1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоТурција

Како Ердоган планира да ги успие уличните кучиња

29 јуни 2024

Стотици илјади улични кучиња се движат слободно низ Турција и напаѓаат луѓе. Владата сега сака со радикални мерки да им застане на патот. Но се соочува со голем отпор.

https://p.dw.com/p/4hWqS
Türkei I Straßenhunde in Istanbul
Фотографија: Yasin Akgul/AFP

Повеќе неодамнешни напади врз луѓе од улични кучиња ја вознемирија владата. Во Адана, јужна Турција, 71-годишна фармерка била нападната од кучиња на својата нива и починала од повредите. Седумгодишно момче е тешко повредено од кучиња во Мардин. Само од 2022 година досега, околу 100 луѓе во Турција се убиени од улични кучиња, јавуваат тамошните медиуми. Турците очекуваат решение на проблемот, вели претседателот Реџеп Таип Ердоган. 

Проблемот со бездомните кучиња ја нарушува „безбедноста на луѓето“, вели Ердоган. Во руралните региони и шумските области, животните често формираат глутници, а жителите постојано известуваат дека не се осмелуваат да одат во одредени региони поради кучињата. Партијата на Ердоган, АКП наскоро ќе претстави нацрт-закон со кој ќе се овозможи масовно убивање на четирите милиони улични кучиња во земјата. Владата со планот сака да покаже дека сериозно ги сфаќа секојдневните проблеми на луѓето; АКП го припишува својот пораз на локалните избори во март, меѓу другото, и на фактот што се чини дека го има изгубено контактот со многу гласачи по повеќе од 20 години на власт. 

Вдомување пред успивање 

Според новиот закон, градските администрации треба да ги заловат уличните кучиња, да ги фотографираат и да ги објават нивните слики на Интернет. Кучињата потоа може да се огласат за посвојување. Пред да им бидат предадени на нивните нови сопственици, тие ќе се стерилизираат и вакцинираат. Ако доволно кучиња најдат сопственик „понатамошни чекори“ би биле непотребни, рече Ердоган.  

Турција Реџеп Таип Ердоган
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сака радикално да го реши проблемот со кучињата скитнициФотографија: Umit Bektas/REUTERS

Меѓутоа, ако кучето не најде нов дом, според новиот закон ќе биде успиено. Постојниот закон за заштита на животните бара уличните кучиња да се кастрираат и да се остават на улица. Турските градски администрации се обврзани да одвојат дел од својот буџет за грижа за животните. Но, тоа не се случува во пракса, вели Ѓулај Ертурк, претседателка на турското здружение на ветеринари. Парите се трошат за други намени. „Нема контрола дали законот се спроведува“, вели  Ертурк. 

Во меѓувреме, бројот на улични кучиња продолжува да расте, делумно затоа што некои сопственици едноставно одбиваат да ги кастрираат нивните кучиња. Само во Истанбул бројот на улични кучиња се проценува на 400.000. Ветеринарот Ертурк не верува во национална „кампања за евтаназија“ како онаа што ја планира владата: „Тоа ќе го реши проблемот на неколку години“.

Отпор кон владиниот план 

Уште пред повеќе од еден век, тогашната отоманска администрација во Истанбул се обиде да се ослободи од уличните кучиња откако собра десетици илјади животни и ги префрли на ненаселен остров во Мраморното Море, каде што умреле од глад. Сепак, преостанатите кучиња во Истанбул продолжија да се размножуваат. 

Кучиња скитници Истанбул
Кучиња скитници во ИстанбулФотографија: Yasin Akgul/AFP

Владиниот план сепак наидува на голем отпор. Турските ветеринари и активисти за правата на животните се здружија со опозицијата, дел од јавноста и многу познати личности. „Масакрот не може да биде решение“, изјави композиторот, писател и поранешен пратеник Зулфу Ливанели. Поп пејачот Таркан, мегаѕвезда во Турција, побара градските власти да инвестираат повеќе пари во кастрации и изградба на засолништа за животни наместо да убиваат кучиња. Може да се слушне дури и критика од таборот на владата: според извештаите во печатот, некои пратеници на АКП изразиле сомнеж за исправноста на масовните убиства. Владата сега укажува дека првичниот план би можел да се измени. Примарната цел останува да се сместат уличните кучиња во прифатилишта за животни. Само агресивните кучиња и кучињата кои страдаат од беснило треба да се еутанизираат. Ветеринарката Ертурк се сомнева дека владата се повлекува бидејќи не може да ја спроведе „кампањата за евтаназија“: 

„Турското општество нема да го прифати тоа," вели таа. 

Решение за кучињата - скитници

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема