1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги затвора последните атомски централи

13 април 2023

Германија ги исклучува последните три атомски централи. За Зелените се исполнува еден сон. Во Азија пак, атомската енергија доживува ренесанса.

https://p.dw.com/p/4PoXq
Атомската централа Исар 2, Германија
Атомската централа Исар 2, ГерманијаФотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Кон крајот на март германската министерка за животна средина Штефи Лемке од Зелените со неколку зборови во Берлин стави крај на еден долгогодишен спор. „Ризиците од атомската енергија во крајна линија не може да се држат под контрола и затоа напуштањето на атомската енергија ја прави нашата земја побезбедна и спречува натамошно создавање на атомски отпад”.

Мало продолжување на атомската енергија

Претходно повторно се водеше спор околу атомската енергија. Владината коалиција всушност се беше договорила да се држи до заклучокот од 2011 година за напуштање на атомската енергија до крајот на 2022 година. Но, војната на Русија против Украина промени сѐ, бидејќи руските испораки на гас за Германија секнаа и се стравуваше од енергетски кризен случај. Канцеларот Шолц го наметна решението - продолжување на атомската енергија до 2023 година.

Повеќедецениски спор

Ретко кој спор ги поларизираше со децении луѓето во Западна Германија како тој околу атомската енергија. На 17. јуни 1961 година за првпат во електродистрибутивната мрежа енергија испорача една германска атомска централа, онаа во Кал во Баварија.

Сега и последните три германски атомски централи дефинитивно прекинуваат со работа на 15. април. Меѓу двата датума се 22.596 дена и еден куп дебати, а во меѓувреме 19 германски атомски централи испорачуваа до една третина од електричната енергија којашто ѝ беше потребна на земјата. Пред обединувањето, противењето на атомската енергија извади на улични протести стотици илјади, пред сѐ млади луѓе во 1970-тите и 1980-тите години. Во 1986 година нуклеарната катастрофа во Чернобил, во тогашниот Советски Сојуз, се чинеше дека ги потврди задршките во однос на опасностите од атомската енергија. Но, владеачките ЦДУ, ЦСУ, СПД или Либералите со децении стоеја зд употребата на нуклеарни централи.

Долго време еден од најпознатите симболи во Германија и во светот: црвеното сонце и слоганот „Нуклеарна енергија: Не, благодарам.“
Долго време еден од најпознатите симболи во Германија и во светот: црвеното сонце и слоганот „Нуклеарна енергија: Не, благодарам.“Фотографија: Tim Brakemeier/dpa/picture-alliance

Атомска енергија во Европа

Други европски земји беа побрзи со напуштањето на атомската енергија, на чело со Шведска, која кратко по катастрофата во Чернобил донесе таква одлука. И Италија тогаш одлучи да ги затвори преостанатите две нуклеарни централи. Италија не се помести од одлуката, додека во Шведска во 1996 година одлуката беше ревидирана. Денес таму шест атомски централи произведуваат околу 30% од потребната електрична енергија за земјата.

Други европски земји, како Холандија или Полска, планираат проширување на капацитетите, Белгија го поместува планираното исклучување на нуклеарките. Франција со 57 реактори отсекогаш била водечка во производството на енергија од атомски централи и тоа така и планираат да остане. 13 од 27 земји членки на ЕУ и во иднина сакаат да користат нуклеарна енергија, или дури и да ги зголемат капацитетите. Експертите се сомневаат дали тоа ќе се случи.

Прво исклучување на нуклеарка во Германија

Во Германија тогашниот министер за животна средина од Зелените, Јирген Тритин, во 2002 година протурка заклучок за напуштање на атомската енергија. Тој беше разводнет од владите кои следуваа, но страшната катастрофа во Фукушима, во Јапонија, од 2011 година, трајно ја запечати судбината на германските нуклеарки. Тогашната канцеларка Ангела Меркел одлучи дека е дефинитивно крај за атомската енергија во Германија.

Јирген Тритин: Новите нуклеарни централи не се конкурентни
Јирген Тритин: Новите нуклеарни централи не се конкурентниФотографија: Christian Spicker/IMAGO

Тритин и денес е пратеник од редовите на Зелените и во разговор со ДВ за актуелниот датум за исклучување на последните централи вели дека „тоа е важен ден затоа што така се става крај на една приказна - онаа за цивилната употреба на атомската енергија. Но, тоа не е крај на атомската енергија во Германија, бидејќи и натаму мора да обезбедиме најопасниот отпад на светот да биде сигурно складиран во следните милион години.“

Што велат заговорниците на атомската енергија?

Дали навистина тука е крај на нуклеарната енергија во Германија? Од Здружението за атомска технологија во Германија, „КернД”, за ДВ велат дека конечно збогување, со оглед на потиснатата енергетска криза, не е добра идеја.

„И во однос на климатската политика и многу незавидниот развој во производството на струја минатата година, со силен пораст на уделот на јаглен, исклучувањето на три функционални нуклеарко кои испуштаат само мали количества стакленички гасови, не е разбирливо”.

Дополнително се вели дека „ако се земат предвид сигурноста во снабдувањето со енергија, зачувувањето на животната средина и на климата, како и конкурентноста, поголемо производство на атомска енергија има повеќе смисла отколку да ја нема воопшто.“

Атомската централа Фукушима по нуклеарната катастрофа во 2011 година
Атомската централа Фукушима по нуклеарната катастрофа во 2011 годинаФотографија: Air Photo Service/Handout/dpa/picture alliance

Атомската енергија во светот денес

Според податоци на Меѓународната агенција за атомска енергија, во светот има 422 атомски реактори со просечна старост од 31 година. Актуелен извештај на Агенцијата покажува дека сепак не може да стане збор за ренесанса на атомската енергија. Во однос на светското производство на струја од атомски централи се вели дека „1996 година со 17,5 проценти го достигна највисокото ниво, во 2021 година за првпат по четири децении таа бројка падна под десет проценти”.

Јирген Тритин забележува дека никој „не сака наголемо да инвестира во атомска енергија затоа што не е конкурентна”. Изградбата на нови централи е скап потфат, често се субвенционира со буџетски средства. Постојано доаѓа до одолговлекувања и отпор спрема новите проекти.

Јапонија и покрај Фукушима сака да им се врати на нуклеарките

Пред сѐ Кина, Русија и Индија сакаат да градат нови атомски централи. Кина, каде практично нема граѓанско општество кое се противи на нови проекти, сака да изгради 47 атомски централи. Кина во моментов веќе произведува повеќе атомска енергија од Франција.

И Русија и Индија веќе имаат напредни планови за проширување во овој домен. Често се повикуваат на тоа дека користењето на атомска енергија ја штити климата, бидејќи во процесот на производство речиси и да нема емисија на јаглерод диоксид.

Дури и Јапонија сака да ѝ се врати на нуклеарната енергија и покрај земјотресот од 2001 година, кој предизвика неколку нуклеарни реактори да експлодираат еден по друг. Во тоа време сите нуклеарни централи првично беа затворени, но, малку по малку, дел од реакторите беа вратени во мрежата. Сега јапонската влада одлучи дека земјата, која е сиромашна со суровини, ќе гради нови реактори, а старите ќе работат уште 70 години. „Мораме максимално да ја искористиме нуклеарната енергија“, е мотото на премиерот Фумио Кишида. Во анкетите, по долги периоди на отпор, тој во ваквите намери наидува на сѐ поголема поддршка кај населението.