1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маск му доставил сметка на Пентагон за интернетот за Украина

ЖА / агенции
14 октомври 2022

Комуникацискиот систем Старлинк има есенцијално значење за украинската војска. Фирмата на Маск, Спејс-икс, испратила барање до Пентагон да партиципира во трошоците.

https://p.dw.com/p/4IC4p
Илон Маск
Компанијата на Маск бара од Пентагон да ги преземе трошоците за користење на Старлинк од страна на украинската влада и украинската војскаФотографија: Susan Walsh/AP/dpa/picture alliance

Компанијата на Илон Маск за вселенски летови, Спејс-икс, според медиумски извештаи од САД, предупредила дека не може уште долго да ги подмирува трошоците за своите сателитски интернет-услуги за Украина, кои се од витално значење за украинската војска.

„Не сме веќе во состојба да донираме натамошни сателитски услуги за Украина или да ги финансираме постојните терминали на неодредено време“, гласи цитатот од писмо на фирмата до американското министерство за одбрана во септември, кој го објави американската телевизија Си-Ен-Ен.

Компанијата на Маск бара од Пентагон да ги преземе трошоците за користење на Старлинк од страна на украинската влада и украинската војска.

Неколку дена по  почетокот на руската инвазија врз Украина  на крајот на февруари, американскиот милијардер Маск го активираше Старлинк во Украина. Системот овозможува брзи интернет врски преку сопствени сателити. Во областите во кои поради уништената инфраструктура веќе не постои пристап до мобилната телефонија и интернетот, Старлинк претставува централно комуникациско средство како за цивилите, така и за украинската војска.

Меме кучиња се борат против Русија?!

Во писмото на Спејс-икс испратено до Пентагон, е наведено дека услугата до крајот на годината ќе надмине 120 милиони долари, а за идната година трошоците би изнесувале речиси 400 милиони долари.

Во јули украинскиот врховен воен командант Валериј Залушниј испратил барање за дополнителни 8000 Старлинк-терминали, пренесува Си-Ен-Ен изводи од други документи.

Според извештај на „Фајненшл тајмс“, пак, украинските трупи во последно време регистрирале испад на системот Старлинк на линијата на фронтот, иако притоа тој игра централна улога во тековната  украинска воена контраофанзива.

Како реакција,  Маск твиташе:  „Она што се случува на бојното поле е строго доверливо.“

На почетокот на октомври Маск предизвика внимание во јавноста со свој предлог –  Украина да ѝ го отстапи Крим на Русија,  а во областите во источниот и јужниот дел од земјата да се одржи референдум под надзор на ОН, што наиде на жестока негативна реакција во Киев.