1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Избори во САД: Кој би можел да го замени Бајден?

Дарко Јањевиќ
12 јули 2024

Претседателот Џо Бајден е под притисок да го расчисти патот за помлад, поенергичен кандидат да се кандидира против Доналд Трамп. Кој би можел да се вклучи, ако Бајден одлучи да се повлече?

https://p.dw.com/p/4iBVs
Џо Бајден
Актуелниот претседател Џо Бајден вети дека ќе продолжи со трката, но продолжуваат шпекулациите за можна заменаФотографија: Justin Sullivan/Getty Images

Првата претседателска дебата во 2024 година меѓу Доналд Трамп  и Џо Бајден  се покажа  катастрофална за актуелниот американски претседател. Бајден, кој сега има 81 година, честопати изгледаше збунето, додека неговиот 78-годишен ривал Трамп изгледаше смирено и разумно.

Ова предизвика загриженост и кај потенцијалните гласачи и кај раководството на Демократската партија. Иако раководството на партијата едногласно застана зад Бајден, а претседателот во интервју рече дека само Господ може да го поттикне да се откаже, сè уште има шпекулации за можни кандидатикои би можеле да му се спротивстават на Трамп на ноемвриските избори.

Еве кои се на најде на врвот на таа неофицијална листа. 

Камала Харис 

Потпретседателката на Бајден, Камала Харис, е најлогичен избор. На изборите во 2020 година, таа влезе во историјата како првата жена, првата личност со темна кожа и првата личност со индиско потекло (нејзината мајка е од Индија) која ја презеде должноста на потпретседател на САД.

Но, 59-годишната Камала Харис од самиот почеток имаше потешкотии да се етаблира како водечка фигура независна од Бајден. Во раните денови, ѝ беше доверена задачата околу решавањето на проблемот со масовната имиграција од Латинска Америка, што е сизифовска задача. Во сузбивањето на миграцијата, Харис целосно потфрли, што тимот од кампањата на Трамп вешто го користи против неа.

Камала Харис
Харис беше јавен обвинител во Сан Франциско пред да се кандидира за претседателФотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Од 2023 година, Харис се повеќе се залага за правата на абортус. Во март 2024 година, таа како прв потпретседател посети клиника за абортус. Како жена и дете на имигранти од Јамајка и Индија, таа успеа да ја добие поддршката од голем број црни и јужноазиски гласачи. 

Во исто време, таа продолжува да ја врши својата работа во Калифорнија како јавен обвинител, поради што делови од левицата ја напаѓаат како „полицајка“, што исто така негативно влијаеше на нејзините напори да се кандидира за претседател во 2019 година. Јавниот обвинител е позиција во САД која е комбинација на министер за правда и државен јавен обвинител.

Харис има значителна предност пред сите други кандидати за замена на Бајден. Со оглед на тоа што таа е веќе потпретседател на Бајден, таа би можела да има легален пристап до парите што двајцата ги собрале за претседателската кампања во случај на нејзина сопствена кандидатура за претседател. Собрана е сума од околу 91 милион долари (84 милиони евра). Другите политичари прво би требало да се потрудат да соберат пари. Ако не можат доволно да соберат, би биле во неповолна положба во споредба со веќе етаблираниот тим на Трамп. 

Гречен Витмер 

Гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, има 52 години и е една од најактивните во Демократската партија. Таа протурка неколку прогресивни закони во Мичиген, вклучувајќи поголеми даночни олеснувања за сиромашните семејства, подобра заштита за ЛГБТК+ заедницата, некои мерки за построга контрола на оружјето и пари за осигурување за да ја направи автомобилската индустрија во Детроит помалку штетна за животната средина.

Во 2020 година, таа се соочи со заговор од десничарски екстремисти кои сакаа да ја киднапираат и да ја изведат на суд, бидејќи мислеа дека нејзините мерки за локдаун за време на пандемијата во Мичиген биле премногу строги. 

Гретчен Витмер
Гувернерката на Мичиген, Гретчен Витмер, се судри со Трамп поради локдаун мерките за Ковид-19Фотографија: Kevin Dietsch/Getty Images

Само девет дена по апсењето на заговорниците, Трамп одржа митинг во Мичиген каде што ја повтори својата критика за политиките на Витмер за време на пандемијата и ги охрабри своите поддржувачи да скандираат: „Заклучете ја“. Ова е слоганот што поддржувачите на Трамп го извикуваа во 2016 година во изборна кампања против Хилари Клинтон.

Витмер е сè уште популарна во Мичиген, една од сојузните држави што понекогаш претежно избира демократи, а понекогаш републиканци, и веројатно ќе се кандидира за претседател на САД во 2028 година. По неодамнешното соочување меѓу Бајден и Трамп, анонимни извори тврдат дека Витмер се пожалила дека Бајден повеќе не може да победи во Мичиген.

Витмер го негираше тоа. „Горда сум што го поддржувам Џо Бајден како наш кандидат и 100 отсто сум со него кога е во прашање поразот на Доналд Трамп“, изјави таа. 

Гевин Њусом 

Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом го бранеше Бајден по ТВ соочувањето и ги отфрли повиците за негово повлекување.
„Човекот не му врти грб [на својот кандидат] само поради една единствена работа. Која партија прави такво нешто?“, праша Њусом на американската телевизиска станица MSNBC набргу по дебатата.

Гевин Њусом
Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом некогаш беше градоначалник на Сан ФранцискоФотографија: Andrew Harnik/Getty Images

Иако Њусом изгледа решен да ги игнорира шпекулациите за наследникот на Бајден, токму него често го споменуваат како можен кандидат. Овој 56-годишник потекнува од економијата и беше градоначалник на Сан Франциско, пред да стане гувернер на Калифорнија, најнаселената и една од најбогатите американски сојузни држави, по што беше реизбран на таа функција.

Но, деловните врски на Њусом и неговата политичка кариера, тимот на Трамп би можел да ги сврти против него, особено за прашања како што се раширеното бездомништво во неговата сојузна држава и порастот на кражби во продавници во Сан Франциско. 

Џ.Б. Прицкер 

Џеј Роберт „Џ.Б“ Прицкер, гувернерот на Илиноис, е роден во едно од најбогатите семејства во светот. Овој 59-годишник е наследник на имотот на хотелот Хајат, според проценките на бизнис магазинот Форбс, тој има нето богатство од околу 3,5 милијарди долари (2,78 милијарди евра). Прицкер долго време го користи своето богатство за поддршка на својата и изборната кампања на Демократската партија.

Џеј Роберт Прицкер
Милијардерот Џеј Роберт Прицкер во последните месеци употребува остри зборови за да го нападне Доналд ТрампФотографија: Joel Angel Juarez/Zumapress/picture alliance

Во 2018 година, овој милијардер стана гувернер на Илиноис. Оттогаш, тој се залага за прогресивни политики за законите за оружје, ЛГБТК+ правата, абортусот, имиграцијата и минималната плата.

Пит Бутиџиг 

Актуелниот американски секретар за транспорт, Пит Бутиџиг, беше релативно незабележлива политичка фигура пред да се кандидира за претседател во 2020 година и последователно да обезбеди место во кабинетот на Бајден. А, неговата кариера пред тоа беше многу поимпресивна. По дипломирањето на Харвард, Бутиџиг студирал на Оксфорд, а потоа работел во консултантската фирма McKinsey. За време на неговата осумгодишна кариера во американската морнарица, шест месеци бил стациониран во Авганистан, каде што бил офицер задолжен за информации.

Пит Бутиџиг
Пит Бутиџиг се бореше да го подигне својот политички профил откако стана секретар за транспортФотографија: Alan Freed/REUTERS

Во 2011 година, тој стана градоначалник на Саут Бенд, град со околу 100.000 жители во Индијана. Во 2019 година, тој беше еден од демократските политичари кои сакаа да станат претседателски кандидати, но се откажа во корист на Бајден. Тој беше еден од првите хомосексуалци што се кандидираше за претседателската функција. Со 42 години, Бутиџиг е најмладиот кандидат на оваа листа.

Џош Шапиро 

Гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро може да се пофали со голем рејтинг во неговата држава - што ќе биде клучно бојно поле против Трамп во ноември. На 51-годишникот се гледа како на двопартиски лидер, кој е за намалување на корпоративните даноци, како и за вработување на повеќе полицајци. За време на екот на пандемијата, Шапиро се сомневаше во некои од мерките за маски и вакцини. 

Џош Шапиро
Гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро се вклучи во дебатата околу пропалестинските протестиФотографија: Hannah Beier/REUTERS

По дебатата меѓу Трамп и Бајден, Шапиро призна дека Бајден „имал лоша ноќ“, додека истакна дека Доналд Трамп бил „лош претседател“.

Мишел Обама 

Поранешната прва дама Мишел Обама, сопруга на поранешниот американски претседател Барак Обама, е единствениот кандидат на оваа листа која никогаш не извршувала никаква политичка функција.  

Мишел Обама
Мишел Обама веќе помина осум години во Белата куќа како сопруга на поранешниот претседател Барак ОбамаФотографија: Jae C. Hong/AP Photo/picture alliance

Но, таа е и единствената која очигледно го надминува Трамп во анкетите на јавното мислење, доколку би се кандидирала за претседател. Според истражувањето на Ипсос од почетокот на јули, таа би освоила 50 отсто од гласовите, а Трамп би освоил 39 отсто.

Мишел Обама во неколку наврати изјави дека не ја интересира претседателската кандидатура. Но, ако американската политика досега покажа нешто, тоа е дека ништо не е толку неверојатно за да може однапред да се исклучи.