Изгаснат пожарот во нуклеарната централа Запорожје
12 август 2024Пожарот во нуклеарната централа во Запорожје е „целосно изгаснат“, изјави утрово шефот на руската администрација во окупираната украинска област, Владимир Рогов. Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат дека синоќа предизвикале пожар во системот за ладење на електраната.
„Пожарот кој избувна во разладната кула на нуклеарната централа Запорожје по нападот на украинските вооружени сили е целосно изгаснат“, изјави Рогов.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „руските окупатори го предизвикале пожарот“.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која има свои луѓе на терен, соопшти дека нема закана за нуклеарната безбедност и дека шест реактори се затворени.
„Експертите на МААЕ видоа црн чад што доаѓа од северниот дел“ на централата откако синоќа слушнаа „повеќе експлозии“, а раководството на централата ги информираше „за сомнителен напад со беспилотно летало“ на една од двете разладни кули, соопшти МААЕ.
Атомската централа во Запорожје е под контрола на руските сили од март 2022 година, непосредно по почетокот на нејзината агресорска војна во Украина. Се наоѓа во Енергодар, на брегот на реката Днепар, која е линија на фронтот меѓу руската и украинската страна.