Грција пред избори - фрустрација и гнев кај граѓаните
18 мај 2023По цела низа тешки кризи (економска криза, должничка криза, бегалска криза, пандемиска криза, енергетска криза), копнежот на луѓето во Грција за нормалност и стабилност е голем. Сепак, нивните надежи дека политичарите можат да им помогнат не се многу големи.
Тоа го покажуваат нивните одговори на прашањето што им го постави институтот за истражување на јавното мислење МРБ во својата анкета од 27 април 2023 година: „Кој збор најдобро ги изразува Вашите очекувања за иднината на земјата?“ Зборовите „оставка/фрустрација“ ги избрале 42,7 проценти од испитаниците, а потоа доаѓа „лутина“ (40,7 проценти). За разлика од нив, само 13 проценти имаат „доверба“. Речиси две недели пред изборите, анкетите покажуваат дека граѓаните имаат мала доверба во конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис, а во најголемата опозициска партија на екс-премиерот Алексис Ципрасверуваат уште помалку.
Конзервативците водат во анкетите
Анкетите се популарен инструмент во Грција - понекогаш тие служат и како „оружје“ во политичките дебати. Се објавуваат по неколку истражувања неделно, често неофицијално нарачани од политички партии. Партиите и новинарите многу сериозно ја сфаќаат секоја флуктуација, а резултатите од анкетите често завршуваат на насловната страница на весниците.
Во сите анкети, владејачката конзервативна Неа Дeмократија (НД) има повеќе или помалку тесно водство - и тие тоа го слават. Во зависност од тоа за кој институт за истражување на јавното мислење се работи, НД добива помеѓу 29 и 32 отсто од гласовите, СИРИЗА (коалиција на радикалната левица) - 24 до 27 отсто. На трето место е социјалистичкото ПАСОК (Панхеленско социјалистичко движење) со 8,5 до 11 проценти, а потоа ККЕ (комунисти) со 5,5 до 7 проценти. Партијата МеРА 25 (DiEM25) на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис заостанува со 3,5 до 4,5 отсто. На дното на табелата се двете крајно десничарски партии - Грчко решение, потоа десничарска партија слична на германската АфД, како и наследничката на неонацистичката Златна зора, секоја со околу три проценти. Десет проценти од гласачите сѐ уште не одлучиле. Изборниот праг за влез во парламентот во Грција е три проценти.
Мали шанси за формирање влада
Доколку анкетите не се погрешни - што се случи неколкупати во последните години - шансите за формирање влада по изборите се многу ограничени. Веројатно ниту една партија нема да може сама да владее. Наместо тоа, ќе треба да се формира владина коалиција.
Премиерот Мицотакис јасно стави до знаење дека не го сака тоа. Затоа тој смета на второ гласање, но со поинаков изборен систем. СИРИЗА, од друга страна, сака да се обиде да создаде таканаречена „прогресивна коалиција“. Лидерот на партијата Ципрас би сакал да владее заедно со социјалдемократите од ПАСОК, но на двете партии ќе им требаат 151 од 300 места во парламентот, што е прилично малку веројатно во моментов.
Мистериите на грчкиот изборен закон
Во Грција многу често се менува изборниот закон, но, според Уставот, секоја промена се применува само по следните избори. На изборите на 21 мај, за првпат нема да има бонус за најсилната партија, бидејќи владата на СИРИЗА, која беше на функција до 2019 година, го укина ова правило. Актуелната владејачка партија Неа Демократија повторно го воведе бонусот. Но, тој нема повторно да стапи на сила на претстојните избори, туку изборите по нив. Победникот потоа ќе добие 50 дополнителни мандати. Со поглед на оваа промена во изборниот закон, Мицотакис се надева дека по изборите на 21 мај нема да се формира влада и затоа ќе бидат закажани нови избори за 2 јули, кои сака да ги добие со помош на бонус-мандатите.
Доколку НД и во тој случај не добие апсолутно мнозинство, конзервативците сакаат да одат на избори повторно во септември. Се надеваат дека стравот на граѓаните од неможност да се владее ќе доведе до тоа мнозинството да гласа за НД.
Владата ветува стабилност
Неа Дeмократија веќе предупредува oд „хаос“ доколку не може да продолжи да владее. Со изборниот слоган „Стабилност – смелост – напред“ лидерот на партијата Мицотакис се обидува да ги убеди гласачите дека тој е вистинската личност за економски успех на земјата. Ветува зголемување на платите, функционална држава и подобар здравствен систем.
За време на неговото владеење 2019-2023 година, Мицотакис успеа да привлече инвеститори во Грција, да ја поттикне дигитализацијата и да избегне жестока расправија со соседна Турција. Тој, исто така, подели и многу пари на бизниси и семејства во форма на програми за поддршка поради пандемијата и високите цени на енергијата. Но, ефективноста на неговата влада за време на пандемијата, пожарите во 2021 година и енергетската и инфлациската кризи во 2022 година беше ограничена.
Железничка несреќа и афера со прислушување
Нејзините постапки по катастрофалната железничка несреќа во Темпи, на почетокот на март 2023 година, беше уште полош. Во несреќата загинаа најмалку 57 луѓе. Стотици беа повредени. Друг минус во владиниот биланс е апсолутниот застој во истрагата за аферата со прислушувањето. Власта успеа со помош на екстремно провладините медиуми да го минимизира сериозниот скандал со прислушувањето. Само Европскиот парламент, неколку новинари и Никос Андрулакис, шефот на ПАСОК, кој беше најистакнатата жртва на прислушувањето, сѐ уште инсистираат на разјаснување.
Секако, СИРИЗА не пропушта да го нападне Мицотакис поради аферата со прислушувањето и нејзиното прикривање. Главниот слоган на најголемата опозициска партија е „Правда насекаде“, со што се претставува како застапник на малите луѓе. Алексис Ципрас се обидува да ги убеди граѓаните дека „коалицијата на прогресивни сили“ може да ја води Грција низ тешките времиња на енергетска криза, инфлација и климатски кризи подобро од владата на Мицотакис, која „се грижи само за своите пријатели и малкутемина богати во земјата.“
Валкана борба наместо судир со аргументи
Сè уште не е јасно дали и кој на крајот ќе стигне до доволно гласови од граѓаните за да формира влада по изборите. Од друга страна, веќе е јасно дека поларизацијата на грчкото општество ќе се зголеми, меѓу другото и поради многу ниското ниво на политичка дебата. Во јавната дискусија со месеци доминираат скандали, лажни вести и валкани борби. Особено на социјалните мрежи речиси и да нема простор за размена на аргументи. Сѐ повеќе луѓе мислат дека „сите политичари се еднакви“ - а тоа не говори во прилог на висока излезност на изборите на 21 мај.