1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПакистан

Иран нападна цели во Пакистан, остар протест на Исламабад

СН/агенции
17 јануари 2024

Откако Иран ракетираше цели во Сирија и во Ирак, следуваа проектили врз упоришта на сунитската милитантна група Џаиш ал-Адл во соседен Пакистан. Властите во Исламабад остро го осудија нападот и се заканија со одмазда

https://p.dw.com/p/4bLdf
Иран со ракетни напади се одмаздува за терористичките напади во земјата во кои загинаа десетици лица
Иран со ракетни напади се одмаздува за терористичките напади во земјата во кои загинаа десетици лицаФотографија: Iranian Army Office/ZUMA Wire/IMAGO Images

Пакистан остро го осуди иранскиот воздушен напад во своите граници во кој загинаа две деца, нарекувајќи го „неиспровоцирано нарушување на воздушниот простор“ и заканувајќи се со одмазда. Иран го потврди нападотсоопштувајќи дека користел „прецизни проектили и беспилотни летала“ за да уништи две упоришта на сунитската милитантна група Џаиш ал-Адл во областа на селото Кох-е-Сабз во пакистанската југозападна провинција Балучистан.

Нападот доаѓа откако еден ден претходно Иран лансираше проектили врз северен Ирак и Сирија, што е последна ескалација на непријателствата на Блискиот Исток. Постои ризик војната во Газа да ескалира во поширок регионален конфликт. Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека во нападот на нивната територија биле убиени „две невини деца“ и го предупреди Иран на „сериозни последици“.

Тие го опишаа воздушниот напад како „неиспровоцирано нарушување на неговиот воздушен простор од страна на Иран на пакистанска територија“. „Уште позагрижувачки е што овој незаконски чин се случи и покрај постоењето на неколку канали за комуникација меѓу Пакистан и Иран“, се додава во соопштението. 

Урнатини во сириското село Талтета по иранскиот ракетен напад во вторникот, 16 јануари, 2024 година
Урнатини во сириското село Талтета по иранскиот ракетен напад во вторникот, 16 јануари, 2024 годинаФотографија: Omar Albam/AP/picture alliance

По нападот, нуклеарно вооружениот Пакистан „жестоко протестираше“ пред висок функционер во иранското Министерство за надворешни работи во Техеран и го повика иранскиот вршител на должноста, велејќи дека „одговорноста за последиците ќе биде директно на Иран“.

Милитантната група Џаиш ал-Адл доцна синоќа објави дека иранската Револуционерна гарда употребила шест нападни беспилотни летала и низа ракети за да уништи две куќи во кои живееле децата и жените на нејзини борци.

Минатиот месец Иран ги обвини милитантите на Џаиш ал-Адл за нападот врз полициската станица во иранската провинција Систан и Белучистан, што резултираше со смрт на 11 ирански полицајци. Џаиш ал-Адл или Војската на правдата е сепаратистичка милитантна група која оперира од двете страни на границата и претходно ја презеде одговорноста за нападите врз ирански цели.