер осветлување му е потешко. Тој ги кани новите вработени во својата куќа за да се чувствуваат како дома.
Убавината на малите места
Рихтер ни вели дека за него не постојат стриктни критериуми. На пример, вработените не мора да зборуваат германски. Со текот на времето, тој го воведе англискиот како официјален работен јазик.
Тоа, се разбира, му одговара на инженерот Куњан Пател. Тој вели дека учењето германски во моментов му е најголемиот предизвик во животот. Рихтер на вработените им нуди и бесплатни курсеви .
Градоначалникот на малиот Хојбах, Џој Алемазунг, вели дека новодојдените треба да се чувствуваат прифатени во тоа место. „Кога некој зборува со мене и не ми остава впечаток дека сум поинаков, тогаш се чувствувам како да сум дома“, додава тој.
Алемазунг знае за што зборува - тој се преселил од својата татковина Камерун за да студира во Германија, пред околу триесет години. Тој вели дека предноста на едно мало место во Германија е блискоста на луѓето кои живеат таму, преку спортски, ловечки, културни и други друштва.
„Овде општествениот живот е добар“, вели инженерот Пател, кој често присуствува на локални настани. Обожава да шета по околните висорамнини.
Неговиот шеф Рихтер е задоволен што го слуша тоа. Зашто, вели, работникот ќе дојде и ќе остане на овој простор „ако навистина е задоволен и исполнет“.