Колку е лесен пристап до НАТО пазарот
14 ноември 2024Четири години од членството на Македонија во НАТО, се уште не е повидливо пробиен патот на македонските компании за учество на пазарот на Алијансата. Една од причините е што на тој „терен“ веќе учествуваат над 20.000 комании кои стекнале искуство многу порано и дел од нив успеале да се докажат како сигурни партнери во синџирот на снабдување. Македонските компании допрва треба да се пробиваат на тој пазар, кој може да отвори нови можности за нив.
На овој сегмент кусо се осврна министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“. Оценувајќи дека круцијалното што го добива Македонија со членството во НАТО, е колективната безбедност и безбедноста на македонските граѓани, тој ги посочи и другите придобивки од членството во НАТО, кои не се од политичко-безбедносен карактер.
„Со самото тоа што сме членка во НАТО и со зголемување на безбедноста, се отвора и ново поле во економијата, односно многу компании сакаат да инвестираат и поради таа причина, што е многу добро за нашата економија“, рече Мисајловски.
„Но, она што го добиваме од НАТО, не се само политичките моменти и она што е колективна безбедност. Се разбира, влијае и врз економијата. Многу компании може да учествуваат и на НАТО пазарот, се отвора еден нов спектар на можности “, посочи министерот за одбрана.
Скромно искуство
Овој процес засега не оди брзо. Учеството на македонските компании до пролетва бележеше неколку скромни примери - две компании кои учествувале на тендери на НАТО добиле три поединечни договори – два договори во градежниот сектор и еден договор во секторот – организација на настани. Нема податоци дали е направен нов пробив, особено што идеалот на компаниите е да добијат директен тендер, а не да бидат само подизведувачи.
Поддршката на тој пат е институционално поставена. Министерството за одбрана во 2021 година формираше Центар за поддршка на компаниите, а во 2022 во Стопанската комора беше промовиран и поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата." Со тоа, како што најави тогашната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, беше создадено цврсто партнерство помеѓу Центарот за поддршка на компании во МО, Коморите и бизнис секторот. Сето тоа со цел да се градат алатки за пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на јавни набавки за потребите на Алијансата и да ги поврзуваат македонските компании со поголеми компании кои веќе имаат активни договори со НАТО агенциите, а имаат потреба од добавувачи.
Првиот чекор кој компаниите требаше да го направат е да го поминат процесот на регистрација, односно на верификација од страна на Министерството за одбрана дека ги исполнуваат условите да настапат на НАТО пазарот. До пролетта бројката македонски компании кои се впишале во евиденцијата на економски оператори што можат да учествуваат на пазарот на НАТО беше 44. Но и тој процес не се одвиваше со брзо темпо. Во 2021 година се регистрирале само 8 компании, во 2022 – 11, во 2023 година 21, а на почетокот на годинава 4. Компаниите кои добија НАТО код/серификат за да може да учествуваат на НАТО пазарот, се од различни сектори – градежништво, прехрана, организација и настани, услуги, транспорт, трговија, преработувачка индустрија... За мобилизација и подобро информирање на домашните компании за процедурите и за пристапот до НАТО пазарот, во март годинава се одржа и НАТО- индустриски ден, на кој присуствуваа генералната менаџерка на Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО (NSPA), Стејси Камингс, и шефицата за набавки во Агенцијата за комуникации и информации (NCIA), Џенифер Аптон.
Гужва во шеснаесетникот
Но, претставници на домашни компании велат дека нашите сертифицирани компании имаат капацитет да обезбедат квалитени услуги и производи за потребите на НАТО, но оти им недостигаат повеќе навремени информации за тоа што и каде се бара, меѓуресорска координација и помош во тој контекст (од МО и МНР), некогаш и лобирање, со оглед дека „има гужва во шеснаесетникот“.
„Сосема е разбирливо, дека компании од постари земји членки одамна ја имаат натапкано патеката, се имаат пробиено на тој пазар, стекнале искуство, се потврдиле и веќе имаат голем удел во колачот. Нашите допрва треба да бараат пат да влезат таму, на веќе горе долу зафатен простор“, вели домашен стопанственик.
Постојат различни проценки колку тежи пазарот на НАТО, а бројките се движат меѓу 5 и 10 милијарди евра годишно, што го прави престижен за компаниите од земјите членки таму што повеќе да ја покажат нивната конкурентност во повеќе сектори.
За илустрација, само во 2023 година, бугарските компании склучиле договори со Агенцијата за комуникации и информации на НАТО (NCIA) и со Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО (NSPA) во вредност од над 48 милиони евра. Ова деновиве го соопшти службениот министер за економија и индустрија, д-р Петко Николов, на трибина за можностите на локалните бизниси да учествуваат во меѓународните процедури на Алијансата.
Но, евидентно е дека соседната земја има и поголем број компании сертифицирани за учество на тој пазар.
„Позитивниот резултат од нашите заеднички напори се достапни - бројот на бугарски фирми регистрирани во Базата на податоци на потенцијални кандидати за учество во меѓународните процедури на НАТО, што ја води Министерството за економија и индустрија, е над 170, а во базата на Агенција за поддршка и набавки - над 200“, изјави Николов.
„Променливата геополитичка ситуација и меѓународното безбедносно опкружување доведуваат до значително зголемување на трошоците за одбрана. Тоа се повеќе можности за претпријатијата, тоа се можности што нашата индустрија треба да ги искористи за да ја одржи својата конкурентност на светските пазари“, порача тој.