Израелската армија се повлече од Џенин
5 јули 2023Два дена по почетокот на големата воена акција во Џенин, во окупираниот Западен Брег, израелската армија според сопствени наводи, ги повлекла своите војници од палестинскиот град. Повлекувањето започнало во вторникот вечерта, а во меѓувреме војниците се вратени на нивните „рутински активности“ во Западниот Брег, соопшти израелската армија.
За време на почетокот на повлекувањето дошло до жестоки судири со вооружените жители, тврдат палестински извештаи. На видеа на социјалните мрежи се гледаше како на колона воени возила се фрла експлозив.
Кратко потоа, израелската армија јави дека пет ракети испалени од Појасот Газа врз израелска територија, биле успешно пресретнати од противвоздушната одбрана.
Утрово израелската воена авијација нападнала цели во Појасот Газа, како реакција на ракетната стрелба. Од палестински безбедносни извори се дознава дека бил погоден воен погон на палестинскатарадикално исламистичка организација Хамасво северниот дел на Појасот Газа, но немало повредени.
Повлекувањето на армијата од Џенин не е изненадување, со оглед што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера веќе навести скор крај на акцијата, но со дополнување дека „Израел ќе продолжи да дејствува се` додека е тоа потребно“.
Целта на израелската армија во најголемата воена операција во последните децении во Западниот Брег, како што соопшти Тел Авив, била „да се уништи терористичката инфраструктура на исламистичките екстремисти".
По повеќе воздушни удари, армијата навлезе во Џенин со околу илјада војници, водејќи повеќедневни жестоки оружени пресметки со вооружените жители. Големите воени возила предизвикаа тешки оштетувања на улиците и зградите, а целта, како што тврди армијата, им била елиминирање на експлозивни стапици. Илјадници жители го напуштија логорот, во кој била исклучена електричната струја и водата.
Израелската армија синоќа соопшти дека е убиен еден израелски подофицер, што е прва израелска жртва од почетокот на воената офанзива во понеделникот. На палестинска страна, според информации од палестинското Министерство за здравство, загинале најмалку 13 Палестинци, а повеќе од 100 се ранети.
Израелската војска во билансот на воената офанзива вбројува уништување на повеќе командни централи, магацини со оружје, работилници за производство на оружје, како и скривници на осомничени лица, освен тоа, приведени се 30 лица.
Џенин важи за упориште на милитантните Палестинци, повеќе жители од градот во изминатите години извршија смртоносни напади врз Израелци.
Вчера пак член на радикалниот Хамас, кој го контролира Појасот Газа, со автомобил влеталво група луѓе на автобуска постојка во израелскиот град Тел Авив, за потоа да нападне со нож некои од присутните, при што се повредени најмалку осум лица.