1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грипот коси - за една недела двајца починати

ДТЗ
2 февруари 2024

Најавите се дека пикот на заразени со грип ќе биде постигнат на крајот на февруари. Надлежните повикуваат на вакцинација и на заштита на ризичните групи.

https://p.dw.com/p/4bxGg
грип
Грипот коси - за една недела двајца починатиФотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Грипот коси во Северна Македонија. За една недела две лица починаа - 20 годишна девојка од Скопје, како и 36 годишен пациент од Демир Хисар, со што досега се регистрирани седум смртни случаи од оваа заразна болест од почетокот на сезоната на грип.

„Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети – хематолошки, кардиоваскуларни, обезитас и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип“, посочуваат од ИЈЗ.

Најавите се дека пикот на заразени со грип ќе биде постигнат на крајот на февруари. 

Пораст на заболените

Последните анализи на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека бројот на заболени лица од грип во државата во последната недела пораснал. Најмногу заразени се регистрирани во Дебар, Ресен, Кавадарци и Кратово.

„Во текот на четвртата недела од 2024 година од 22 до 28 јануари, пријавени се 1.834 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, 9,5 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со четвртата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,1 пати“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

грип, настинка
Најавите се дека пикот на заразени со грип ќе биде постигнат на крајот на февруари. Фотографија: Christin Klose/dpa-tmn/picture alliance

Најголем број - 982 лица се на возраст од 15 до 64 години, 342 се деца на возраст до четири години, 256 се деца на возраст од пет до 14 години и 254 случаи се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.

Според податоците на 27 центри за јавно здравје, најмногу заболени има во Скопје – 238, Битола – 196, Кавадарци – 184, а во останатите градови, бројот на пријавени е помал од 150.

Вкупниот број случаи на грип и заболувања слични на грип од почетокот на сезоната е над 7.000 лица.  Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 37,3 проценти.

„Вакцинирајте се“

Надлежните икажуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Заклучно со четвртата недела од 2024 година, во земјата се вакцинирани вкупно 61.543 лица со бесплатна или комерцијална вакцина. 

Комисијата за заразни болести неодамна препорача задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи и во домовите за стари лица и забрана на посетите во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица.

„Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на највулнерабилните, на најлесно повредливите луѓе, тоа се постарите луѓе над 65-годишна возраст, луѓето со хронични болести и нив ги повикуваме, доколку во минатиот период не завршиле со вакцинација, да се заштитат со примање на вакцина против грип“, порача претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.