Македонија треба да врати 660 илјади евра поради злоупотреби
3 август 2023Северна Македонија ќе треба да врати 660 илјади евра за проект од 2015 година наменет за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). За овој случај Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, е дециден дека нема злоупотреби на европските фондови во ИПАРД програмата. Тој вели дека не се работи за никаков договор или предмет поврзан со ИПАРД, туку за проектот што се реализирал преку ИПА-поддршката за Министерството за земјоделство. Истрагата е веќе завршена и за случајот има конкретен предмет со конкретни правни дејства. Предметот е доставен до ОЈО за организиран криминал, а МЗШВ апелира случајот да биде комплетно расчистен.
Кој е предметот за кој постапува ОЛАФ?
„Имаме еден случај на ОЛАФ кој е завршен со препорака. Се работи за проект од 2015 година. ОЛАФ спровела постапка и констатирала дека има неправилности поради што препорачува државата да ги врати средствата. За случајот, Владата на една од последните седници донесе одлука согласно сите постапки и предметот е пратен во Обвинителството“, рече денеска (3.08) Николовски.
Тој посочи документ, според кој, ОЛАФ има завршено истрага за злоупотреба на ИПА-средства преку проект реализиран во 2015 година, а се однесува на Договор потпишан на 20 ноември 2015 година по тендерска постапка за надградба на информациски систем за земјоделство и воспоставување системи за размена на податоци меѓу МЗШВ и другите релевантни институции.
Истраги и препораки
Неодамна амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, информираше дека Европската служба против измами отворила истраги и подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотреба на европски фондови.
Во 2021 година имало најмногу отворени истраги за Северна Македонија за евентуални злоупотреби на пари од европски фондови. Според извештаите на Европската служба против измами (ОЛАФ), таа година имало 8 истраги за користењето на фондовите на ЕУ, (управувани или потрошени целосно или делумно), од кои 3 биле затворени со препораки. Лани биле отворени 4, а затворени 3 истраги, во 2020 година отворена една, во 2019 - три, а во 2018 година - две.