Зошто новата влада ги крие финансиите?
26 август 2024Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро го осудува оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот и бара итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“. Тие бараат од Министерството за финансии да се овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика.
Податоците не се ажурираат
Порталот „Отворени финансии“ на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17.6.2024 година. Согласно преземените обврски во рамки на Партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат два пати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција.
„Воведување на порталот „Отворени финансии“ е една од најзначајните реформи со кои се унапредува проактивната транспарентност на државните институции. Како дел од Партнерството за отворена власт, оваа активност беше оценета како заложба со амбициозен дизајн и успешна имплементација која воведе исклучителни промени во институционалните практики“, велат од Платформата за борба против корупција.
Во спротивна насока
Тие ја потсетуваат Владата дека во предизборието беше ветено дека ќе се зголеми бројот на отворени податоци и нивно ажурирање. Со сегашната состојба на „Отворени финансии“, Платформата стравува дека процесот се движи во спротивна насока.
Ова е само еден од низата чекори кои во изминатиот период беа критикувани како обид да се избегне транспарентноста во однос на договорите и тендерите коишто ги склучуваат државните и јавни институции. По 12 години од неодамна не е достапен ниту сервисот што го нудеше Тајм.мк каде што можеа да се следат сите склучени договори. Податоците претходно беа автоматски преземани од веб-страницата на Електронскиот систем за јавни набавки, а со нивното ограничување беше оценето дека се намалува отвореноста во следењето на трошењето на државните средства.
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации објавено на 14 август, Владата падна од ланското прво место со 100 проценти активна транспарентност на 40 место со 87 проценти. Станува збор за годишно рангирање на институциите според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.