Надворешни компресори ги спасуваат хируршките клиники
6 јуни 2024По колапсот на здравствениот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, хируршките клиники се снаоѓаат како знаат и умеат. Притисокот за итни операции е голем, иако дел од товарот го понесоа и останатите болници во главниот град. Но, сепак има неодложни и сложени интервенции, за коишто се обезбедени надворешни компресори, со цел да им се излезе во пресрет на бројните пациенти.
Директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Александар Трајановски вели изјави дека со обезбедените надворешни компресори на хируршките клиники досега се изведени околу 70 оперативни зафати. Тој се надева дека работите полека ќе се враќаат во нормала по проблемот со снабдување со компримиран гас од централната компресорска станица на Клиниката и затворањето на хируршките сали.
Се работи со намален интензитет
„Работиме со намален интензитет. Ако претходно сме оперирале дневно на Клиниката за ортопедија по околу 15 случаи, сега во една сала во две смени може да поставиме максимум седум до осум случаи. Предност имаат пациенти со малигни заболувања, како и фрактури, но, секако, се оперираат и пациентите кои се на елективната листа на чекање“, вели Трајановски.
Заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева деновиве информираше дека бил постигнат договор, да работи една наместо две операциони сали, но во две смени, со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали. Таа побарала од директорите да доставуваат извештаи за сработени итни интервенции на секоја од клиниките.
Наталожени проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица неодамна доведоа до крах на здравственот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде се затворени хируршките сали. Итни, неодложни и комплицирани операции се вршат на клиниката, додека полесните случаи се препраќаат во ГОБ „8 Септември“ и Градската општа болница - Хирургија „Св Наум Охридски“.