1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ги читаат ли македонските власти бугарските писма до САД?

5 септември 2023

Една предлог резолуција во САД предизвика дополнет список од бугарско негирање на што било македонско и тоа во еден крајно сензитивен период.

https://p.dw.com/p/4VyaO
Македонско-бугарскиот спор се сели во американскиот Конгрес
Македонско-бугарскиот спор се сели во американскиот КонгресФотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance

Бугарското „Здружение на потомците на бегалците и преселените од територијата на Северна Македонија“ се обратило до Конгресот на САД по повод „Неточности за минатото на географскиот регион Македонија во нацрт-резолуцијата (S.Res.311) поднесена до Конгресот на САД, со што се загрозуваат добрите партнерски односи меѓу САД и Бугарија“.

Обраќањето следи откако по иницијатива на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Браун, пред Сенатот предложил резолуција со која се предлага септември 2023 година да биде прогласен за „Месец на македонско-американското наследство“ - да се слават македонскиот јазик, историја и културата на македонските Американци и нивниот неверојатен придонес за САД.

За попречување на оваа инцијатива прво се мобилизираше бугарската прекуокеанска заедница, а по бројни реакции во Бугарија уследи и обраќањето на ова бугарско Здружение. Негов копретседател е д-р Спас Ташев од Институтот за население и хумани студии при Бугарската академија на науките (БАН). Тој пред еден месец критикуваше дека битката против оваа предлог резолуција ја водат само бугарски невладини организации во САД, бидејќи немало никаков став од Народното Собрание а редно било да има, барем од парламентарната комисија за пријателство со САД.

Додека македонските власти сѐ уште молчат за бугарскиот атак врз оваа предлог резолуција, медиумите веќе ја пренесоа изјавата на шефицата на бугарската дипломатија - дека знае за резолуцијата уште од првиот ден на нејзиното предлагање, дека презеле дејствија, има голема активност во САД и ќе направат сѐ таа да не биде прифатена.

Ниту македонската влада, ниту друг официјален македонски претставник не реагирал досега на бугарскиот напад врз предложената промакедонска резолуција во американскиот Сенат
Ниту македонската влада, ниту друг официјален македонски претставник не реагирал досега на бугарскиот напад врз предложената промакедонска резолуција во американскиот СенатФотографија: Petr Stojanovski/DW

Немало регистрирани Македонци 

Обраќањето на Здружението открива цела плејада негирање на било што македонско во еден крајно сензитивен период - кога македонските власти се обидуваат да најдат двотретинско мнозинство за уставни измени, со кои и Бугарите ќе бидат впишани во Уставот. Тезите во обраќањето не навестуваат дека тоа ќе донесе поголема доверба во добрососедските односи. На почетокот, во него се негира податокот дека десетици илјади Македонци заминале во САД во 80-тите години на 19. век, а други во виорот на Балканските војни 1912-1913 година, за време на Првата и Втората светска војна, на Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 година, но и во времето на СФРЈ.

„По по 80-тите години на 19. век, не беше можно да има етнички Македонци во САД, бидејќи постоењето на такви не беше регистрирано во самата географска област на Македонија (...) До 1912 година, до кога Отоманската империја владее со географскиот регион Македонија, имало над 1.300 бугарски цркви со 73 бугарски манастири, 7 бугарски епископи и 1.310 бугарски свештеници, како и 1.370 бугарски училишта со 2.266 учители. Во исто време, ниту едно ‘македонско' училиште или црква не постоело, ниту еден етнички Македонец не бил регистриран“, се вели во текстот, и се потенцира дека во тој период името „Македонци“ не било со етнографско, туку со географско значење.

Притоа се повикуваат на податоци од последниот попис во 1906 година на Отоманската империја, според кои, вкупниот број Бугари изнесувал 762.754 луѓе а во исто време тие го претставувале и мнозинството од населението на поголемиот дел од територијата што денес е дел од Северна Македонија. Според нив, документи покажале дека до 1944 година во регистрите за имиграција и во пописите на населението во САД, мнозинството од родените во Македонија биле евидентирани како Бугари, со бугарскиот како мајчин јазик. Како аргумент се посочува и дека најстарата македонска организација во светот е Македонската патриотска организација (МПО), основана во Форт Вејн, САД, во 1922 година, од иселеници кои се декларирале како Бугари, а нивниот весник ‘Македонска трибуна' е на литературен бугарски јазик. 

Наследници на делото на ВМОРО 

Потписниците на обраќањето го спорат и делот во предлог резолуцијата каде било посочено македонското Илинденско востание од 1903 година, со став дека тоа не ја опфаќало само територијата на Македонија, туку и на Одринска Тракија каде никогаш не живеел ниту еден Македонец (напишано во наводници). За востанието се вели дека било дигнато од Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО), а востанието опфатило области на сегашната територија на Република Бугарија (Благоевградска, Смолјанската, Крџалиска и делови од Пазарџик, Пловдив, Хасков и Бургас), сите со површина приближно колку и територијата на денешна Северна Македонија. Заради тоа Бугарија ги имала сите основи да биде главен наследник на делото на некогашната ВМОРО, дотолку повеќе што „единствено во Бугарија нејзините идеи останале неизопачени".

Предлог-резолуцијата за промовирање на американско-македонското пријателство ги вознемири бугарските здруженија во САД
Предлог-резолуцијата за промовирање на американско-македонското пријателство ги вознемири бугарските здруженија во САДФотографија: Government of North Macedonia

На сенаторскиот тим му посочуваат дека концептот за присуство на етничките Македонци бил развиен во Србија во втората половина на 19 век и имал основна цел да послужи како преодна фаза кон денационализацијата на македонските Бугари и нивното постепено доближување кон Белград.

„До 1944 година, носителите на идејата на македонизмот се ништожно малцинство, главно меѓу комунистичките средини. Од таков карактер се и првите македонистички пројави во САД. Бидејќи македонскиот јазик во тоа време не постоел, нивните документи исто така се напишани на литературен бугарски јазик. Нивната активност е финансирана од советските, бугарските и југословенските комунисти, поради што на 5 декември 1947 година, Министерството за правда на САД објави список со имиња на 90 организации кои американската влада ги смета за антидржавни и нелојални кон идеите на слободата и демократијата. На тој список потпаѓа и Македонско-американскиот народен сојуз и неговото издание весникот „Народна волја“, кој е првиот и во тоа време единствен пропагатор на македонизмот (...) На овој начин од САД се протерани малцината македонисти кои никогаш не пишувале на ‘македонски', туку на литературен бугарски јазик, поради што немале никаков ‘неверојатен придонес за САД', туку ја разурнувале американската демократија“, се вели во обраќањето до сенаторот. 

Во него, помошта за основањето на првата македонска организација на американскиот континент (во 1959 година во Торонто) му е припишана на диктаторот Тито, а организацијата која подоцна го усвоила името Обединети Македонци е опишана како производ на бугарскиот државен нихилизам, наметнат преку притисок од Москва и југословенската пропаганда. 

Отворен Балкан - доказ" за зависност 

Оспорувањето на предлог резолуцијата не завршува со ставовите за периодот на СФРЈ, туку и за денешницата.

„По 1991 година, кога формално беше прогласена независноста на денешна Северна Македонија, комунистичката компонента во идеологијата почна да отпаѓа, но остана зависноста кон Србија. На спроведениот референдум беше поставено двосмислено прашање, во кое за идната држава се предвидуваше „право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“. Во денешно време таа перспектива се изразува во тоталното наметнување на идејата Северна Македонија да биде дел од српскиот проект „Отворен Балкан“, откако со помошта на Кина се гради единствено комуникациска инфраструктура на север кон Србија. Како резултат на сето ова, денес политичкиот систем во Скопје функционира во услови на сѐ порастечка зависност и тотална контрола од Србија", пишуваат од Здружението до сенаторот Мајкл Браун, предлагач на резолуцијата.

Иницијативата „Отворен Балкан“- трн во око на бугарската дијаспора во САД
Иницијативата „Отворен Балкан“- трн во око на бугарската дијаспора во САДФотографија: Government of Montenegro

На крајот од обраќањето, од Здружението велат оти сметаат дека тимот на сенаторот бил доведен во заблуда од страна на Обединетата македонска дијаспора, која ја ословуваат како „таканаречена“ организација, создадена со соработка на властите во Скопје, а која долго време се обидувала да ги игнорира придонесите на македонските Бугари кои емигрирале во Америка пред Втората светска војна. Здружението приложило и два документа на Македонските патриотски организации, кои давале информации за тековните политичките процеси и репресиите по 1944 година.

„Со оглед на изнесените факти, апелираме предлог-резолуцијата да биде отфрлена поради содржаните фалсификати и манипулации, со кои се нанесува навреда на бугарскиот народ и се отвора патот кон дестабилизација на Централниот Балкан. Апелираме меѓународната демократска заедница да ги поддржи демократските средини во Северна Македонија, да се создадат демократски медиуми независни од Белград, во кои ќе може слободно и без предрасуди да се дискутираат прашањата поврзани со минатото, сегашноста и иднината на Скопје, откако ќе се прекинат злобните југословенски тоталитарни практики наследени од минатото и конечно да се постигне национално помирување“, се вели на крајот од обраќањето.

Претходно, потписниците го потсетуваат сенаторот и неговиот тим потенцираат дека ова е трета по ред иницијатива, откако две претходни предлог-резолуции (од 22.10.2021 г и 13.09.2022 година) биле отфрлени од Претставничкиот дом и Сенатот на САД, „поради фалсификатите и манипулациите што ги содржеле, поврзани со минатото на географскиот регион Македонија".

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи