60 години „жешка линија“ меѓу САД и Русија
30 август 2023Две светски војни веќе го погодија човештвото. А во октомври 1962 се наѕираше и трета. Тогашната комунистичка суперсила, Советскиот сојуз, инсталираше атомски ракети на територијата на Куба, неговиот карипски сојузник. И тоа на само 180 километри од Флорида, копното на капиталистичка Америка. САД го доживеаја тој потег како директна закана, и го блокираа морскиот сообраќај.
Најлошото се очекуваше најдоцна во моментот кога ќе биде урнат некој американски авион. Но, во последен момент, советскиот лидер Никита Хрушчов во програмата на Радио Москва објави дека СССР го повлекува атомското оружје од Куба. Светот здивна.
Но, остана шокот поради катастрофата која беше спречена во последен момент. Тој шок ги натера обете страни да размислат за мерки со цел зголемување на меѓусебната доверба, и покрај непријателството меѓу Москва и Вашингтон. И така е постигнат договор за воспоставување директна комуникација меѓу двата главни града.
Телефон? Телепринтер!
Десет месеци по Кубанската криза, на 30 август 1963 година, етаблирана е т. н. „жешка линија“ меѓу Вашингтон и Москва. Но, не се работеше за телефонска врска, туку за телепринтер за размена на пишани пораки. Техника која дури и за тогашните околности биле доста старомодна.
„Но, за разлика од телефоните, таа техника не можела да биде прислушувана“, вели историчарот Бернд Грејнер во разговор за ДВ.
Сигурна комуникација без можност за прислушување - тоа на двете суперсили им било многу важно.
„Тие сакале да се обезбедат дека нивната меѓусебна комуникација никој друг нема да ја прислушува, без оглед кој би можел тоа да биде“.
Тогашниот американски претседател Џон Ф. Кенеди е свесен дека без подобрена комуникација меѓу двете суперсили, нештата можат брзо да отидат во непосакуван правец.
Првата реченица испратена од САД во СССР звучи шифрирано, иако се работело само за тест:
„Брза кафена лисица скокнала преку грбот на мрзеливиот пес 1234567890.“ Но зошто испратиле таков нонсенс? Затоа што во англискиот оригинал, таа реченица ја содржела целосната азбука и сите бројки.
„Жешката линија“ на почеток воопшто не била телефон, а особено не црвен, како што тоа се претставувало во некои филмови. Во својот изворен облик, како телепринтер, линијата не била често користена.
„Неколку пати е активирана за да се испроба дали работи, но во критични ситуации кога требало да се носат одлуки, не е користена“, вели Грејнер.
Во ситуации во кои бил загрозен светскиот мир, по правило ѕвонел класичниот телефон. На пример, во текот на Шестдневната војна во 1967 меѓу Израел и неколку арапски земји, или Јомкипурската војна во 1973. Во двата наврати се заканувало избувнување на воен пожар, затоа што САД биле на страната на Израел, а СССР на арапска страна.
Технолошки иновации
Во тие драматични ситуации „жешката линија“ се воспоставувала преку сателитски телефони. Со падот на Берлинскиот ѕид во 1989, распадот на комунистичките диктатури на истокот на Европа и крахот на Советскиот сојуз во 1991, се чинело дека повеќе нема потреба за постоење на систем за рано предупредување на релација Вашингтон-Москва.
А освен тоа, со текот на времето, благодарение на технолошките иновации, особено со развојот на интернетот, се етаблираа и побрзо и посигурни можности за комуникација. Директната врска меѓу главните градови на Русија и САД одамна се извонредно модерни. А комуникациските канали за случаи на криза постојат и меѓу другите главни градови во светот.
Дали „жешката линија“ навистина била жешка и по рускиот напад врз Украина во февруари 2022, е тешко да се процени.
„Ние тоа не го знаеме, таквиот вид комуникација не се соопштува јавно“, вели историчарот Бернд Грејнер.
Помала комуникација одошто во Студената војна?
Познато е дека американскиот претседател Џо Бајден неколкупати телефонирал со рускиот претседател Владимир Путин. „Но не знаеме дали се комуницирало на средно ниво на управување, или на воено ниво“.
Дали некој вид на „жешка линја“ може да помогне и во актуелната ситуација, за војната во Украина? Грејнер е скептичен за тоа прашање.
„Проблемот е што воспоставената комуникација, особено меѓу воените сили, но и меѓу дипломатите, практично е прекината. На тоа ниво владее тишина“, вели Грејнер.
„Тоа ја прави разликата меѓу ситуацијата во која живееме денес со војната во Украина, и периодот на Студената војна“.