1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Екс-претседателот пред Врховниот суд – поен за Трамп

ЖА / агенции
29 февруари 2024

Врховниот суд на САД ќе го разгледува прашањето за имунитетот на поранешниот претседател Доналд Трамп. Тоа значи дека главниот судски претрес против републиканецот засега е ставен во мирување.

https://p.dw.com/p/4d0NJ
САД, Доналд Трамп
Поранешниот претседател на САД, Доналд ТрампФотографија: Chris Carlson/AP/dpa/picture alliance

Врховниот суд на САД се согласи да го испита барањето на поранешниот претседател Доналд Трамп околу неговиот имунитет од судско гонење. Судот соопшти дека ќе го разјасни прашањето „дали и, доколку е така, до кој степен,  поранешниот претседател ужива имунитет  од кривично гонење за однесување наводно поврзано со службени дејствија за време на неговиот мандат“. Судот рочиштето го закажа за 22 април. Судиите изјавија дека, со оглед на ова, судењето против Трамп, првично закажано за 4 март, за наводите за изборна измама во 2020 година, засега ќе биде ставено во мирување. На почетокот на февруари, федерален Апелационен суд го отфрли поднесеното  барање на Трамп за оваа цел, со што го отвори патот за судење поради обидите на поранешниот претседател ретроактивно да го поништи неговиот изборен пораз од актуелниот претседател Џо Бајден во 2020 година.

Бројните правни проблеми на Трамп

Трамп, кој важи за фаворит за републиканската номинација на претседателските избори во ноември, во моментов има дополнителни проблеми со судството. Минатата недела тој во граѓански процес во Њујорк беше осуден на парична казна од 350 милиони долари затоа што тој и неговите синови Доналд Јуниор и Ерик вештачки ја дуеле вредноста на семејната империја на недвижности за милијарди долари во текот на годините со цел да добијат евтини кредити од банките и поволни услови од осигурителните компании. Дополнително, минатата година беа поднесени четири кривични пријави против Трамп.

Трамп сака да го предизвика американскиот претседател Бајден на претседателските избори во ноември и врз основа на начинот на кој досега поминаа прелиминарните избори, има најголеми шанси повторно да биде  номиниран за кандидат од републиканците.  На претседателските избори на 5-ти ноември, моментално сè  укажува на уште еден  дуел меѓу Бајден и Трамп.

На Трамп му се заканува и елиминирање од изборите во Илиноис

Во средата меѓутоа беше објавено дека, по неговото исклучување од прелиминарните избори во американските сојузни држави Колорадо и Мејн, Трамп може да биде исклучен и од републиканските прелиминарни избори во Илиноис. Поради неговата улога во нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, Трамп не треба да се кандидира, пресуди судијката на округот Кук, Трејси Портер. Стапувањето во сила на нејзината одлука е одложено поради очекуваната жалба на поранешниот американски претседател. Со нејзината одлука судијката застана на страната на гласачите во Илиноис, кои сметаат дека поранешниот претседател треба да биде исклучен од прелиминарните избори на 19 март и мора да биде дисквалификуван од конгресните избори на 5 ноември, зашто дејствувал спротивно на членот од 14-тиот амандман на уставот, што значи дека на Трамп повеќе нема да му биде дозволено да ја извршува функција во САД. Трамп го отфрла обвинението за поттикнување бунт. Тој и неговите сојузници зборуваат за заговор за да се спречи неговото враќање во Белата куќа.